ИСТОРИЈА НА ОХРИД

ОХРИД И НЕГОВИТЕ РИЗНИЦИ

Автор на текстот:  Ристо Кузмановски

Кажале за Охрид

“Охрид, вечниот град на митскиот Балкан, волшебниот рид на Македонија, со своето исконско пулсирање ги поврзува старите во новите времиња, за навек, бидејќи:

 Тој е жив град две илјади и четиристотини години, легитимен наследник на Лихнид, град со вткаени дострели на силната античка цивилизација; градот Охрид е всушност културната историја на Република Македонија во мало.

 Како епископски центар во античките времиња, а подоцна и преку надалеку прочуената Охридска архиепископија низ вековите, градот ја претставува, исто така, целокупната црковна историја на Македонија и го носи епитетот “балкански Ерусалим”.

 Во овој град бил лоциран, преку дејноста на св. Климент Охридски во крајот на IX и почетокот на X век и првиот Сесловенски универзитет во Европа.

 Охрид, бил и најзначајната официјална престолнина на Првата македонско – словенска држава, поточно на Самуиловото Царство.

 Охрид е преродбеничко жариште на Македонија во XIX век со силната максима на еден од најголемите европски интелектуалци од тоа време, охриѓанецот Григор Прличев, наречен Втор Хомер.

 Охрид е и денес културен, духовен и туристички центар на Македонија, и накрај, како круна на вредностите, Охрид и Охридското Езеро се светско културно и природно богатство под заштита на УНЕСКО од 1980 година!”

 Паско Кузман
(археолог и истражувач на Охрид, 1994 г.)

  

“Кога во сончев ден се капете во Охридското Езеро, и кога наеднаш ќе изроните од неговите длабочини и кога во еден еден миг ќе ја заплискате водата над себе, околу вас во круг, на мазната светлотемна површина се создаваат сребрени, проѕирни, големи и мали меурчиња. Во секое од нив двапати се огледува сонцето, како две искри со нееднаква големина. Кога ќе се доближете до едно од поголемите меурчиња, и ќе го задржите здивот за да не го разбиете, можете во него како во криво огледало да го здогледате своето лице, влажно и насмеано. А, над вас секогаш останува светлото сонце, како огромна ѕвезда. Сето тоа трае кратко, како секоја убавина, а се повторува безброј пати…”

 Иво Андриќ, писател и добитник на Нобелова награда за литература
(Фрагменти од патеписот “Крај светлото Охридско Езеро”)

 

 

Св.Климент Охридски
Св.Климент Охридски

Монументален споменик на Св. Климент Охридски, заштитник на Охрид

На 9 август 2006 година, на денот од смртта на Св. Климент Охридски (9 август 916 година) пред 1090 години, на плоштадот „Св. Климент Охридски” во близина на градското пристаниште на Охридското Езеро, беше откриен споменик на словенскиот светител и просветител, дело од скулпторот академик Томе Серафимовски, висок 6,5м. и тежок 4,5 тони. Изработката на споменикот ја финансираше бизнисменот Зоран Зеленковски, како личен подарок во знак на почит кон Охрид и неговата историја.

На свеченоста поздравен збор имаше Александар Петрески, градоначелник на Општина Охрид.

Беседа за Св. Климент одржа академикот д-р Цветан Грозданов, претседател на Македонката академија на науките и уметностите. Осветување на Светиклиментовиот споменик го извршија митрополитите Тимотеј и Агатангел во сослужување на свештениците од Дебарско-кичевската епархија.

“Човек би рекол дека пред себе има дел од море истргнат од океанот и фрлен меѓу недостапните планини кои го опкружуваат од сите страни. На Охридското Езеро навистина му одговара името македонско слатководно море…”

акад. Синиша Станковиќ,
(југословенски биолог – 1959)

  

“Ги посетив црквите во Охрид, ги има околу триесет. Тоа е единствено сведоштво дека помеѓу византиското црковно сликарство, Равена и Сицилија, од една страна, и италијанската ренесанса од друга страна, не постоела празнина. Охрид е значаен мост на европската уметност…” 

Сер Херберт Рид,
(британски историчар на уметност, 1961 г.)

 

 “Во Охрид, во 1945 година, навистина дојдов поради фреските… Запад воопшто не ја познава нашата ренесанса. Запад долго не го сфаќаше словенскиот национален придонес за современото сликарство.”

 Иља Еренбург,
(советски писател, 1965 г.)

