Вчера во „Спомен куќата на Христо Узунов“ беа одбележани јубилејни 100 години од смртта на Петар Чаулев, истакнат охридски револуцинер и војвода. Во името на локалната самоуправа пред присутните се обрати претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.

Денес е исклучителен ден, во кој се одбележува 100 годишнината од смртта  на големиот охридски и македонски револуционер  Петар Чаулев. Во славната Илинденска епопеја, младиот Чаулев бил војвода и раководител на Охридскиот револуционерен комитет, учествувал во Балканските војни и Тиквешкото востание, а бил и креатор на Охридско –дебарското востание.

Личноста на Петар Чаулев е цвстро врзана за автономна и автентична борба на македонците за слободна Македонија. Во таа смисла тој до крајот на својот живот останал  верен на својот потпис на Мајскиот манифест, кој предвидувал обединување на сите партии и фракции во борбата за ослободување на Македонија.

Многу години подоцна, идеалите на Чаулев за слобода, ќе се реализираат  преку големата антифашистичка победа во Втората светска војна и конечното ослободување на Македонија. Ние како генерација и оние кои ќе дојдат после нас, секогаш со посебен пиетет ќе се сеќаваме на големото револуционерно дело на великот Петар Чаулев – истакна Божиновски.

Настанот беше збогатен со историски осврт кон ликот и делото на револуционерот преку драмата „Последниот лет на Чаулев“,  во изведба на учениците од Охридската гимназија, во адаптација на проферот Михаил Патчев.