НОВА ОПРЕМА ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА УСЛУГИТЕ НА ЈАВНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА „ОХРИДСКИ КОМУНАЛЕЦ“ И „НИСКОГРАДБА“
- мај 26, 2023
- 0
Како дел од регионалниот проект „Јакнење на капацитетите на ЈКП преку набавка на опрема“ кој Општина Охрид го реализира во партнерство со Центарот за развој на Југозападниот плански регион, денеска беше промовирана нова опрема која е наменета за подобрување на услугите на јавните претпријатија ЈП „Охридски комуналец“ и ЈП „Нискоградба“.
Станува збор за современи возила – трактори од најновата генерација на мешовитата компанија „Солис Јанмар“ кои се опремени со дополнителна механизација за вршење на комунални теренски активности.
Градоначалникот Кирил Пецаков во изјава за медиумите информираше дека вкупната вредност на набавената опрема е 3,2 милиони денари, при што еден дел од средствата се обезбедени преку Програмата за регионален развој на Бирото за регионален развој, а значаен дел на средства се обезбедени и од страна на Општина Охрид.
-ЈП „Нискоградба“ од денес поквалитетно ќе ја врши услугата за чистење на канализационата мрежа и за таа намена покрај тракторот набавена е најсовремена цистерна за фекалии со носивост од 6000 l. За ЈП „Охридски комуналец“ набавен е трактор со плуг со ширина од 2,5 m за чистење на една коловозна лента и соларка од 1200 l со современи хидраулични решенија за ефикасно справување во услови на врнежи на снег и појава на голомразица. Наскоро очекуваме да биде испорачана опрема и за ЈП „Водовод“, истакна градоначалникот Пецаков во изјава за медиумите.
Тој упати благодарност до Центарот за развој на ЈЗПР за досегашната соработка и за успешно реализирање на сите проекти на територијата на Општина Охрид.