Во рамки на свечената програма за одбележување на 24. Мај Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј вчеравечер во УИНТ „Св. Апостол Павле“ се одржаа два културни настани организирани од страна на Општина Охрид и Амбасадата на Република Словачка во Македонија. Беше отворена изложбата на фотографии „По трагите на Свети Кирил и Методиј“ и беше прикажан документарниот филм „Тајниот код на Константин“.

На настаните во името на Локалната самоуправа присуствуваше заменик градоначалникот Перчо Божиновски и советници од Советот на Општина Охрид. Проекцијата на филмот ја проследија и Словачкиот амбасадор во Република Македонија, Хенрик Маркуш, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, високи претставници на Македoнската Православна црква-Охридска Архепископија, пратеници, функционери, професори и граѓани.

Во насока на доближување на културните настани до сите граѓани, документарниот филм имаше и превод на знаковен јазик овозможен од Славица Стефановска од Националниот сојуз на глуви и наглуви.