ОПШТИНА ОХРИД СЕ ВКЛУЧИ ВО ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА СВЕТСКИОТ ДЕН НА ЛИЦАТА СО МУЛТИПЛА СКЛЕРОЗА
- мај 30, 2022
- 0
Со осветлување на зградата на Општина Охрид во портокалова боја, локалната власт се вклучи во одбележување на 30 Мај, Светскиот ден на лица со мултипла склероза.
Бројот на новодијагностицирани пациенти со мултипла склероза постојано расте, бидејќи секоја година се дијагностицираат нови 80 до 120 пациенти, а повеќе од 50 пациенти се на листата на чекање за примање на високоефикасна терапија.
Лицата кои се на листата за чекање за терапија се млади, работоспособни и сè уште можат да го дадат својот придонес во општеството, но ако останат и понатаму без терапија, постои ризик за прогресија и појава на неповратен инвалидитет.
Од мултипла склероза во Светот боледуваат околу три милиони лица, меѓу кои околу 1 500 наши граѓани, што не прави земја со висок ризик. Специфично е што болеста е повеќе проширена кај женската популација. Иако е дијагностицирана пред повеќе од илјада години, главниот причинител за болеста сè уште не е познат.