Општинскиот совет за превенција на детско престапништво на Општина Охрид деновиве реализираше две едукативни работилници на тема „Да се ставиме во туѓи чевли“ во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“. Работилниците, на кои учествуваа ученици од втора година, беа насочени кон развивање емпатија, меѓусебна почит и ненасилно однесување.

Активностите ги спроведоа стручните лица од училиштето, а преку интерактивни задачи учениците се запознаа со значењето на прифаќањето на различностите и позитивната комуникација. Целта беше подигнување на свеста и поттикнување создавање безбедна и прифатлива училишна средина.

Работилниците претставуваат дел од континуираните активности на Општинскиот совет за превенција на детско престапништво во насока на поттикнување позитивни навики и развивање на здрави односи меѓу младите.