СТРУЧНА ДЕБАТА ЗА ПОГОЛЕМА БЕЗБЕДНОСТ НА ДОМОТ И СЕМЕЈСТВОТО
- јуни 23, 2019
- 0
„Безбедноста на домот-преку превенција на новите закани и безбедносни ризици” беше насловена стручната дебата која се одржа денеска во Општина Охрид. Оваа дебата е дел од активностите на проектот „Безбедно дома“ и кампањата ,,Безбедност на домот“, кои ги реализира Комората на Република Северна Македонија за приватно обезбедување со поддршка на Министерството за внатрешни работи.
На стручната дебата во името на Локалната самоуправа говореше Претседателката на Советот на Општина Охрид, Живка Ангелоска.
-Овој проект е значаен бидејќи има за цел да ја подигне свеста на граѓаните и пошироката јавност за важноста и одговорноста за безбедноста на домот и смејството, пред се од перспектива на правилна превенција и преземање на соодветни активности и мерки за гаранција на истата. Безбедноста на граѓаните и на туристите кои престојуваат во нашиот туристички центар е на листата на важни приоритети, па токму затоа ние како Локална самоупрва сме отворени за соработка и поддршка на сите институции, организации, иницијативи и проекти кои имаат за цел да ја зголемат безбедноста на граѓаните, рече Ангелоска.
Таа очекува од оваа дебата да произлезат конструктивни заклучоци кои ќе дадат јасни насоки и ќе помогнат за зголемување на квалитетот на безбедноста на домот, семејството и на имотот.
-Се недевам дека заеднички ќе придонесеме за едукација на граѓаните за поголема превенција, односно за намалување на бројот на кражби, разбојништва и намалување на материјалните штети предизвикани од овој вид на криминалитет, нагласи Ангелоска.
На стручната дебата свои излагања имаа и Претседателката на Комората на Република Северна Македонија Верица Милеска Стефановска, Началникот на СВР Охрид, Сашо Смилески, Проф. д-р Марјан Ѓуровски од Факултетот за безбедност од Скопје, д-р Александра Деаноска Трендафиловска од Правниот факултет од Скопје, Проф. д-р Пере Аслимоски од Факултетот за туризам и угостителство од Охрид, како и претставници на Секторот за превенција при Министерството за внатрешни работи.