РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ ЗА ИСПЛАЌАЊЕ СТАРИ ДОЛГОВИ И ЛЕТЕН РЕЖИМ НА СООБРАЌАЈ СОГЛАСНО ПРЕПОРАКИТЕ НА УНЕСКО
- јуни 10, 2019
- 0
Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески во изјава за медиумите го образложи ребалансот на буџетот кој денес беше ставен на гласање пред Советниците на 28-мата Седница на Советот на Општина Охрид. Градоначалникот истакна дека голем дел од средствата се пренаменуваат за раздолжување на општината по различни основи и за реконструкција на крововите од четири основни училишта во Охрид.
-Деновиве во јавност имаше реакции од опозиционите политички партии дека се кратат одредени стапки од буџетските програми по однос на капитални инвестиции. Токму затоа ќе го образложам ребалансот кој денес е на гласање пред советниците. По однос на релокација на средства ќе ги спомнам само поголемите суми коишто се предмет на ребалансот. 4 милиони денари предвидуваме за исплата на сметки кон ЕВН, со преземањето на водоводот во село Лакочереј коишто беа останати како долг напластен со години наназад. Во програмата ФА Уредување -градежно земјиште надополнуваме нови 28 милиони денари и тука се предвидени тие ставки за исплата по однос на спогодба за раздолжувањето на општина Охрид. Тука не станува збор за никакво фаворизирање или „полнење џебови“ како што беше кажано од членови на опозициските партии. Пари се исплаќаат и раздолжувањето на општина Охрид оди согласно спогодбите кои ги изгласаа советниците и изготвената листа. Тука нема ниту фаворизирање ниту јас знам кои се фирмите на кои според ранг листата му се наплатува по однос на спогодби. Додека во минатото спогодбите беа правени во четири очи. Во програмата Г2 за развој на туризмот имаме релокација на 4 милиони и 260 илјади денари , а тоа се средства за субвенциите кон „Визер” коишто не се исплатени за 2016 година. Тоа значи дека и во овој случај ќе ги плаќаме сметките на претходни власти. Во однос на образованието имаме кратење на средства и останавме со средства коишто ни се готови проекти за да можеме да ги распишуваме тендерите за летниот период. Така до крајот на неделава се распишуваат тендери за реконструкција на крововите на четири училишта, на ОУ „Христо Узунов“, ПОУ „Св. Наум Охридски“ во село Елшани, основното училиште во село Коњско и конечно азбесниот кров од ОУ „Братство Единство“ во Лескајца ќе биде отстранет и заменет со нов. Овие четири училишта ќе добијат нови кровови во текот на летниот распуст. Тендерот ќе се распише во текот на оваа недела и ќе биде околу 12 милиони денари. Историски гледано досега во еден распуст никогаш четири училишта не добиле нови кровови.
Имаме релокација на одредени средства за течни горива коишто по долгови се околу 5 милиони денари. Тоа се покрупните стапки коишто се предмет на ребалансот на буџетот. Што се однесува до реконструкции на улици и патишта средствата тука се задржани и следува распишување на тендер за реконструкција на улицата кај некогашната касарна „Михајло Апостолски“ и комплетна реконструкција на улицата „АСНОМ“ во текот на летниот период, објасни Георгиески кој посочи дека годинава ќе имаме нов режим на сообраќај во текот на летниот период, во централното и старото градско подрачје кој ќе биде согласно препораките на УНЕСКО.
-Поставувањето на рампите во централното градско подрачје и стар град е регулирано со програмата за урбана опрема којашто Советот на општина Охрид ја изгласа на минатата седница и е согласно закон. Поставувањето на рампите е при крај. Денес или утре ќе биде објавен повикот за реевиденција на картичките. Комисијата е формирана. Точно е дека од непознат сторител беше оштетен постаментот за рампа кај Месокастро. Случајот е пријавен во полиција. Што се однесува до паркирањето на возила во летниот период премиум зоната е од Поштата кај постојната рампа, целиот кружен тек во центарот на градот. Од 1-ви јули до 31 –ви август таму ќе се паркира за 100 денари од час. Наплаќањето ќе биде со наплатен талон на каса. Целта е да се дестимулира движењето на возила во централното и старото градско подрачје. Жителите на стар град ќе се движат непречено низ тој простор. Ќе биде поставена уште една рампа кај фаќачот на крстот која ќе функционира со новите картички кои сега ги издаваме. Се што правиме е во насока на имплементација на препораките од УНЕСКО и во интерес на граѓаните на Стар град. Паркинг зоната Б се проширува по улиците: „Македонски Просветители“, „Димитар Влахов“ и„ Партизанска “. На тој начин тука поевтинува паркингот затоа што досега овие улици беа под зона А. Вон сезона се воведува еден бесплатен ден за паркирање, тоа ќе биде среда. Како досега Кеј „Македонија“ до пресекот со улицата „Ванчо Николески“ останува затворена за сообраќај. Во однос на паркирање и движење на автобуси од кеј „Македонија” кон хотелите кои се од десната страна на пресекот со улица „Јане Сандански“ одлучено е достава на туристи да се врши со мали комбиња, а општината ќе одбележи неколку пунктови за истовар- посочи градоначалникот Георгиески.