  

“Денес не е можно да се студира византиска уметност ако не се посети Македонија… Гледајќи ги фреските во Света Софија во Охрид, особено се забележува начинот на кој непознатите уметници ги постигнувале ликовните решенија во композициите. Потполно е неоправдано да се зборува за постоење на чиста византиска школа.” 

Давид Талбот Рајс,
британски византолог, 1961 г.)

  

“Фасцинантно е тоа што се случува во археолошките локалитети во Охрид. Станува збор за вистинска ренесанса на македонската археологија и уметност поврзани за Охрид.” 

Академик д-р Дејан Медаковиќ,
(
историчар на уметност и претседател на САНУ, 2002 г.)

 

 “Како единствен, траен институционален фактор истапувала Охридската архиепископија, црковна организација втемелена уште од времето на Цар Самуил која ги надживеала сите државни творби во Македонија. Згаснала дури кон крајот на XVIII век. Архиепископијата до крајот останала чувар на културните традиции на македонските словени. Во внатрешното општење го негувала словенскиот заедно со грчкиот јазик со кого се служеле јужните епархии.” 

Академик д-р Цветан Грозданов
(Фрагмент од уводот во студијата Портрети на светителите од Македонија од IX – XVIII век, 1983 г.)

 

 “Во Охрид на секој чекор ве следи мислата дека тука пред вас минал некој творец, некој човек, минале луѓе и цели генерации што оставиле свои траги.”

 

д-р Никола Бошале,
(социолог и истражувач на минатото на Охрид, 1997)

 

#Кажале-за-Охрид

“Градот Охрид доби споменик на својот заштитник. Тоа е светител кој поседува сила и е моќен исцелител. Тој нуди надеж и верување во исконските вредности на човечкиот дух. Уверен сум дека овој лик на Св. Климент на скулпторот Томе Серафимовски им се придружува на оние ремек дела на скулптурата кој ги создала човечката рака, каква што е Гатамелата на Донатело или Колеоне на Верокио. Тие настанале за да ја истакнат нивната војничка слава.”

 Академик Дејан Медаковиќ, Белград 2006 година

ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО – РИЗНИЦА НА ПРАСТАР РАСТИТЕЛЕН И ЖИВОТИНСКИ СВЕТ

 

Kога се набљудува Охридското Езеро, во кое било годишно време, осветлено од сонцето, се добива впечаток дека тоа тукушто се родило, а неговите милиони години, колку што е старо, како да не постојат. Во неговите сини води постои растително и животинско царство за коешто денес единствено се знае од фосилите.

Основен услов којшто го овозможил одржувањето на остатоците на прастариот растителен и животниски свет, како и неговата натамошна еволуција, е долгиот континуитет на егзистенцијата на Охридското Езеро. Всушност, Охридското Езеро почнало да живее уште пред појавата на човекот. Поточно, според професорот д-р Синиша Станковиќ, долгогодишен истражувач на ова езеро, тоа е старо околу четири милиони години. Настанало во дамнешните геолошки епохи со тектонско поместување на почвата.

Денес, во светот има само неколку езера чија старост би можела да се споредува со Охридското Езеро. Можеби, единствено Тангањика во Африка и Титикака во Јужна Америка настанале во ист геолошки период.

Охридското Езеро и според начинот на својот настанок претставува интересна реткост. Тоа настанало со вертикално пропаѓање на почвата. Релативно мал број езера настанале на ваков начин. Меѓу другите, така настанало и најдлабокото Бајкалско Езеро во Сибир, во Русија, кое е стотина пати поголемо од Охридското Езеро. Водите на двете езера ги населува сличен ендемичен растителен и животински свет.

Охридското Езеро е сместено во котлина која од сите страни е опкружена со планини чии врвови често надминуваат 2000 метри надморска височина. На источната страна се наоѓаат планините Петрино и Галичица, со врвот Магаро (2255 м). Планината Галичица ја дели Охридската и Преспанската котлина. На јужното крајбрежје на езерото се наоѓаат албанските планини.

Охридското Езеро со право заслужува назив – македонско слатководно море, и тоа не само поради топлата сина боја, која е поинтензивна и од небесното синило, туку и поради големината, бидејќи зафаќа површина од 358 км2.Така, се добива впечаток дека пред нас се наоѓа голем морски залив или пак истргнато парче морска широчина, фрлено меѓу високите планини на надморска височина од 695 метри. А над езерото, на неговиот северен брег како посебен декор се издигнува древниот Охрид, сместен на двоен рид, чија највисока точка – Самуиловата крепост, се наоѓа на околу 800 метри надморска височина.

