СЕ ОДРЖА ТРАДИЦИОНАЛНИОТ ВЕЛИГДЕНСКИ БАЗАР
- април 25, 2019
- 0
Во пресрет на големиот христијански празник Велигден, денеска на плоштадот „Чинар“ се одржа традиционалниот Велигденски базар. Манифестацијата на која беа изложени велигденски украси, сувенири и традиционални македонски специјалитети има хуманитарен карактер. Меѓу присутните охриѓани на настанот беше и в.д. градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски.
- Прекрасно е чувството да се биде дел од овој велигденски базар кој шеста година по ред во Охрид е најава за најрадосниот христијански празник, Воскресение Христово – Велигден. Хуманоста, почитта и солидарноста се препознатлив дел од оваа традиционална манифестација. Во исто време овој настан полека но сигурно зазема важно место на охридската туристичка разгледница како промотор на ракотворбите изработени од вредните раце на охридските ученици и вработени во охридските компании како и традиционалните македонски специјалитети подготвени од учениците од средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“.Денес со купување на она што е изложено на базарот стануваме дел од хумана мисија ,добар пример за нашите деца затоа што ги учиме на поинакви вредности – споделување, помош и хуманост.Со желба позитивните мисли и спокојот да ве водат во празничните денови што ни престојат Ви го честитам големиот христијански празник Велигден со желба за добро здравје , среќа и семејна хармонија- истакна Георгиески.
Настанот е во организација на ЈП „Градски пазар“ со поддршка на локалната самоуправа.
- На наше големо задоволство од година во година се повеќе се зголемува заинтересираноста на локални производители на традиционални јадења и изработувачи , занаетчии и фирми на ракотворби кои учествуваат на овој базар. Покрај промотивен базарот има пред се хуманитарен карактер. Собраните средства во духот на христијанскиот празник Велигден ќе се донираат во хуманитарни цели- рече директорката на ЈП „Градски пазар“, Кристина Крлеска – Деспотоска.
Велигденскиот базар беше збогатен со уметничка програма на која учествуваа децата од ЈОУГД „Јасна Ристеска“ и учениците од основните училишта во Охрид.