Со свечена приредба која се одржа вчера во спортската сала „Билјанини извори“, ЈОУДГ „Јасна Ристеска“одбележаа јубилеј од 60 години успешно работење. Пред бројните присутни свое обраќање имаше градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.
– Денеска одбележуваме еден многу важен јубилеј од работењето на нашата детска градинка, нејзиниот 60-ти роденден. Ова е моментот кога имаме можност да се вратиме назад во времето, да го проследиме нејзиниот пат на развој и да се радуваме на сите убави моменти.
Успехот на јавната детска установа „Јасна Ристеска“, не е само резултат на посветеноста на учителките, негувателките и целокупниот персонал, тоа е резултат и на довербата од сите родители и семејства, кои во текот на годините, грижата за своите најмили ја препуштаа на организираните програми за згрижување и воспитување.
Детската градинка е место каде нашите дечиња стапуваат во светот на образованието, пријателството и играта. Во градинката тие ги учат основни вештини и вредности, ги градат своите први другарства и започнуваат да се развиваат како индивидуи.
Горди сме, што низ изминатиот период, нашата детска градинка израсна во место каде што најмладите се чувствуваат сигурни и среќни, каде што се поттикнуваат да ги покажат своите таленти и да пловат во својата авантура на созревање.
Овој значаен јубилеј не е само повод за да се собереме и да го прославиме она што е постигнато, туку е и една нова прилика за да се зададат нови цели. Нашата детска градинка има своја историја, но ја очекува и светла иднина, благодарение на сите инвестиции кои се реализираат во објектите за згрижување, како и сите мерки кои ги предвидуваме за подобрување на условите за престој.
Почитувани, Еден од најзначајните глобални политички лидери, Нелсон Мендела рекол “Децата се најдобриот дар кој можеме да го добиеме, а нашата најважна задача е да ги заштитуваме, образуваме и да ги воспитуваме во луѓе со култура и вредности.”
Убеден сум дека нашата детска градинка ќе продолжи да биде местото каде што ќе се раѓаат нови ѕвезди, нови победници и успешни личности, кои ќе го прославуваат и ќе го унапредуваат нашиот град!
Нека е вечен споменот на хероината Јасна Ристеска, нека е за многу години патрониот празник и да прославуваме заедно уште многу значајни јубилеи! Нека е за многу години 7-ми Ноември, нека е вечен слободен Охрид, истакна Пецаков во своето обраќање.
Во рамки на свечената програма беа изведени бројни музички и танцувачки точки подготвени од најмладите, под менторство на воспитувачите од градинката.