На годинашните „ Прличеви беседи што ги организираа Општина Охрид, националните установи Центар за култура, Библиотека и основното училиште што го носат името на великиот Григор Прличев и Друштвото на писателите на Македонија се одржаа бројни настани со кои се чествуваше ликот и делото на ловороносецот Григор Прличев.
Манифестацијата започна со одбележувањето на патрониот празник на ООУ „Григор Прличев“, каде беше положен ловоров венец на бистата на поетот што се наоаѓа во дворот на училиштето, а потоа на неговиот гроб, што се наоѓа во дворот на црквата „Св. Богородица- Перивлепта“ беше положено свежо цвеќе и се одржа панахида во чест на Прличев.
Ловоров венец и свежо цвеќе беа положени на спомен- бистата на Прличев што се наоѓа пред библиотеката што го носи неговото име, а градоначалникот Константин Георгиески им ги додели признанијата на првонаградените ученици Виктор Милевски и Даријан Ангелоски кои победија на годинешниот ученички литературен конкурс, кој по повод патрониот празник го распиша ООУ „Григор Прличев“.
За ликот и делото на ловороносецот, пред неговото спомен- обележје, беседа одржа Мерсиха Исмајловска член на Друштвото на писателите на Македонија.
Во рамките на свечаностите беше промовирана книгата „За Прличев и неговиот ХIХ век“ од д-р Вера Стојчевска- Антиќ. За книгата зборуваа промоторот проф. д-р Димитар Пандев и приредувачот м-р Милчо Јованоски. Издавачи на книгата се Министерството за култура, Општина Охрид и НУ Библиотека „Григор Прличев“.