Речиси правилниот елипсовиден облик на езерото овозможува од безброј места, со поглед да се опфати целата негова живописна модросина површина. Од манастирот Свети Наум па сè до селото Радожда на спротивниот брег, по водата се протега невидлива гранична меѓа, којашто езерото го дели на два дела. Две третини од неговата површина и припаѓаат на Република Македонија, а една третина на Република Албанија.

Најголемата должина на Охридското Езеро изнесува околу 30 километри. Неговата широчина е различна – од максимална 15 км. до средна широчина од 11 км. Најголемата длабочина од 286 метри е измерена меѓу селата Пештани и Трпејца, на околу 5 км. од езерскиот брег. Средната длабочина на езерото е 151м.

За бистрата вода чија провидност изнесува и до 22 метри, што претставува вистинска реткост помагаат бројните подводни врутоци и изворите кои се наоѓаат по должината на источниот и јужниот брег. Најголемиот број извори се подземни притоци од соседното Преспанско Езеро, кое се наоѓа на поголема надморска височина, а исто така е создадено со тектонско поместување на почвата.

Најпознати извори се охридските Студенчишта или пак уште попознати како Билјанини извори, кои се наоѓаат во непосредна близина на градот. Силни извори има околу манастирот Свети Наум (29 км јужно од Охрид). Овие извори излегуваат од варовитите спили во подножјето на планината Галичица. Најпрвин водата се собира во едно живописно езерце, кое во текот на своето постоење формирало и две мали живописни островчиња. Кристално бистрата вода од езерцето преку една куса и брза рекичка се влева во Охридското Езеро.

Кај Струга (14 км од Охрид) водата на Охридското Езеро истекува низ реката Црн Дрим, која, во Албанија, се влева во Јадранското Море.

Од најстари времиња бреговите на Охридското Езеро биле густо населени. Во текот на подоцнежните векови, покрај многубројните помали, главно рибарски села, израснале и три големи населби: Охрид и Струга на македонската, и Поградец на албанската територија.

Со својата единствена флора и фауна, Охридското Езеро претставува еден од најголемите биолошки резервати на Европа. Уште првите научни истражувања, кои во Охридското Езеро беа вршени во текот на XIX век, открија дека во него, како едно од најстарите езера на нашата планета, се зачувал прастар жив свет кој во други места воопшто не постои или пак се среќава само во форма на фосили.

Исклучително значење имаат охридските риби. Рибната фауна на Охридското Езеро ја сочинуваат 17 видови, кои им припаѓаат на три групи: пастрмки, бели риби и јагули. Десет вида меѓу охридските риби се ендемични. Меѓу најпознатите ендемични видови риби, кои го населуваат само Охридското Езеро се пастрмките: летница и белвица. Покрај јагулата, кленот, крапот, мрената, скобалот и моранецот, живее и малата риба плашица.

Охридскиот (тркалезен) ендемичен сунѓер претставува една од најинтересните реликтни форми во езерото. Во Охридското Езеро живеат и други видови сунѓери кои се пораспространети. Меѓутоа, охридскиот тркалезен сунѓер научниците го споредуваат единствено со ендемичните сунѓери во Тибериското Езеро на Блискиот Исток и во Бајкалското Езеро во Сибир. Заклучокот на научниците е дека: охридските, бајкалските и тибериските сунѓери претставуваат многу стари остатоци од некогашниот жив свет од евроазиската област што се сочувале до денес, секој вид во своето езерско живеалиште.

Систематските истражувања на водата на Охридското Езеро ги започнал проф. д-р Синиша Станковиќ (1892 – 1974) уште во 1922 година. Неговите проучувања за прастарата флора и фауна траеја повеќе од половина век, сè до неговата смрт.Тој докажа дека во ова езеро има многу ендемични и наполно непознати растителни и животински форми, и дека во тој поглед претставува единствен природен музеј. Токму поради тоа, Охридското Езеро е еден од природните резервати на нашата планета, а за науката особено значајно е тоа што мошне долго остана геолошки неизменето. А токму, тоа ова езеро го прави идеална лабораторија за откривање на многу тајни за настанувањето и за развојот на животот на Земјината топка.

