58. БАЛКАНСКИ ФЕСТИВАЛ НА НАРОДНИ ПЕСНИ И ИГРИ
- јули 6, 2019
- 0
Со дефиле по охридската чаршија и останатите јавни површини во централното градско подрачје ,синоќа во Охрид започна 58-то издание на „Балканскиот фестивал на народни песни и игри“. Официјалниот почеток на фестивалот се одржа на сцената на Долни Сарај. Пред бројната публика се обрати претседателката на Советот на општина Охрид, Живка Ангелоска која укажа на посебното место на овој фестивал на туристичката мапа на Охрид.
– Вечерва во прегратките на стар Охрид каде се чувствува чудесниот спој на остатоци од цивилизациите и природните реткости се собравме да го одбележиме почетокот на 58 –то издание на „Балканскиот фестивал на народни песни и игри“ кој како најстара фолклорна манифестација на Балканот, го има заслужениот примат дома, но и надвор од државата. Најубави „украси“ во културната разгледница на Охрид наредниве четири дена ќе бидат играорците кои преку танцот и песната ќе ја промовираат традицијата и културата од земјите од каде доаѓаат, а охриѓани како добри домаќини со восхит ќе ги следат нивните настапи во секој охридски сокак, плоштад или друга сцена во древниот град. На фестивалот промовирајќи ги македонските културни традиции и фолклор ние во исто време ја потврдуваме и нашата македонска гостопримливост и отвореност кон сите кои ги негуваат овие трајни вредности. Фолклорот со народните игри и песни како дел од духовното творештво е еден од најзначајните белези на националниот и културен идентитет на секој народ. Токму затоа овој културен настан е многу значаен и вреден за сите нас. Преку него се промовираат и негуваат сопствените, но и се почитуваат културите на другите народи како цивилизациска придобивка за сите нас. Во оваа прилика ги поздравувам сите учесници на годинешното издание на „Балканскиот фестивал “ кои се од различни земји од целиот Свет. Изразувам благодарност до сите нив за креираните фестивалски ноќи кои се пред нас. Тие преку играта и песната облечени во колоритни традиционални носии се рај за очи и мелем за душа и се најдобрите промотори на културата на својата земја.На крај на сите вас ви посакувам успешни фестивалски ноќи со желба да ги доловите природните убавини и културните придобивки на нашиот Охрид. Сите вие да започнете успешна приказна во нашиов град која ќе ја допишувате секоја наредна година. Во овие денови да успеете да го почувствувате милениумскиот спокој и да го доловите убавиот охридски амбиент кој континуирано опстојува 7 илјади години – рече Ангелоска.
Фестивалот за отворен го прогласи претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери кој е и покровител на манифестацијата, а пригодно обраќање имаше и директорот на ЦК „ Григор Прличев“,Горан Симоноски.
Отворањето на фестивалот беше заокружено со целовечерна програма на Македонскиот ансамбл за народни песни и игри, „Танец“.
Во наредните фестивалски ноќи на сцената во ЦК „Григор Прличев“ ќе настапат бројни уметници од Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија и Бугарија. Пред секој концерт ќе се одржи и проекција на краткометражни етно филмови.
Балканскиот фестивал на народни песни и игри континуирано се одржува од 1961 година.