ПОСТАВЕНИ ПЛОВНИ ПРЕПРЕКИ НА РЕКАТА САТЕСКА И РЕКАТА КАЈ ДАЉАН ЗА ЗАШТИТА НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО
- август 11, 2023
- 0
Во рамки на долгорочната платформа за општествена одговорност „Наша гордост. Наша одговорност“ на Пивара Скопје, поставени се пловни препреки на реката Сатеска и реката кај Даљан кои беа посочени како едни од најголемите загадувачи на Охридското Езеро.
Средствата за овие препреки се обезбедени преку иницијативата за издвојување 1 денар од секое продадено стаклено шише со посебна етикета Скопско и Скопско Smooth. Освен пловните препреки обезбедени се и акции за чистење на крајбрежјето и дното на Охридското Езеро и активности за подигнување на еколошката свест кај граѓаните за заштита на животната средина.
Градоначалникот Кирил Пецаков упати благодарност до Пивара Скопје и сите инволвирани во имплементацијата на овој проект кој е од големо значаење за заштита на Охридското Езеро.
-Она што природата ни го дала како дар, а светот го препознава како светско природно наследство, обврзани сме да го заштитиме. Ме радува фактот што токму овој проект е дел од сите конкретни мерки и координирани активности кои се реализираат во насока на обезбедување на одржливо управување со сливот на Охридското Езеро, како и зачувување на овој уникатен природен басен.
Реката Сатеска и реката кај Даљан се детектирани како едни од најголемите загадувачи на езерото со цврст отпад и затоа поставувањето на пловни препреки на овие две реки значително ќе придонесе за заштита на езерската вода. Секако од големо значење ќе бидат и сите акции за чистење на крајбрежјето и дното на езерото, активностите кои се фокусирани на подигнување на еколошката свесност кај граѓаните.
Заштитата на животната средина е еден од најважните приоритети на Општина Охрид. Преземаме решителни чекори за обезбедување на поголема заштита на биолошката разновидност и континуирано работиме за унапредување на ресурсите со кои располагаме. Ова особено се однесува на третманот и одведувањето на отпадните води од крајбрежните населби и отстранување на сите критични точки. Токму поради тоа секогаш ќе бидеме подготвени да поддржиме и да бидеме вклучени во вакви проекти, кои се посветени на оваа проблематика и се во насока на зачувување на светското природно богатство кое го поседуваме.
Се надевам дека овој проект на Пивара Скопје ќе биде еден убав пример и поттик за останатите големи компании кои може да се вклучат и да помогнат во делот на заштитата и промоцијата на Охридското Езеро, нашиот најскапоцен бисер и нашата најголема гордост, истакна градоначалникот Пецаков на денешната прес-конференција за промоција на активностите за заштита на езерото.
Пловните препреки на реките што ги поставија стручните тимови на „Пакомак“ ќе функционираат како физичка бариера која не дозволува пловниот отпад да заврши во Охридското Езеро.
Во изминатите неколку недели беа организирани акции за чистење на брегот на Охридското Езеро во Охрид, Струга и Дебрца и на трите локации беа собрани 200 кеси со отпад. Во акциите беа вклучени нуркачките клубови, волонтери, активисти и многу заинтересирани граѓани.