За континуираните истражувања на Охридското Езеро беше потребно да се организира научен центар во самиот Охрид. Така, во 1935 година, проф. д-р Синиша Станковиќ, кај охридските извори Студенчишта, го основа Хидробиолошкиот завод. Изминатите децении, Охридското Езеро ги заинтересира научниците од целиот свет. Ова езеро спаѓа меѓу најмногу и најдолго континуирано-проучуваните езера. Овој факт, веројатно беше и една од причините, група американски лимнолози во 1972 година да им се придружи на македонските колеги и заеднички да се обидат да ги откријат уште неоткриените тајни на езерото. А, носители на заедничкиот научно-истражувачки проект меѓу 1972 и 1983 година беа Смитсоновата задужбина од американската страна, и Хидробиолошкиот завод од Охрид од македонската страна.

Охридското Езеро отсекогаш имало големо економско значење за животот во овој крај. Уште од памтивек рибарството претставувало една од најважните стопански гранки за жителите на охридското крајбрежје.

Под влијание на Јадранското Море, Охридската котлина има менлива медитеранска клима. Во охридскиот крај успеваат медитеранските растенија: чемпреси, бадеми и смокви. Целата зона со планините што го опкружуваат Охридското Езеро се наоѓа во котлина, во која се судруваат јадранската, егејската, континенталната и високопланинската клима.

На Охридското Езеро, во текот на летната сезона се одржува Меѓународен пливачки маратон. На овој натпревар, кој првпат се одржа во 1962 година, учествуваат пливачи од целиот свет.

 

  • РИЗНИЦА НА ЗДРАВЈЕТО

Опсежните проучувања од страна на медицинските експерти потврдија дека на бреговите на Охридското Езеро постојат одлични услови за развој на здравствениот туризам. Релативно нискиот атмосферски притисок, големиот број сончеви денови, поволното струење на воздухот, благите промени на температурата од едно во друго годишно време и многу други климатски погодности на охридското крајбрежје се вистинска Ризница на здравјето и, благотворно влијаат здравјето на луѓето. Според лекарите има идеална клима за лекување на кардиоваскуларни болести, особено за постинфарктен третман. Ладната езерска вода е мошне корисна за лекување на проширени вени.

Лекарите особено постарите пациенти ги советуваат за користење престој кај манастирот св. Наум и кај селата Љубаништа и Трпејца. Ова подрачје крај бреговите на Охридското Езеро е идеално за климатотерапија. Поради близината на планината Галичица која се наоѓа помеѓу Охридското Езеро и Преспанското Езеро, езерската клима е корисна за анемични лица. Надморската височина и чистиот воздух го поттикнуваат создавањето на црвените клетки. Климатските услови во Охридскиот регион благотворно влиаат врз заболените од асма и реуматизам и го забрзуваат процесот на нивното лекување. Водите на Охридското Езеро благотворно делуваат и за лекување детска парализа.

 

  • ПОДВОДНА И КРАЈБРЕЖНА АРХЕОЛОГИЈА НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО

Под водите на Охридското Езеро се наоѓаат археолошки резерви од праисторијата, наваму. Кон крајот на ХХ век од страна на охридски нуркачи откриени се неколку наколни праисториски живеалишта во месноста Градиште кај селото Пештани. Најголемото подводно археолошко наоѓалиште во Македонија беше откриено од група струшки рибари, кон средината на осумдесеттите години на ХХ век во Врбник кај Струга.

Со епохалното археолошко откритие кај населбата “Охридати” во крајбрежниот појас на Охридското Езеро, уште еднаш се потврдува дека под водите на Охридското Езеро се наоѓаат археолошки резерви од периодот на праисторијата па наваму. Крајбрежниот простор кај Охридското Езеро од хотелот Палас до населбата “Охридати”, лежи на остатоци од неколку наколни населби од времето на неолитот па сè до крајот на бронзеното време. Сите нови куќи се изградени врз остатоци од наколни живеалишта во овој крајбрежен дел од центарот на Охрид.

 

ОХРИД – ГРАД НА ВЕКОВИТЕ

 

Бреговите на Охридското Езеро биле населувани уште од прастари времиња. Археолошките податоци говорат за населби од неолитскиот период (младото камено време), 6000 години пред нашата ера. Од ова време, во рамничарскиот дел на Охрид, во неговото северно предградие Долно Трново, откриена е неолитска населба со богат археолошки материјал. Археолошките наоди од мај 2006 г. (на археологот Паско Кузман), потврдуваат дека на Езерското крајбрежjе во центарот на Охрид имало праисториски наколни живеалишта. Археолошките остатоци на наколната населба откриена на просторот меѓу туристичкото училиште и населбата “Охридати”, ова праисториско живеалиште, според археологот Паско Кузман, истражувач на Охрид, егзистирало околу 5000 години пред новата ера, што значи дека е старо околу 7000 години.

