ВИЦЕ ПРЕМИЕРОТ ДИМОСКИ ВО РАБОТНА ПОСЕТА НА ОХРИД
- септември 18, 2024
- 0
- Категорија:
Владата на Р. Македонија заедно со општините и останати инволвирани страни ќе работат на изготвување на Стратегија за управување со кризи со цел поподготвено и поефикасно справување со пожари и други елементарни непогоди, ова беше истакнато на работната средба меѓу градоначалникот Кирил Пецаков и Вицепремиерот и министер за политички системи , Љупчо Димоски кој денес е во работна посета на општина Охрид
– Стратегијата најверојатно би била готова за две години. Но на неа ќе почне да се работи наредниов период и тoa ќе ни помогне многу подобро и поорганизирано да се справиме во случај на опожарување во наредното лето споредено со годинашното. Токму затоа се и овие работни состаноци како денешниов, да ги согледаме пропустите на досегашниот систем за справување со кризи кој очигледно се покажа како нефункционален. Ќе се формира ново работно тело за справување со кризи во кое покрај досегашните ќе се вклучат и други институции. Се разгледува и можноста за соединување на Центарот за управување со кризи – ЦУК и Дирекцијата за заштита и спасување. Најверојатно ќе има измени во десеттина закони, а се настојува да се донесе и Закон за пожарникарство. Сето ова е со намера побрзо и со помали штети да се справиме при пожари, поплави или која и да е друга елементарна непогода– посочи Димоски.
Градоначалникот Кирил Пецаков рече дека ваквите средби се многу добри, на нив се сумираат резултатите од годинешното справување со пожарите и што во иднина, како „побезболно“ да се справиме со нив.
– Општината секогаш издвојувала средства за ТППЕ, од буџетот за наредната година ќе бидат издвоени дополнителни средства за набавка на дополнителна опрема за противпожарната единица – рече Пецаков
На денешната работна средба присуствуваа и претстравници од ТППЕ, од Националниот парк „Галичица“, од планинарската спасителна служба и претставници од Локалниот штаб за заштита и спасување на Општина Охрид. Сите тие дадоа свои предлози и мислења кои преку градоначалникот Пецаков ќе бидат доставени до новото работно тело за справување со кризи.