ЛОКАЛЕН ФОРУМ „УЛОГАТА НА ЖЕНИТЕ ПРЕТПРИЕМАЧИ ВО РАЗВОЈОТ НА ТУРИЗМОТ“
- мај 27, 2022
- 0
Во рамки на проектот „Национална платформата за женско претприемништво“ денеска во Охрид се одржа локален форум на тема ,,Улогата на жените претприемачи во развојот на туризмот”.
Во името на Локалната самоуправа пред присутните се обрати советничката во Советот на Општина Охрид, Милена Грозданоска.
-Со своите уникатни природни и културни богатства, од година во година, Охрид прераснува во една исклучително атрактивна туристичка дестинација, која се почесто се наоѓа на препорачаните светски листи за нови и неоткриени туристички локалитети. Во согласност со светските туристички текови потребно е поголемо и посоодветно планско и стратешко подобрување на условите за развој на нови форми на туризам и креирање на алтернативна понуда за туристите. На ова поле особен придонес би можеле да дадат жените преприемачи, преку развој на креативни бизнис концепти и туристички услуги.
За разлика од минатото, влијанието на жените во сите сфери на општественото живеење континуирано расте, а жените се повеќе се мотивираат да преземат иницијатива и сопствените идеи да ги претворат во реалност.
Верувам дека националната платформа за преприемништво ќе обезбеди креирање на мерки и политики на национално, регионално и локално ниво, со кои ќе се овозможи стимулирање и јакнење на женското претприемништво.
Се надевам дека на денешниот настан ќе бидат споделени успешни претприемачки приказни и ќе произлезат низа предлози за поттикнување на нови бизниси на полето на туризмот кои ќе бидат започнати и водени од жени, истакна во своето обраќање Грозданоска.
Проектот „Национална платформа за женско претприемништво“ е кофинансиран од Европската Унија, а се имплементира од Здружението на бизнис жени во партнерство со Сојузот на стопански комори на Македонија, Националната федерација на фармери и Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување МИР.
Главната цел на проектот е зајакнување на капацитетите на граѓанските организации за креирање предлог јавни политика и застапување во областа на женското претприемништво, со спој на постојните мрежи во единствена платформа што ќе претставува интерес на жените претприемачи на сите нивоа.