ОДБЕЛЕЖАН ДЕНОТ НА СЕСЛОВЕНСКИТЕ ПРОСВЕТИТЕЛИ СВЕТИ КИРИЛ И МЕТОДИЈ
- мај 24, 2019
- 0
По повод одбележувањето на 24-ти Мај Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј, пред нивниот споменик на кејот „Македонија” во Охрид беше положено свежо цвеќе и беше одржана пригодна свеченост.
Свое обраќање пред присутните имаше Претседателката на Советот на Општина Охрид, Живка Ангелоска.
-Денес, овде пред нивниот монумент, со посебен пиетет го чествуваме денот на великите сесловенски просветители, Светите Кирил и Методиј. Одбележувањето има посебна симболика зошто пораките ги упатуваме од овој простор, каде во непосредна близина се наоѓаат спомениците на нивните ученици Светите Климент и Наум Охридски, продолжувачите на нивното просветителско и духовно дело.
Монументите на најголемите сесловенски светители се свртени кон Охридското Езеро и кога ќе погледнеш чиниш дека заедно му упатуваат порака на светот во која доминантно место имаат просветителството и хуманизмот.
Светот знае дека светите Кирил и Методиј ја напуштиле царската палата во Константинопол и заминале во просветителска мисија, водени од идејата дека сите европски народи под исти услови треба да имаат еднаков пристап до словото.
Светите Кирил и Методиј, биле подготвени да ја жртвуваат својата слобода и својот живот, за да го одбранат правото сите народи да зборуваат на својот јазик. Делото на Кирил и Методиј не згасна. Нивните следбеници, Светите Климент и Наум го продолжија преку работата на Климентовиот универзитет од каде околу три и пол илјади ученици тргнувајќи од Охрид продолжиле да ја шират сесловенската писменост и култура.
За нивното дело, признанието дојде дури во дваесеттиот век, кога папата Јован Павле II на 31 декември 1980 година, во своето апостолско послание EGRIGAE VIRTULIS , заедно со Свети Бенедикт ги прогласи за ко-покровители на Европа, зошто Кирил и Методиј го дадоа својот влог во Европа, европската култура и цивилизација.
Во историјата на Охрид, што трае повеќе од 6 илјади години, сите цивилизаци оставале траги кои и сега се видливи. Посебни белези и бројно културно и духовно наследство има токму од овој период, па затоа Охрид се нарекува Балкански Православен Ерусалим и центар на сесловенската писменост и култура.
Ние сме горди што на темелите кои ги поставија Светите браќа Кирил и Методиј и нивните ученици Светите Климент и Наум, се надоврзаа македонските преродбеници. На нас е да продолжиме да чекориме по тој пат, истакна Ангелоска.
На свеченоста беа доделени награди на најдобрите ученици од основните и средните училишта од Охрид кои добиле признанија на регионални, државни и меѓународни натпревари.
Во рамки на Програмата за одбележување на Денот на Сесловеските просветители, во Домот на култура „Свети Кирил и Методиј” во населбата Кошишта беше одржана Панихида посветена на светите браќа и Фолклорен концерт на КУД „Ѓердан”.