ДОДЕЛЕНИ ДИПЛОМИТЕ НА МАТУРАНТИТЕ ОД СОСУ „СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“
- август 22, 2022
- 0
Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, присуствуваше на доделување на дипломите на матурантите од Средното економско училиште „ Св. Кирил и Методиј“ што синоќа свечено се одржа на Долни Сарај.
Во своето поздравно обраќање пред професорите, родителите и учениците, градоначалникот Кирил Пецаков истакна:
– Огромно е задоволството и прекрасно е чувството да се присуствува на оваа свеченост на доделување дипломи со која сите ние присутни сме сведоци на крајот на една животна епизода на оваа младина и почеток на друга.
Веќе утре вие ќе бидете на животната раскрсница од каде јасно ќе гледате неколку правци, дали сакате да го продолжите своето образование или ќе се насочите на изучување на некој занает. Одлуката е ваша и секако ќе биде добра во двата случаи само доколку не скршнувате од патот кој сте го зацртале.
На својот иден пат кон успехот не заборавајте ги досегашните ваши професори. Заблагодарете им се за сето знаење што ви го предале. Да ја искористиме оваа прилика да им ја зајакнеме вербата во благородната професија која ја работат, а е една од најубавите во Светот.
Голема привилегија е дадената можност – знаењето да се наследува и носи понатака во животот, а огромно е задоволството што можевме да го гледаме вашето растење и созревање во возрасни личности. Секако улогата на вашите родители за вие да бидете добри личности е огромна, не заборавајте го тоа и подарувајте им добрина, бидете чесни и вредни луѓе. Така ќе бидете горди на себе, а со вас ќе се гордееме сите ние и вашиот Охрид.
Не е важно до која висина ќе стигнете. Во еден момент сигурно дека ќе се лизнете надолу . Кога ќе паднете на дното, во ред е ќе се чувствувате лошо одреден период. Тогаш сфаќате дека вие го држите клучот затоа што грешките ве учат и ве прават посилен од она што претходно сте биле. Запаметете нешто, неуспехот не постои. Неуспехот е начин на кој вашиот живот се обидува да ве убеди да го промените правецот.
Пратете ги своите соништа, останете верни на себе. Никогаш не следете никого освен ако не сте се изгубиле. Дури и ако сте изгубени, а го гледате патот пред себе мора да зачекорите по него користејќи ги сите средства што ви се на располагање. Бидете искрени кон себе и се ќе биде во ред.
Се што ќе правите во иднина правете го од срце, со љубов. Учете посветено, работете вредно, вложувајте се себеси во својата професија, сакајте го и бидете со своето семејство и тогаш повеќе од сигурно вие ќе бидете целосно изградена и успешна личност.
До зачекорување во новиот Свет на возрасните ве оставам во добро расположение. Бидете здрави, среќни, позитивни и секогаш насмеани- рече градоначалникот Пецаков.