ОХРИД ДОМАЌИН НА ШАХОВСКИОТ ТУРНИР „ЕЗЕРСКИ БИСЕРИ 2024“
- февруари 5, 2024
- 0
Во организација на шаховскиот клуб „Ласкер“ и со поддршка на Општина Охрид вчера во ООУ „Братство Единство“се третиот рапид турнир во шах „Езерски бисери 2024”. На турнирот зедоа учество 81 напреварувач од Република Македонија и истиот се одвиваше по Швајцарски систем во 9 кола.
На свеченото отворање на турнирот во името на Локалната самоуправа свое обраќање имаше советникот во Советот на Општина Охрид, Наум Јамандиев.
– Ми претставува голема чест што сум денеска тука и што имам можност да ве поздравам во мое лично име и во името на градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.
Овогодинешната бројка на пријавени учесници значи дека овој шаховски турнир полека но сигрно прераснува во една важна манифестација, која го позиционира Охрид помеѓу шаховските центри во нашата држава и во регионот.
Шахот е еден вид на хармонија помеѓу талентот и интелектот, каде што секој потег на таблата е еден чекор кон победа, а секоја нова победа чекор кон врвно мајсторство. Горди сме на сите млади таленти и успешни шахисти кои освојуваат бројни награди и од кои очекуваме уште поголеми успеси во иднина.
Упатувам искрени честитки и благодарност до организаторите на овој турнир со надеж дека оваа традиција ќе продолжи во континуитет и во иднина ќе може да бидеме домаќини на вакви случувања. Општина Охрид како и до сега, ќе продолжи да ги поддржува спортските настани и да ги стимулира младите теленти, истакна Јамандиев во своето обраќање.
Првото место на турнирот му припадна на Дејан Ѓорѓиески, второпласиран беше Маријан Дамчески, а на третата позиција беше рангиран Кире Николоски. Тројцата наградени натпреварувачи се од Шаховскиот клуб „Пелагон“ од Прилеп. На четвртата позиција на турнирот беше позициониран Стојан Велкоски од Шаховскиот клуб „Алкалоид“ од Скопје, а на петтото место, Ахмет Салмани од Шаховскиот клуб „Гостивар“ од Гостивар.