ЗАПОЧНА КУЛТУРНО-ЗАБАВНОТО ЛЕТО „НА ЗАЈДИСОНЦЕ” ВО ТРПЕЈЦА
- јули 22, 2019
- 0
Со настап на Фолклорниот ансамбл „Бисери“ и Ликовна изложба, вчеравечер во Трпејца започна овогодинешното издание на Културно – забавното лето „На зајдисонце“.
На свченото отворање на манифестацијата која се одржува по 8-ми пат, во името на Локалната самоуправа се обрати Претседателката на Советот на Општина Охрид, Живка Ангелоска.
– Секое доаѓање тука, во овој уникетен предел на брегот на нашето Охридско Езеро, значи едно ново доживување, една нова магија на живописни пејзажи, на кои секојдневно танцуваат необичните нијанси на водата, небото и сонцето. Неповторливиот звук на езерските бранови и свежиот ветар се вистински мир за душата. Секој миг овде во Трпејца е една голема привилегија и можност да почуствувате како изгледа рајот на земјата.
Уживањето во природните убавини, кои Ве планат од секоја страна, постојано се надополнува со љубезноста и гостопримливоста на трпејчани, кои се своевиден магнет за гостите. Токму затоа Трпејца е своевиден заштитен бренд на Охридското крајбрежје и од година во година прераснува во место кое е се поинтересно и попримамливо за туристите.
Ваквите културни манифестации придонесуваат за збогатување на понудата, која ова прекрасно место им ја нуди на посетителите и значително придонесува за негова поголема промоција. Се надевам дека манифестацијата „На зајдисонце” ќе продолжи да се организира и во иднина и дека ќе привлекува уште поголем број на посетители, истакна Ангелоска.
На свеченото отварање на манифестацијата беше присутен и градоначалникот на општина Модра од Републиак Чешка, Мирослав Коварик како и голем број гости од политичкиот и јавниот живот од Охрид.
Во рамки на овогодинешната програма која ќе трае до 29-ти јули, ќе се одржат бројни музички и фолклорни настани, ликовни и театарски работилници, работилници за модерен танц, натпревари во ловење риба како и традиционалната кајакарска регата „Номче Митрески”.
Организатор на манифестацијата „На зајдисонце“ е Здружението за развој и промоција „За Трпејца со љубов“ со поддршка на Министерството за култура и Општина Охрид.