Заменик градоначалникот, Ана Крстеска, присуствуваше на отворањето на културната манифестација „Охридски староградски средби“ што вчеравечер се одржа во ЦК „Григор Прличев“. Во своето поздравно обраќање, Крстеска истакна:
 
 – Ценети организатори на Охридските староградски средби, почитувачи на убавата музика и градскиот мелеос, дами и господа.Дозволете да го изразам моето задоволство што Охрид по 37 пат е домаќин на овој значачаен  културен настан. Преку него патуваме низ времето  кога младите охриѓаники и возрасни госпоѓи уживале во серенадите кои под прозорец ги пееле познати музиканти поддржани од нивните сакани. За миг застануваме  пред портите на куќата од Робевци и Уранија, шетаме по тесните сокачиња на Варош и не остануваме рамнодушни пред раскошот на охридските моми  кои буделе восхит кај минувачите на градското корзо.  Чекориме низ времето по холот во  хотел  „Палас„ или низ  некогашните хотели на ПТТ и „Парк“….Охридските Строградски Средби се можеби најпрепознатливиот и највпечатливиот културен белег на нашиот народ, кој низ песната ги изразувал своите радости, тага, мечти и тешкотии.   Вечерва 120 те учесници од  7 културно уметнички друштва од Охрид, Прилеп, Кичево, Скопје, Струга, Штип и Дебрца со својот настап  ќе го  потврдат непресушниот талент на македонскиот народ низ различни културни форми да се самопотврдува и да биде препознатлив на светската културна мапа. Охридските Староградски Средби се можеби  најзначајната алка во културниот гердан на градов зошто преку нив се изразува нашиот талент и уметничко битисување препознатливо и за другите култури и народи. Дозволете ми во името на Општина Охрид да ви посакам пријатна и распеана вечер, а тебе драга публико ти посакувам да понесеш позитивни впечатоци и до в година да бидеш уште побројна- рече Крстеска.
 
„Охридските староградски средби“ се одржуваат по 37 пат во организација  на ЦК „Григор Прличев“. Годинава настапија  ГМХ „Вокс Лихнидос“- Охрид, „Вокален Октет“ – Прилеп, КУД „Распеани кичевчани“- Кичево, ансамбл „Вања Лазарова“-Скопје, ВИА „Распеани стружани“ – Струга, ЗГ „Градски хор Штип“- Штип и КУД  „Далги“ при ЗП Охрид и Дебрца.