Први познати жители во областа на Охридското Езеро биле Бригијците (Фригијците) и Енхелејците, од коишто подолго време доминирале Енхелејците. Овие пак, според Херодот и Аполодор, не биле Илири туку нивни најблиски соседи. На овој простор подоцна се спомнуваат Десаретите, а градот Лихнид како главен град на областа Десаретија.

Повеќе векови од I милениум пред нашата ера, на десетина километри северно од Охрид, во близина на денешниот меѓународен Аеродром, егзистирала моќна населба со непознато име, на која и припаѓа богат археолошки материјал (златни маски, златни сандали, златни нараквици, бронзени кратери и др.), од кнежевските гробници на надалеку прочуената некропола “Требениште”. Настанувањето пак, на античкиот град Лихнид (во превод значи Град на светлината), се поврзува со легендата за Фениќанецот Кадмо, кој прогонет од Теба во Беотија, пребегал кај Енхелејците и на брегот на Охридското Езеро го основал градот Лихнид.

Кон средината на IV век пред новата ера, градот Лихнид и населбата покрај брегот на Охридското Езеро ги зазел Филип II Македонски. По освојувањето пак, на овие краишта од Римјаните во 148 година пред новата ера, бил изграден патот Виа Игнација, кој преку Лихнид, го поврзувал денешен Драч со Солун и со Цариград.

Со навлегувањето на христијанството, кое овде почнало да се шири од крајот на III век, античките храмови биле разурнати и заменети со многубројни монументални ранохристијански цркви, чии остатоци се откриени на повеќе места во Охрид и во неговата околина. Прв христијански мисионер во Лихнид во III век бил Еразмо од Антиохија, а пишуваните извори говорат дека овој град во V век бил седиште на лихнидските епископи. Во VI век Лихнид се наоѓал во рамките на Византиското Царство. Тогаш преку реката Дунав на Балканскиот Полуостров продреле Словените. Кај Лихнид се појавило и населило словенското племе Брсјаци.

Првпат називот Охрид се споменува во протоколот на Цариградскиот собор во 879 година. Се смета дека градот ова име го добил од словенските зборови “во хрид” – на рид, бидејќи стариот дел на Охрид се наоѓа на рид.

Свети Климент и свети Наум, најпознатите ученици на браќата Кирил и Методиј од Солун, по нивната мисија и прогонството од Моравија, дошле во Охрид. Најпрвин Климент (во 886 година), а потоа и Наум (во 893 година) пристигнале во областа Кутмичевица, која се наоѓала на тромеѓата на денешна Република Македонија, Албанија и Грција, и ги опфаќала Охрид и исчезнатите градови Девол и Главеница. Охрид станал центар на Охридската книжевна школа.

Св. Климент минал 30 години меѓу македонските Словени. Од неговата манастирска црква Св. Пантелејмон (изградена во 893 година), излегле 3500 ученици. Тие ја ширеле словенската писменост и култура, црковното пеење и уметноста во повеќе словенски земји сè до Киев (средновековна Русија). Кон крајот на IX и почетокот на X век биле положени темелите на словенската писменост, духовност и култура. Охрид бил центар на словенската писменост, духовност и култура. Заслужено место во ширењето на словенската духовност во Европа и во светот има Охрид, особено во евангелизацијата на словенскиот христијански Исток која започнува токму на бреговите на Охридското Езеро со дејноста на св. Климент Охридски и св. Наум Охридски.

Евангелизацијата на словенскиот Исток со словенски зборови и со словенско богослужение тргнала од Охрид. Се шири преку бугарскиот Преслав до Киев и Москва, па сè до Далечниот Исток во Азија, до крајбрежјето на Тихиот Океан, од Владивосток на југ до полуостровот Камчатка, на север во денешна Русија.

Долго по смртта на Климент (916 година) и Наум, (910 година) Охридската книжевна школа била расадник на значајни ракописи за славистиката и историјата на уметност. Оваа книжевна школа, која на македонскиот терен дејствувала од IX век, била верен приврзаник на глаголицата. За нејзината дејност можат да се поврзат некои од најзначајните словенски ракописи, создавани до XII век, кога глаголицата била заменета со кирилица.

