ТРИБИНА ЗА ЗАШТИТА НА СТУДЕНЧИШКОТО БЛАТО
- јуни 6, 2019
- 0
Заштитата на Студенчишкото блато и потребата од регулирање на пловниот сообраќај во Охридското Езеро со соодветно сместување на пловните објекти во организирана марина, беа главните теми на јавната трибина, која се одржа денеска во организација на Локалната самоуправа.
Покрај градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, на трибината присутвуваа и свои излагања имаа Дејан Николовски, советник на Премиерот на Република Северна Македонија, градоначалникот на Општина Струга, Рамиз Мерко, капетанот на Капетанијата на пристаништата Горан Устијаноски, претставници на Хидробилошкиот институт од Охрид, претставници на Природно-математичкиот факултет од Скопје, како и бројни претставници на еколошките здруженија и клубови од областа на водените спортови.
Во долга и плодна дебата, учесниците на трибината посочија предлог мерки и стручни мислења во однос на решавањето на еколошките проблеми поврзани со Охридското Езеро во потегот на целото крајбрежје како и предлози во делот на изградбата на марина за пловни објекти на најсоодветната локација, која ќе биде во согласност со сите еколошки стандарди.
Сите конструктивни предлози од денешната трибина ќе бидат земени во предвид во текот на изработката на Студијата за валоризација на Студенчишкото блато и Физибилити студијата за изградба на марина на Охридското Езеро.
Општина Охрид ја организираше оваа трибина во рамките на своите редовни активности и согласно својата политика за примена на највисоки стандарди за заштита на животната средина, почитувајќи ја Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на природното и културното наследство и настојувајќи да ги спроведе сите препораки од нивната реактивната мониторинг мисија.