На 18 –ти јануари (сабота), ден пред големиот христијански празник Богојавление – Водици во куќата на Уранија со почеток во 19 часот ќе биде врачена Светската награда за хуманизам на годинешниот добитник, академик Георги Старделов.

Старделов е четринаесеттиот добитник на ова престижно светско признание, а прв од нашава земја.  Наградата ќе му ја врачи градоначалникот на Охрид,  Константин Георгиески,  во присуство на поголема меѓународна асемблеја на гости, меѓу кои и претставници и градоначалници од збратимените градови на Охрид од Европа и градовите под покровителство на УНЕСКО. Истата вечер, со посебно признание ќе му биде оддадена почит на неодамна починатиот бугарски академик Светлин Русев, добитник на Светската награда за хуманизам во 2014 година, автор на спомен обележјето „Охрид – Центар на светскиот хуманизам“, коешто  годинава ќе биде свечено поставено  на плоштадот „Долна Порта“.

Пригодни беседи за Старделов ќе одржат Јордан Плевнеш и Жан-Патрик Конрад, професор на Ројал колеџ од Лондон и претседател на Европската академија на науките, уметностите и книжевностите.

Организатор на настанот е Охридската академија на хуманизмот, со поддршка на Општина Охрид.

 

ПРОГРАМА (pdf)