Синоќа во Охрид, свечено беше отворено 12-то издание на Охридскиот хорски фестивал.
Хористите од 28 хорови од 7 европски земји ги поздрави заменик градоначалникот на Охрид, Ристо Николески.
– Почитувани учесници на 12 хорски фестивал, ви посакувам срдечно добредојде и пријатен престој во Охрид , градот на светлината, културата и писменоста со убавина „незбрчкана“ од времето. Таа се гледа во црквите и манастирите, по к’лдрмата на старата охридска чаршија и тесните сокаци во стар град. Полека но сигурно охридскиот хорски фестивал зазема се посигурно место на културниот календар во Охрид и заедно со „Охридско Лето“ и „Балканскиот фестивал на народни песни и игри“ станува препознатлив бренд на градот. Затоа почитувани хористи од Данска, Хрватска, Полска, Турција, Унгарија, Србија и Романија огромна е честа да бидете дел од ова фестивалско издание преку кое вие со своите настапи ја претставувате културата од матичната земја. Искрено ви посакувам да имате успешни фестивалски денови, а до организаторите упатувам благодарност што преку овој настан ни овозможуваат културно воздигнување со впивање на звуците од духовната музика, поп и фолк настапите. На крај ви посакувам секој слободен миг од неколкудневниот престој во Охрид да го искористите за посета на црквите и манастирите. Најдете време да испешачите до Самуиловата тврдина или Св. Јован – Канео, а во тивките ноќи кога ѕвездите се капат во бистрите води напијте се кафе крај езерскиот брег- рече Николески.
Фестивалот трае четири дена . Концертите со натпреварувачки карактер како и концертите на духовна , поп и фолк музика ќе се одржуваат во хотелот Инекс – Горица и во католичката црква „ Св. Кирил и Методиј“. Влезот за фестивалските ноќи е слободен.
Настанот е во организација на Охридскиот хор, а со поддршка на Општина Охрид. Истиот ја збогатува туристичката разгледница на градов и привлекува голем број посетители од земјава и странство пред официјалниот крај на летната туристичка сезона.