ПЛАСТИЧНИ КАНТИ ЗА ОТПАД ЗА ДОМАЌИНСТВАТА ОД СТАРИОТ ДЕЛ НА ГРАДОТ
- декември 9, 2021
- 0
Согласно Програмата за заштита на животна средина и природа секоја година ќе се врши доделување на пластични канти од 120 л за селекција на отпад на домаќинствата на територија на Општина Охрид.
Оваа година канти ќе добијат индивидуалните домаќинства на следните улици: „Коста Абраш“, „Цар Самоил“, „Кузман Капидан“, „Илинденска“, „Кочо Рацин“, „Климентов Универзитет“ и „Браќа Миладиновци“.
Граѓаните кантите ќе можат да ги подигнат во просториите на Ј.П.„Охридски Комуналец“, Р.Е.„Механизација“ на ул.„АСНОМ“. При подигнувањето на кантите треба да приложат лични документи за идентификација од кои ќе биде видлива адресата на живеење и сметка за собирање, транспортирање и депонирање на комунален отпад од Ј.П.„Охридски Комуналец“. Кантите ќе може да се подигнат секој работен ден (од понеделник до петок) во период од 13.12.2021 до 14.01.2022 година, од 07.00 до 13.00 часот.
Граѓаните кантите за отпад треба да ги оставаат на лесно достапни места за возилото за собирање на отпад согласно предвидената динамика за собирање на отпадот од наведената улица.
Целта на оваа активност е да се укаже на проблемите од областа на екологијата и да се влијае на подигање на јавната свест на граѓаните за заштита на животната средина. Во голема мера отпадот се собира во нестандарна амбалажа, а со собирање во пластични канти се подобруваат хигиенско – санитарните услови, заради тоа што нема непријатни миризби и нема разнесување на отпадот и формирање на диви депонии.