Охрид е спремен за најновото издание на „Охрид трчат“ што од денес до недела се одржува во градов. Годинешното ќе биде едно од најмасовните изданија со  2 200 учесници, ова беше истакнато  на денешната средба со новинарите што по повод настанот се одржа денес на пладне.

 Градоначалникот Кирил Пецаков очекува годинешното издание да биде едно од најуспешните досега, а локалната власт и во иднина ќе го подржува овој и останатите спортски настани во градов кои се од  општ интерес.

 

– Поводот за денешнава средба е еден од најубавите и најмасовни  спортски настани кај нас и пошироко, а се  одржува 8-ма година по ред “Охрид трчат“. Случувањето доби традиционален карактер и полека но сигурно станува претпознатилив спортски бренд на Охрид. Колку е битен овој настан и колку сме сите ние желни за спортување и градење здрави животни навики покажува и бројката на пријавени учесници  за трките којашто од година во година  расте.  Годинава тој број е рекордни 2 200 луѓе.

 Во оваа прилика  јавно се заблагодарувам на организаторите кои целиов период вредно работеа за се да  биде совршено добро со беспрекорна и богата програма којашто  ветува успешно издание.

Од 7 до 77 години, сите охриѓани се вклучени во „Охрид трча“, најмладите нашите деца учествуваа на детската трка  што се одржа пред една недела, а возрасните ќе учествуват на двете главни трки  на 21км. и 5км. кои ќе започнат во утринските часови во недела.

Денеска попладне ќе се  одржи работилница со  Stretch well- Србија, ноќната трка започнува вечерва во 21:00 часот, а 15мин. подоцна токму тука  ќе биде концертот на групата „Камелеон“.

Учесниците на овој голем настан утре наутро ќе „нурнат“ во недопрените убавини на Старото градско јадро, а ќе се посети и парчето откинато од рајот – манастирскиот комплекс Св. Наум. Во двата дена од викендот е резервиран простор за  најмладите.

На крај посакувам да имаме успешна реализација на годинешното издание на „Охрид трчат“. Живи, здрави и побројни да се видиме наредната година, а дотогаш како локална власт ќе работиме на поддршка на спортските случувања и градење подобри услови за спортување. Секако тука е и летниот спортски настан „Ohrid water фестивал“ чија организациј ни претстои, а кој е одлична можност за промовирање на водените спортови. Како и да е, пред нас предстојат убави спотски настани кои ќе бидат повод за нашите наредни средби– рече градоначалникот Пецаков.

Иван  Цветковски од организациониот одбор вели дека годинава бројот на учесници е најголем.

Главните трки се во недела. За  21 км. трка се пријавени  367 лица, за штафетно трчање 69 луѓе, а на 5 км ќе трчаат  1 700 луѓе- подвлече Цветиковски.

Јоне Станкоски кој е дел од организаторите укажа на  промените кои се настанати за 21 км. патека  во која се вклучени централните градски улици, ќе се трча и низ старото градско јадро и по крајбрежјето.

Командирот на Полициска станица- Охрид, Владо Аслимоски  рече дека посебно се води грижа  за безбедноста на сите учесници.

За овој настан полицијата ги активира сите ресурси кои за вакви случувања се потребни, моторциклисти, велосипедисти. На сите клучни места во текот на трките  во недела покрај претставници од  „Охрид трчат“ ќе има и петставници од полиција- рече Аслимоски.

 

 Годинешното издание на манифестацијата „Охрид трчат“ е осмо по ред, а  детската трка се одржа по шести пат.