ЧЕТВРТО ИЗДАНИЕ НА АТЛЕТСКИОТ ВИКЕНД „ОХРИД ТРЧАТ“
- август 26, 2020
- 0
Професионални атлетичари, рекреативци и љубители на спортот од нашата држава и од регионот, ќе бидат дел од четвртото издание на спортскиот атлетски настан „Охрид Трчат”, кој викендов ќе се одржува во Охрид.
Организатор на оваа тридневна спортска манифестација е атлетскиот клуб „Охрид Трчат“ со поддршка на Општина Охрид. Целокупната програма, условите и прописите на трките ќе бидат во согласност со сите утврдени мерки и протоколи за превенција од вирусот „КОВИД 19“.
Според програмата, предвидени се две трки, кои ќе се одржат во недела на 30-ти август. Покрај трката од 5 километри, оваа година за прв пат ќе биде органиизран и полумаратон од 21 километар.
Трката на 21 километри е тркачкиот професионален дел од настанот и е наменета за активните рекреативци и професионални атлетичари, а трката на 5 километри претставува рекреативна трка која е наменета за сите возрасти и која има за цел да го афирмира трчањето и да го промовира здравиот начин на живот.
За време на атлетската манифестацијата, на 30-ти август во периодот од 07:00 до 10:30 часот ќе биде организиран посебен сообраќаен режим во градот и ќе бидат затворени за сообраќај дел од уиците во централното градско подрачје. Ораганизаторите упатуваат апел до граѓаните на Охрид и туристите кои престојуваат во градот да покажат разбирање и да го поддржат одржувањето на настанот.