ОТВОРЕНА ИЗЛОЖБАТА „ БОРБА И СТРАДАЊЕ-ПОЛСКИТЕ ГРАЃАНИ ЗА ВРЕМЕ НА ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА“
- септември 3, 2019
- 0
Во организација на амбасадата на Република Полска во Република Северна Македонија, синоќа во Центарот за култура „ Григор Прличев“ беше отворена изложбата „Борба и страдање-Полските граѓани за време на Втората светска војна“. На отворањето на изложбата, на кое присуствуваше и полскиот заменик- амбасадор Пиотр Висоцки, се обрати заменик- градоначалникот Ристо Николески.
– Со поставувањето на оваа изложба, кај сите нас навираат тажни мисли за милионските жртви и уништените материјални добра, но оваа пригода треба да ја искористиме и да ја испратиме пораката- никогаш да не се повтори. Конфликтите да се решаваат на мирен начин и на луѓето да им се овозможи да живеат во мир и меѓусебно почитување.
Во Втората светска војна учестувале 61 држава со околу две милијарди луѓе, околу 115 милиони луѓе биле мобилизирани, од кои, околу 60 милиони загинале. Треба да потсетиме дека ужасите на војната ги почувствува и нашата држава и во антифашистичката војна која даде свој придонес за завршување на оваа најстрашна трагедија на дваесеттиот век.
Морничавите фотографии треба да не потсетат да им ја оддадеме должната почит на сите кои ги дадоа животите за победата над фашизмот и младите генерации постојано да ги потсетуваме да го прават тоа. Треба да ги потсетуваме дека за слободата во која живееме се леела крв и дека таа е скапо платена со човечки животи- рече заменик-градоначалникот Ристо Николески.
Изложбата, посветена на 80- годишнината од почетокот на Втората светска војна, ја подготвија Министерството за надворешни работи на Република Полска и Музејот на Втората светска војна од Гдањск, а посетителите ќе можат да ја видат до 10. септември.