ВO ОХРИД ЌЕ СЕ ОДРЖИ ПРВОТО ИЗДАНИЕ НА СПОРТСКИОТ НАСТАН „OHRID TRAIL”
- мај 23, 2019
- 0
Во сабота на 25-ти мај 2019 година ќе се одржи првото издание на спортскиот настан „Ohrid Trail“ кој со поддршка на Oпштина Охрид, го организираат Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите – Сите за спорт“ и Здружението за промоција на планинското трчање „Трекс“.
Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески истакна дека овој настан освен тоа што го промовира и поттикнува спортот, има за цел да ги промовира и афирмира природните убавини на Охрид и планината Галичица.
-Како голем љубител на спортот и природата и како активен планинар сметам дека настанот значително ќе придонесе за збогатување на туристичката понуда на нашиот град во делот на алтернативните форми на туризам, надвор од летната сезона. Верувам во способностите и капацитетите на луѓето кои се вклучени во оваа нова спортска приказна и затоа сум убеден дека „ Ohrid Trail “ ќе биде исклучително квалитетно организиран и дека ќе бидат земени во предвид сите современи стандарди и практики за организација на ваков вид на трки, рече Георгиески.
Тој изрази надеж дека овие трки ќе им донесат едно незаборавно искуство на сите учесници и дека овој настан ќе прерасне во една традиционална спортска манифестација, која од година во година ќе привлекува уште поголем број учесници.
-Општина Охрид и јас како Градоначалник ќе бидеме секогаш подготвени за соработка и за поддршка на вакви инвентивни идеи кои ќе придонесат за поголем туристички развој и подобра промоција на Охрид како туристичка дестинација, нагласи Георгиески и најави дека од оваа година во текот на есенските месеци за прв пат ќе биде организиран и настанот „Ohrid Outdoor Festival” на кој што ќе бидат вклучени активности од неколку различни форми на алтернативни спортови.
Инаку во рамки на програмата на „Ohrid Trail” предвидени се две трки во должина од 60 и 35 километри. Првата ќе започне од Св. Наум, додека втората трка ќе стартува од кампот Елешец. И двете трки ќе се одвиваат во пределот на Националниот парк „Галичица“ и ќе финишираат на Градскиот плоштад во Охрид.