“Во Охрид се создава црковно седиште кое го надминува Самуиловото Царство за повеќе векови и кое во историјата на јужните Словени има извондрена улога. Идеолошки, Самуиловото Царство било поврзано со старото Бугарско Царство така што и самите негови творци и Византијците го нарекувале бугарско. Зошто традицијата на царствата и патријаршиите освен во Византија постоеле само уште во Бугарија. Самуил ги прифатил овие традиции и го превзел наследството на Симеоновото и Петровото Царство, кое потпаднало под Византија. Всушност, неговото царство значително се разликувало од Симеоновото и Петровото Царство и по состав и по карактер било ново царство. Неговото тежиште се поместувало кон југозапад и Македонија го сочинувала неговото јадро.”

 Г. Острогорски (“Историја на Византија”, за Самуиловото царство, стр. 288)

 

Почетоците на Самуиловото Царство, Првата држава на македонските Словени, се поврзани краиштата околу Охрид. Овде во втората половина на X век, под водство на брсјачкиот кнез Никола и неговите синови Давид, Арон, Мојсеј и Самуил, избувнало вооружено востание, најпрвин против Бугарија (969 година), а потоа и против Византија (976 година).

На чело на македонската средновековна држава застанал цар Самуил, по кого го добила и името. Јадрото на ова царство го сочинувала Македонија. Околу четири децении од Самуиловото владеење се исполнети со борби со Византија и со освојувања. Цар Самуил ги проширил границите на својата држава до реките Дунав и Сава, до Коринтскиот Залив и до Јадранското Море. Најпрвин Преспа, а потоа и Охрид, за време на владеењето на Самуил од 976 до 1014 година и неговите наследници Гаврил Радомир и Јован Владислав до 1018 година, биле царски престолнини.

По поразот на цар Самуил на планината Беласица во 1014 година, византискиот цар Василиј II заробил 14 илјади негови војници кои откако ги ослепил, оставајќи на секој стотти по едно око, ги испратил кај нивниот цар. Набргу потоа, наследниците немоќни да го одржат, Самуиловото Царство во 1018 година било дефинитивно покорено. Цар Василиј II го зазел Охрид и ги разурнал градските бедеми. Царското семејство било одведено во ропство. Охридската патријаршија пак била сведена на ниво на архиепископија.

Периодот на Охридската архиепископија, под чија власт се нашла огромната територија на Балканот, од реката Дунав до бедемите на градот Солун и до Јадранското Море, во средновековната историја на Охрид, претставува посебно поглавје со повеќекратно значење. Цариградскиот двор, со желба да ги задржи македонските Словени под свое влијание, на чело на Охридската архиепископија ги поставувал највлијателните и најспособните црковни великодостојници: писатели и филозофи, учени богослови и поети. Така, средновековниот Охрид станал значаен центар кој ги привлекувал најпознатите тогашни сликари и градители.

Во XI век за охридски архиепископ бил назначен Лав, еден од најистакнатите поборници на православието.

Според замислата на архиепископот Лав била обновена и декорирана охридската катедрала Св. Софија. Кон крајот на XI и во почетокот на XII век, охридски архиепископ бил истакнатиот писател и беседник Теофилакт, автор на Пространото житие за св. Климент Охридски. Во втората половина на XIII век за охридски архиепископ бил назначен Константин Кавасила, автор на поетски состави во слава на св. Климент Охридски и единствен меѓу охридските архиепископи, кој во овдешните цркви бил сликан како светец.

По заземањето на Цариград од крстоносците во 1204 година, поглавари на Охридската архиепископија стануваат црковните великодостојници од домашната средина кои прокламирале целосна независност на архиепископијата, барајќи за тоа корени во Јустинијановите правни акти. Во овие услови, охридскиот архиепископ Димитриј Хоматијан, познат средновековен беседник и писател – автор на Краткото житие на св. Климент Охридски – и покрај жестоката реакција на цариградскиот патријарх, византискиот деспот Теодор Комнен го крунисал за цар.

Охридската архиепископија била мошне самостојна. Таа пред сè, им била верна на своите традиции. Имала свои ктитори и специфични охридски култови, а во подоцнежните времиња (особено во XIV век) и сопствени сликарски работилници. Ктитори на охридските цркви не биле само дојдените благородници, туку овде цркви, како свои задужбини, граделе и локалните свештеници и игумените на Климентовиот манастир. Култот на св. Климент и на св. Наум бил многу силен. Тие во овдешните цркви биле сликани на најистакнати места.

