Градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков денеска присуствуваше на пригодниот настан за промоција на инвестицикиот проект „Подобрување на условите за здравствен туризам со реконструкција на ЈЗУ Кардиологија-Охрид, набавка на опрема и дигитализација“. Во своето обраќање пред присутните градоначалникот се осврна на важноста на овој проект и упати благодарност до сите кои се заслужни за неговoто реализирање.
– Ми претставува особено задоволство и чест што денеска сум дел од промоцијата на важен инвестициски проект, со кој значително ќе се подобрат условите за лекување и третман на пациентите во оваа престижна здравствена установа.
Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ е гордост за Охридскиот регион, но и вистински пример за успешна здравствена институција во нашата држава. Се радувам што важноста на оваа болница беше препознаена и вреднувана од страна на Центарот за развој на југозападниот плански регион, Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка, кои ја поддржаа реализацијата на овој проект, вреден нешто повеќе од 23 милиони денари.
Реконструктивните зафати кои се предвидени во рамки на проектот ќе овозможат подигнување на нивото на услугите за пациентите и посовремени услови за дијагностика. Сето ова ќе придонесе и во насока на подобрување на условите за развој на здравствен туризам, привлекување на што поголем број странски пациенти и промоција на специјалната болница во соседните земји и пошироко.
Климатските погодности на Охридското крајбрежје се вистински благодет за здравјето на луѓето и затоа нашиот регион е идеален за развој на здравствен туризам, но сепак нeoпходен е поголем ангажман и истовремено заедничко делување од сите страни.
Посакувам овој проект да биде појдовна точка за зацврстрување на соработката помеѓу државните институции, министерствата и фондовите со цел поголемо инвестирање заради подобрување на капацитетите, како и поголемо вложување во здравствениот кадар за стручно усовршување.
Но секако потребна е и поголема соработка со туристичкиот сектор за поголема промоција на расположливите потенцијали и привлекување на странски пациенти.
Локалната самоуправа и јас како градоначалник секогаш ќе бидеме подготвени за соработка на ова поле, а во доменот на нашите ингеренции ќе ги поддржиме проектите кои се од големо значење за развој на здравствениот сектор.
Оваа можност сакам да ја искористам и да упатам благодарност до Швајцарската агенција за развој и соработка за поддршкатата на овој проект, како и за целокупната досегашна соработка на проекти кои се имплементирани во Охрид. Се надевам дека и во иднина ќе се родат нови можности за соработка и дека наскоро ќе можеме да промовираме нови проекти кои се во интерес на граѓаните.
Исто така, упатувам благодарност и до Центарот за развој на југозападниот плански регион и Министерството за локална самоуправа за тоа што Охрид секогаш зазема значајно место во проектите за регионален развој.
На искусниот и етаблиран тим на болницата „Свети Стефан“ им посакувам успешна имплементација на проектот и уште поголеми успеси во насока на развој на оваа установа и нејзино издигнување на уште повисока позиција во здравствениот систем, истакна Пецаков во своето обраќање.
На настанот свое обраќање имаше директорката на Центарот за развој на југозападниот плански регион, Мирјана Лозаноска, државниот секретар во Министерството за локална самоуправа, Кирил Парталов и директорката на болницата, д-р Елена Коваческа Башуроска.