ИЗЛОЖБА НА ФОТОГРАФИИ „СКОКАМЕ ЗАЕДНО“
- јули 27, 2019
- 0
Во организација на општина Охрид и амбасадата на Израел, вечерва на Малиот плоштад кај „ Долна порта“, свечено беше отворена изложбата на фотографии „ Скокаме заедно“ . На отворањето на изложбата се обрати Живка Ангелоска,претседател на Советот на општина Охрид.
- Ми причинува особена чест и задоволство, во името на општина Охрид да Ви се обратам на отворањето на оваа изложба на фотографии „ Скокаме заедно“ , изложба која по многу нешта е раритетна и пренесува силни униврзални пораки:скок до взаемно разбирање, скок до коегзистенција и скок за подобар свет.
Упатувам искрена благодарност до израелскиот амбасадор Дан Орјан, осведочен вљубеник во Охрид, кој помогна оваа поставка да ја видиме не само ние туку и бројните , пред се странски туристи. Уште поимпресиво е тоа што неговата екселенција Дан Орјан е дел од социјалниот проект за инкорпорирање на младите со попреченост, од чии активности се произлезени овие фотографии.
Голем скок е кога дипломат и амбасадор кој носи одело и вратоврска, кој има многу службени обврски, да стане израелски првак во капуера, древен спој на боречки вештини, музика и танц, и таа пасија заедно со многу водачи на неформални групи да ја стави во функција на поддршка на младите со посебни потреби.
Целта на нивниот заеднички скок е да ги вклучат младите со посебни потреби, да ги мотивираат и да ги научат дека се неразделен дел од општествената заедница и дека имаат право на нивни скок.
Сите ние, преку продлабичениот поглед на овие фотографии, имаме ретка можност да се побараме себеси и да ја пронајдеме пораката за нашите обврски. Нашите обврски мора да бидат во духот на взаемно разбирање и почит кон различностите, уривање на стереотипите и креирање на нов однос за реалноста во која живееме.
Овие прекрасни животни фотографии нека ни бидат мотив сите заедно, но и секој поединечно да направиме скок, да ги почитуваме различностите и да градиме амбиент на општествена одговорност за целосна инклузија, особено на лицата со посебни потреби- рече Ангелоска.
Оваа изложба пред два месеци за прв пат беше отворена во Претседателската градина во Израел и доби награда за специјален придонес за развој на општеството, а беше претставена и во Виена, Нови Сад и Скопје.