ЛЕГЕНДИТЕ НА ЦРВЕНА ЅВЕЗДА НА ПРИЕМ КАЈ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОНСТАНТИН ГЕОРГИЕСКИ
- мај 21, 2021
- 0
- Категорија:
Градоначалникот Георгиески, денес, во својот кабинет ги прими фудбалските легенди од поранешната Југославија, Бошко Ѓуроски, Станислав Кaраси, Јован Аќимовиќ и Милош Шестиќ. Во Охрид деновиве ќе престојуваат повеќе од 40 поранешни фудбалери, како и членови на управата од клубот „Црвена Ѕвезда“.
Предвидено е во сабота на Градскиот плоштад во Охрид, точно на пладне гостите да пристигнат со клупскиот автобус и да остварат неколку часовно дружење со фановите, додека за 18 часот е закажан ревијален натпревар помеѓу ветераните на Црвена Ѕвезда и ветераните на фудбалскиот клуб Охрид. Натпреварот ќе се одигра на фудбалскиот стадион „Билјанини извори“.
Иницијатор на средбата е Здружението на фудбалски ветерани на ФК Охрид, каде членови се дваесеттина првотимци од сите генерации на клубот. Гостувањето се поклопува со јубилејот што го одбележува ФК Охрид кој оваа година прославува стогодишнина од формирањето на 18-ти април 1921 година.
Во знак на благодарност гостите на градоначалникот му подарија дрес од фудбалскиот клуб Црвена Ѕвезда, a Станислав Краси му подари беџ од клубот.