Во XV и XVI век Охридската архиепископија својата јурисдикција ја шири на нови територии на Балканот и во подрачјето на Медитеранот. Во XVI век Охридската архиепископија својата управа ја проширила во православните колонии на Малта, во Апулија, Калабрија, Сицилија, Венеција и Далмација.

Со наредба на турскиот султан Мустафа III во 1767 година е укината Охридската архиепископија и приклучена кон Цариградската патријаршија.

На Вториот црковно-народен собор во Охрид, во октомври 1958 година, Охридската архиепископија беше обновена и сега носи назив Македонска православна црква. Охрид се наоѓал под турска власт од крајот на XIV век па сè до почетокот на XX век, односно од 1395 до 1912 година. Во почетокот турските султани и помагале на Охридската архиепископија да ги проширува своите граници.

Суштествени промени се случиле во 1466 година. Извесен број тогашни угледни охриѓани го помагале востанието на албанскиот борец Скендербег против Турците. Архиепископот Доротеј и повеќемина охридски клирици и болјари, по наредба на султанот, морале да го напуштат Охрид, и животот да го завршат во заточение.

Како значаен економски и културен центар Охрид се развил кон крајот на XIX век. Тогаш, охридските кожуварски работилници ги извезувале своите производи во повеќе балкански и европски градови (во Цариград и Солун, Лајпциг и Виена). Во тоа време оживеало и градежништвото. Пристигнувале резбари и сликари од околината на Дебар.

Во втората половина на XIX век соседните држави Грција, Бугарија и Србија се грабaле за македонската територија и наметнување на свое присуство и влијание.

По укинувањето и присоединувањето на Охридската архиепископија кон Цариградската патријаршија во 1767 година, се засилило влијанието на елинизмот.

Отпорот против грчкото духовно ропство, особено се заострил по 1860 година, по назначувањето на злогласниот владика Мелетиј за охридски митрополит. Не само во Охрид туку и во Македонија, борбата против грцизмот прв ја повел македонскиот просветител Димитрија Миладинов, роден во Струга, учител на поетите Григор Прличев и Рајко Жинзифов. Тој бил затворен во Цариград, каде што заедно со својот брат, поетот Константин Миладинов биле отруени.

Отпорот на напредните слоеви на македонското население против грчкото духовно ропство во Охрид продолжил на чело со поетот Григор Прличев, автор на поемите “Сердарот” и “Скендербег”. Тој по победата на поетскиот конкурс во Атина во 1860 година со поемата “Сердарот”, се откажал од школувањето во Оксфорд и се вратил во родниот град Охрид. Борбата против грчкото духовно ропство завршила успешно. Во 1869 година со султанов хатишериф биле укинати грчките училишта во Охрид. Во чест на големиот преродбеник, во стариот дел на Охрид, изграден е меморијален музеј, Спомен – куќа на Григор Прличев. Овој музеј беше отворен на 06.02.2000 год. Тоа е место каде што се одржуваат голем број значајни културни збиднувања, меѓу кои во рамките на “Струшките вечери на поезијата” е и одржувањето на Беседите за Григор Прличев, пишувани од поетите од светски ранг.

Основите на Македонската револуционерна организација за подготвување на населението за вооружено востание во Охридската околија, биле поставени во 1894 година. Во ноќта на 2 август 1903 година, охриѓани заедно со народот од другите краишта на Македонија, масовно учествувале во Илинденското востание, кое по одгласот и значењето ги надминало регионалните рамки на Македонија.

Набргу по првите востанички пушки турскиот аскер почнал жестоки репресалии врз македонското население. Најголем збег на населението бил организиран во планинскиот предел Рашанец (североисточно од Охрид). Кон крајот на август 1903 година, кога овој крај бил нападнат, Рашанец станал заедничка гробница на многу невини жени и деца, старци и старици и востаници. Од 1912 година, кога конечно била отфрлена турската власт, па сè до 1915 година, Охрид се наоѓал под власт на српската држава.

Од 1918 до 1941 година и припаѓал на стара Југославија. За време на Првата светска војна (1914-1918 година) и Втората светска војна, Охрид беше под бугарска власт. Охрид беше ослободен на 7 Ноември 1944 година. Охрид, израсна во значаен македонски туристички центар, забележа големи достигнувања во областа на стопанството, а воедно разви и широка мрежа на образовни, културни, здравствени и други институции.

