СВЕТСКА ГОТВАЧКА ЕЛИТА НА „ГАСТРО МАК“ ВО ОХРИД
- октомври 12, 2019
- 0
Светски познати готвачи и шефови на кујни се дел од четвртото издание на Интернационалниот гастрономски натпревар – „Гастро Мак”, кој деновиве се одржува во Охрид.
Во рамки на предвидената програма, вчеравечер, дел од кулинарските активности и презентации ги проследи Претседателот на Советот на Општина Охрид, Живка Ангелоска.
-Ми претставува особена чест и задоволство во мое лично име и во името на охридската локална самоуправа да Ве поздравам и да ја искажам нашата благодарност што со организирањето на четвртото издание на Интернационалниот гастрономски натпревар „Гастро Мак”, овој празничен викенд, Охрид го претворивте во светски центар на кулинарството, каде што своите готвачки способности и потенцијали ги одмеруваат реномирани светски готвачи и шефови на кујни.
Нашиот туристички центар има широка понуда на угостителски објекти, кои од година во година започнуваат да ги следат новите трендови и започнуваат да се идентификуваат со уникатни специјалитети и сопствен печат во подготвувањето и сервирањето на храната. Сметам дека овој настан е од големо значење за современ развој на угостителството и за промоција на Охрид како туристички центар. Овој настан ќе придонесе за промоција на кулинарските потенцијали на овој регион, понудени на модерен начин во согласност со светските угостителски стандарди.
Општина Охрид секогаш е подготвена за поддршка на вакви настани, кои се во насока на промоција на Охрид како туристички центар и настани кои придонесуваат за збогатување на туристичката понуда надвор од шпицот на летната туристичка сезона, истакна Ангелоска во своето обраќање пред присутните.
На овогодинешното издание на „Гастро Мак“ учествуваат над 300 учесници, над 90 лиценцирани судии од Светската асоцијација на здруженијата на шефови на кујни, гастрономски амбасадори и почесни гости од 30 светски земји. Овој континентален гастрономски настан е во организација на Националната асоцијација на готвачи и шефови на кујни од Рeпублика Северна Македонија поддржана од Министерството за култура и Општина Охрид.