Познатиот охридски новинар, публицист и хроничар,  Владимир  Ангеличин – Жура постхумно е добитник на највисоката општинска  наградата „Св. Климент Охридски – Патрон на градот Охрид“.

Одлуката е донесена едногласно од страна на петчлената комисија  во состав: Перчо Божиновски, претседател и членовите:  Горан Стојаноски, проф. д-р Татјана Димоска, Славе Ѓорѓо – Димоски и Горан Патчев.

Владимир Ангеличин –Жура (1946- 2025)  во својата богата  професионална кариера бил  уредник на Радио Охрид (1961 -1975), а потоа уредник на весникот  на ГП „Трудбениик“ во Охрид (1975 – 1997). Автор е на голем број написи и во дневниот и во седмичниот печат, а посебно значајни се неговите истражувачки  радио и телевизиски емисии посветени на минатото на Охрид –врз основа на истражувањата низ архивите во Охрид, Скопје и во Софија, циклусот од 20 получасовни  радио емисии посветени на охридската староградска песна , циклус од 15 телевизиски емисии инспирирани од трубадурската охридска песна и друго. Исто така, особено значајни се и неговите истражувања во областа на генеалогијата на охридските фамилии.

Автор е на повеќе книги од кои посебен интерес побудува „Жура за Жура“(1995, две изданија). Од рани години се занимава со документарна  и уметничка фотографија, познат е и како рецензент и промотор на бројни книги, фотоизложби и музички настани.

Наградата Св. Климент Охридски – Патрон на градот Охрид, општината ја доделува за животно дело односно долгогодишни остварувања и врвни достигнувања во сите области од општествениот живот кои се од особено значење за Општина Охрид  и кои имаат голем придонес во нејзиниот развој, напредок и севкупна афирмација во Република Македонија и Светов.