Во куќата на „Уранија“, денес, започна 8. Интернационална конференција „Охрид – Водици“ 2020, на тема „Современи предизвици за заштита и управување со природното и културно наследство“. На почетокот на конференцијата, свои обраќања имаа градоначалникот на Охрид, Константин Герогиески, претседателот на комитетот на конференцијата, проф. др. Рубин Земон и министерот без ресор задолжен за дијаспора и претседател на Националната комисија за УНЕСКО, Едмонд Адеми.
Во своето излагање градоначалникот Константин Георгиески, истакна дека оваа тема е постојано актуелна.
– Овогодинешната тема на конференцијата, не само што сега е актуелна, туку тоа е постојан предизвик. Заштитата и управувањето со природното и културно наследство е во постојан фокус на општина Охрид. Чекорите и мерките кои моментално ги преземаме, се во корелација со препораките од УНЕСКО, а нашата намера за постојано унапредување на заштитата е веќе препознаена од меѓународните институции, – истакна градоначалникот Георгиески и додаде дека очекува од учесниците на конференцијата да произлезат позитивни идеи во насока на унапредувањето на заштитата и управувањето со природното и културно наследство.
Министерот Едмонд Адеми, потенцираше дека е неопходна потребата од заштита на природното и културно наследство, особено за охридскиот регион.
– Најголемиот предизвик пред кој се наоѓа секое развиено општество е токму заштитата на природното и историското наследство што го поседува. Тоа не е опција, туку обврска и должност. Покрај евроатлантската интеграција, УНЕСКО стана еден од клучните политички приоритети на државната надворешна политика. Свесни сме за придизвиците со кои се соочуваме околу сочувувањето на статусот на охридскиот регион во УНЕСКО, што е еден од највиските приоритети на Владата, рече Адеми притоа посочуваќи ги преземените чекори во таа насока, согласно Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство и препораките на УНЕСКО, рече министерот Адеми.
Професорот Рубин Земон, посочи дека потребно е поголемо вклучување на научната мисла во справувањето со овие предизвици.
Имаме доста активен невладин сектор и политики на локално и државно ниво, но некако она што недостасува е придонесот на научната мисла во справувањето со проблемот. Преку овој собир се обидуваме да придонесеме за повеќе да ја вклучиме науката во справувањето со предизвиците. Секој од учесниците доаѓа тука со свои трудови, така што сметаме дека од тие презентации ќе произлезат некакви препораки што потоа би биле доставени до надлежните институции како насоки за понатамошно делување, рече Рубин Земон.
На овогодинешната Интернационална конференција „Охрид – Водици“ 2020 учество ќе земат 36 експерти, научници, стручни работници, уметници, политичари од десет земји, кои преку своите искуства, знаења и истражувања ќе се обидат да дадат придонес кон осветлувањето и решавањето на одредени прашања и проблеми.