Со свечен настан  што се одржа во спомен куќата на Христо Узунов,  денес Општина Охрид  ја одбележа 150 годишнината од раѓањето на Кирил, синот на Григор Прличев,  познат македонски револуционер, публицист, новинар,  идеолог и учител.

 Во рамки на случувањето пред присутните се обрати  Претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиноски.

Kiril-Prlicev20250228002– Денес гордо се  поклонуваме по  повод 150 години од раѓањето на Кирил   синот на Григор Прличев истакнат македонски револуционер, учител, новинар, публицист, писател и преведувач.  Кирил е од редовите на оние охридски револуционери  како што се  Христо Узунов и Методи Патче   кои несебично се вложуваа себе си   за денес ние да   уживаме во благодетите на слободна и самостојна Македонија.

Токму затоа што и да се каже за овој великан е  премало, сувишно, а споменот за него ќе остане вечен.  

Во колективната маморија на македонците Кирил Прличев нема да остане запомнат само како револуционер туку и како  сестран општественик кој до своите пензионерски денови работи во Охридскиот музеј и ги открива моштите на словенскиот светител и просветител Климент Охридски. 

 Повеќе од очигледно дека Прличевата лоза и се што е врзано со неа оставила силен печат во охридското и македонско време испишувајќи битни делови во македонската култуара и историја. Ако по книжевниот великан Григор  кој со Сердарот ги затвори злите усти на светските елити кои меѓусебе шепотеа за  достигнувањата на скромниот охриѓанец и покажа дека духовната слобода е наша,  тогаш неговиот син Кирил докажа дека ние мора и територијално да биде саамостојни и свои. 

 И  кога се раѓаат вакви великани како што е Кирил Прличев тогаш помеѓу двете дилеми, да се има или да се биде секогаш се избира второто,  ДА СЕ БИДЕ и по цена на својот живот. Зошто луѓе од ваков калибар задоени со вредностите на македонскиот јазик и слово не размислуваат за личните туку интересите на својата татковина Македонија.  Ова се ретки примери на луѓе со револуционерен дух кои се свесни за силината на знаењето,  затоа што „Во тајната на зборовите е заклучена тајната на Светот.“

Затоа денес и секој нареден ден се заблагодаруваме на сето она што за нас го направил големиот Кирил Прличев – подвлече Божиноски.

Свое обраќање имаше и неговиот внук што го носи неговото име Кирил.

Преку драмата „Борба за иднината“  беа претставени  блиски сцени помеѓу Григор и Кирил Прличев, неговото револуционерно и учителско дело. Изведувачи беа  учениците Андреј Цветкоски, Давид Целески, Мартин Мацкоски, Елена Павлеска, Симеон Костадиноски, Јон Ѓоргиевски, Димитар Велкоски, Анастасија Треноска и Анастасија Атлесенко, а под менторство на професорот по историја Михаил Патчев.

Пред присутните музичка точка со инструментална изведба на македонски песни имаа и професорот Љупчо Аслимоски и Кирил Белистојаноски.