ЧЕСТИТКА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ПЕЦАКОВ ПО ПОВОД 11 ОКТОМВРИ
- октомври 11, 2023
- 0
По повод 11 Октомври, Денот на народното востание на Република Македонија, градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков упати честитка до своите сограѓани.
-Нека ни е честит 11 Октомври, Денот на народното востание со кое нашиот народ на најдобар можен начин го докажа својот државотворен капацитет и право на изградба на самостојна, суверена и слободна држава. Со 11 Октомври и НОБ застанавме на страната на антифашистичката коалиција. Граѓаните на Македонија знаеја да го изберат доброто наспроти злото, правдата наспроти неправдата и да застанат против фашизмот како едно од најголемите зла во човечката историја. Денес, после многу години не бледнее споменот на 11 Октомври, живо е сеќавањето на сите оние кои застанаа наспроти моќната фашистичка армада и го положија својот живот на олтарот на татковината. Слободата и мирот кои ни ги оставија нашите предци нема да дозволиме никогаш да ни бидат одземени и загрозени. Придобивките од македонската револуционерна борба не обврзуваат сите да продолжиме да ја градиме нашата татковина како современа, демократска и правна држава во која секој граѓанин ќе има еднакви можности да креира пристоен и примерен живот за себе и за своето семејство – стои во честитката на градоначалникот Пецаков по повод националниот празник 11 Октомври.