ЗАКЛУЧОЦИ ОД TРИБИНАТА ЗА РЕЖИМОТ НА СООБРАЌАЈ ВО УРБАНА ЗАЕДНИЦА „СТАР ГРАД”
- мај 10, 2019
- 0
На трибината за режимот на сообраќај во Урбаната заедница „Стар град“ на која учествуваа Градоначалникот Константин Георгиески, жители и Советот на Урбаната заедница, претставници на СВР Охрид како и претставници на стручните служби на Општина Охрид беа дпнесени следните заклучоци:
- Задолжително да се регулира режимот на сообраќај во стариот дел на градот како и режимот на сообраќај на пристапните улици кон оваа Урбана заедница;
- Да се овозможи непречено движење на моторен сообраќај за жителите на оваа УЗ кои живеат таму и поседуваат регистрирани моторни возила, за жителите кои имаат привремено живеалиште во тој дел од градот и на нивно лично име регистрирано моторно возило, како и за сите стопански субјекти кои се регистрирани со адреса во оваа УЗ и имаат регистрирани моторни возила;
- Дотурот на роба да се врши во раните утрински часови во точно определен временски период, такси службите да ја вршат својата дејност согласно потребите;
- Станоиздавачите во овој дел од градот при прво сместување на туристите, а заради растовар да можат до своите објекти туристите да ги донесат во временски интервал не подолг од 1 час, а потоа да ги упатат на простор за паркирање надвор од оваа УЗ ;
- Подигнување на повисоко ниво на хигиената и собирањето на сметот да се врши во временски период кога има помал интензитет на сообраќај ;
- Регулирањето на сообраќајот да се врши преку влезно – излезни терминали (рампи) со користење на картички, а како дополнително на возилата да се стават соодветни налепници . Кај рампите постојано да има овластени лица кои ќе служат како припомош при одвивањето на сообраќајот. Рампите да се стационирани на ул. „ Коста Абраш “ и тоа на почетокот ( споменик Фаќач на крстот), пред Горна Порта и на исклучниот пат за црква Каменско. Влезно – излезен терминал ( рампа) да има и на ул. „ Македонски Просветители “ (наспроти сендвичара Пинк Пантер) која ќе е во функција на пркирањето во премиум зоната која ќе биде од оваа рампа до рампата лоцирана кај споменикот „Фаќачот на крст“.
- Картичките да се издаваат по строго дефиниран Правилник и истите да ги издава комисија формирана од страна на Градоначалникот, со претходна согласност од Советот на Урбаната заедница и за цела постапка да биде запознат лично Градоначалникот ;
- Секој ден во временски период од 19. 00 до 05. 00 часот на улиците „Цар Самуил“ и „Коста Абраш“ да има забрана за сообраќај и во овој период целиот сообраќај ќе се одвива преку Горна Порта и исклучниот пат за црквата „Каменско“;
- Целиот дел на стариот дел на градот да се прогласи за Зона на смирен сообраќај каде брзината на движење на моторните возила да е еднаква на брзина на движење на пешак;
- Да се воспостави соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација ;
- Да се изнајдат можности за проширувања на паркинг местата;
- Да се работи на изнаоѓање на трајни решенија за решавање на овој проблем;
- Режимот на сообраќај да се воспостави од 01.06.2019 година.