ЗДРУЖЕНИЕТО „МОБИЛНОСТ“ ОДБЕЛЕЖА 33 ГОДИНИ ОД ПОСТОЕЊЕТО
- ноември 12, 2021
- 0
Здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност“ денеска со традиционален собир и со пригодна свеченост одбележа 33 години од постоењето и делувањето во општините Охрид и Дебрца.
Свое обраќање пред присутните на настанот имаше секретарот на Општина Охрид, Александар Китески кој упати честитки за сите досегашни остварувања на здружението, со желби за уште поголеми успеси во иднина.
-Локалната самоуправа во согласност со програмите и законските регулативи за социјална заштита, во континуитет реализира проекти и обезбедува подобри услови за лицата со телесен инвалидитет и лицата со посебни потреби во општината. Заради креирање на соодветни мерки за поддршка од исклучителна важност е соработката со граѓанските здруженија, кои работат на остварување на правата и интересите на оваа категорија граѓани. Едно од тие здруженија е здружението „Мобилност“ кое веќе 33 години се бори за решавање на сите прашања поврзани со лицата со телесен инвалидитет, за нивната економска, социјална, здравствена и правна заштита.
Ваквите настани, како денешниот традиционален собир се една голема можност за воспоставување на подобра соработка, за презентација на позитивните практики и за посочување на проблеми, кои во иднина ќе можеме да ги решаваме заедно.
Општина Охрид и понатаму ќе продолжи да биде отворена за соработка, да ги слушне потребите, да реализира проекти за подобрување на условите за лицата со телесен инвалидитет и да обезбеди поголема социјална правда и сигурност за нив и нивните семејства. Ќе продолжиме да работиме на отстранување на сите бариери на локално ниво за лицата со телесен инвалидитет и лицата со попреченост, како и за нивна целосна инклузија во општеството, истакна Китески во своето обраќање.