Вкупно 80 прстени кои датираат од различни периоди на минатото на Охридскиот регион се дел од поставката на изложбата „Прстенот – симбол на завет, статус, моќ – од етнолошката ризница на охридскиот музеј“ која беше отворена денес во Куќата на Робевци. Изложбата е дел од Свечената програма на Општина Охрид за одбележување на патронот на градот-Свети Климент Охридски.

Експонатите припаѓаат на етнолошката збирка при НУ Завод и Музеј – Охрид, а  Раководител на проектот, автор на каталогот и концепција на изложбата е Оливера Мишева, виш кустос етнолог во оваа институција.

Презентирани се машки и женски прстени, прстени печатници со натписи и иницијали како и прстени во вид на бурми. Прстените се изработени од сребро во филигранска техника и се украсени со полукапоцени камења. Тоа се врвни изработки на мајсторите кујунџии од Охрид, Струга и Дебар и датираат од крајот на XVII до средината на XX век.

Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам во рамки на Годишната програма за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2025 година.