Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков го прогласи за отворен  Меѓународниот турнир во Олимписко теквондо „Охрид опен 2025“ што денес се одржува во градов.

Во своето обраќање во Спортската сала „Билјанини извори“, градоначалникот Пецаков истакна

– Чест ми е што присуствувам на отворањето на годинешниот Меѓународен турнир  во Олимписко Теквондо „Охрид опен 2025“ што  добива традиционален карактер и зазема се поголемо место на охридската спортска мапа затоа што е пример за афирмација и промоција на различни спортски дисциплини кои се негуваат кај нас.

Како човек кој активно се занимавал со спорт, па и сега и покрај бројните обврски  „крадам“ моменти да се занимавам со спортски активности верувајте уживам во  вакви настани кои пред се се значајни за  нашето здравје, развој, а со тоа и напредок на нашето општество.

Теквондо е водечки индивидуален  спорт во државава кој не направи особено горди на меѓународен  план со понесениот  златен медал на охриѓанката Парулеска. Спортските успеси не се само гордост на спортистите, тие се гордост на  земјата која  ја претставуваат, на сите нас. Со овој настан  испраќаме порака за  афирмација на спортот и создавање на уште подобри услови за  негов развој.

 Теквондо е боречка вештина во која  со поединечни квалитети  сите имаат подеднаква шанса да се покажат и да напредуваат. На овој начин децата учат дека секој успех зависи од нивниот труд и залагања.Тоа им дава дополнителен мотив активно да вежбаат и тренираат .

Рангирањето по појаси дава дополнителен мотив и ги тера  натпреварувачите  постојано да се усовршуваат. Исто така, неподеленоста по полови овозможува вашиот син и ќерка да вежбаат заедно.

Една од најголемите предности на боречките вештини, секако, е учење самоодбрана. Секој родител сака неговото дете да биде способно да се заштити себеси и другите доколку дојде до несакани ситуации.

Ваквите случувања  повлекуваат со себе и повеќе посетители и гости пред почетокот на летната туристичка сезона и развој на спортски туризам.

Со незапирливиот  спортски дух, нашите спортисти победуваат, освојуваат награди и трофеи,  а ние сме тука да ги бодриме и да ги мотивираме за уште поголеми успеси.

 Верувајте, во ваквите спортски настани не е битно кој ќе победи сите  учесници се квалитетни и добри. “Победи ако можеш, изгуби ако мораш, но не се откажувај никогаш.  Зошто упорноста може да го претвори падот во неверојатно достигнување.“

Пред официјално да го прогласам турнирот за отворен ќе потенцирам дека  ние како Локална власт и во иднина ќе бидеме тука  и ќе го поддржуваме овој настан  затоа што е  добар пример за правилно насочување и градење на нашата младинаподвлече Пецаков.