ЗАПОЧНА 24. ИЗДАНИЕ НА РЕГИОНАЛНИТЕ СПОРТСКИ ИГРИ ЗА ПЕНЗИОНЕРИ
- јуни 23, 2019
- 0
Денеска во селото Калишта во Струга започна 24. издание на Регионалните спортски игри за пензионери, на кои ќе учествуваат Здуженијата на пензионери од Охрид, Струга, Кичево, Македонски Брод, Дебар, Лабуништа и Вевчани.
На свеченото отворање на овој традиционален настан, во името на Охридската локална самоуправа се обрати Советничката во Советот на Општина Охрид , Марија Попоска.
-Ми претставува особена чест и задоволство во мое лично име и во името на Општина Охрид да Ве поздравам и да Ви посакам голем успех на овогодинешното издание на Регионалните спортски игри за пензионери.
Вашиот елан и желба за физички и спортски активности се за вистинска почит, претставуваат еден убав пример и даваат голем придонес за промоција на спортот и здравите навики во рамки на секојдневното живеење. На сите ни се добро познати препораките дека движењето и оптималната физичка активност се услов за зачувување на здравјето на луѓето, а спортско-рекреативните програми носат низа позитивни ефекти врз здравјето и резултираат со виталност и долговечност.
Општина Охрид секогаш е подготвена за поддршка на сите активности и проекти кои се иницирани и реализирани од Здржението на пензионери и понатаму активно ќе работи на остварување на взаемна соработка и развивање на партнерство. Постојано работиме во делот на обезбедување на услови за развој во сите сфери од секојдневното живеење, а особено во делот на подобрување на условите за повозрасната категорија на граѓани.
Уште еднаш Ви посакувам успешни спортски игри и пријатен престој овде во Калишта, во еден од најубавите и најживописните предели на крајбрежјето на Охридското Езеро, истакна Попоска.
На овогодинешното издание на Регионалните спортски игри, ќе се натпреваруваат над 300 пензионери, во 11 спортски дисциплини, во екипна и поединечна конкуренција. Победниците во сите категории, ќе се здобијат со право да учествуваат на Републичката пензионерска спортска олимпијада.