 

ГРАД – МУЗЕЈ И УМЕТНИЧКА РИЗНИЦА

 

Се вели дека охридската историја е стара колку и охридскиот обработен камен. Милениумите и вековите овдека се чувствуваат во многу нешта. Затоа древниот Охрид со право се нарекува град-музеј и уметничка ризница низ вековите.

Охрид е сличен на икона. Зелените бои и златниот блесок на вегетацијата, во различните годишни времиња, како да сугерираат слика покриена со патина. Се чини како да е составен од исклучително складен спектар на бои, каде што доминираат окерни тонови, без излишни акценти коишто би го нарушиле исклучителното колористичко единство. Охрид е како стара и скапоцена книга, но и како бескрајна нишка на раскошен ѓердан во кој секое од изминатите времиња оставило свој скапоцен камен.

На простор само од неколку квадратни километри, во стариот дел на Охрид, на двојниот рид под Самуиловата крепост, опкружен со средновековни бедеми, е зачуван единствениот музеј на античката и средновековната уметност. На овој простор среќаваме остатоци од антички храмови и ранохристијански базилики, како и многубројни цркви и црквички изградени од IX до XIV век и во подоцнежните времиња, со повеќе стотици квадратни метри фрески, со десетици скапоцени икони, со бројни ракописни книги и други раритети. Античкиот и средновековниот Охрид, гостољубиво отворајќи им ја вратата на градителите, сликарите и писателите бил значајна уметничка метропола на југот на Европа.

Со многубројните локалитети од праисторијата наваму и со траги на материјалната култура од пред осум милениуми, Охрид е и археолошка ризница. Градот Охрид и краиштата околу Охридското Езеро можат да се наречат и “Волшебна земја на археологијата”. На овој простор се откриени околу 250 археолошки локалитети со остатоци на материјална култура од неолитотот па сè до доцниот среден век.

Со своите три периоди Охрид влегува во историјата на Европа: кон крајот на IX и во почетокот на X век како Центар на словенската писменост, духовност и култура; кон крајот на X и во почетокот на XI век како престолнина на Самуиловото Царство, Првата држава на македонските Словени и како повеќевековно седиште на Охридската архиепископија, кога настануваат најзначајните архитектонски и сликарски дела.

Уметничкото создавање во Охрид кон крајот на IX век па сè до последните децении на XIV век било на врвот на ликовната култура во тоа време во Европа. Пред сè, за тоа најдобри сведоштва се охридските фрески и икони. Многу дела на охридското ѕидно сликарство и охридскиот средновековен иконопис спаѓаат меѓу најрепрезентативните остварувања на историјата на уметноста во епохата во којашто тие биле создавани. Преку нив, пак, можат да се следат и дострелите на ликовните стремежи на подрачјето на Југоисточна Европа и на Медитеранот.

Во XIV и XV век во Охрид дејствувале сликарски работилници. Ново и мошне значајно поглавје во уметничката историја на Охрид од тоа време претставува дејноста на сликарот Јован Теоријан и неговите соработници. Јован Теоријан бил еден од најзначајните сликари на XIV век. Сликал фрески во охридските цркви и икони. Неговото име е откриено во припратата на катот на црквата Света Софија, на мечот на архангелот во сцената “Покајување на Давид”.

Меѓу љубителите на уметноста, Охрид е познат како град на средновековни фрески, икони, а и на првите чекори на словенската писменост, духовност и култура. Во овој град средновековното ликовно создавање навистина оставило најдлабоки траги: три заокружени стилски настојувања – уметноста на династиите Македонци, Комнени и Палеолози во Охрид и во неговата непосредна близина добива врвни дела на своето време. Помеѓу средината на IX и почетокот на XV век Охрид се издигнува над тековите на периферните уметнички стремежи. Најдобрите дела на овој период добиваат свое место во антологијата на европската средновековна ликовна уметност.

Денес не може да се замисли ниту една антологија на средновековната уметност без охридските фрески од црквата Св. Софија од XI век или од црквата Св. Богородица Перивлепта од XIII век, ниту без иконите на охридската колекција. Токму во тоа е и исклучителното значење на Охрид – уметничката ризница на изминатите векови.

 

КУЛТУРНО – ИСТОРИСКИ СПОМЕНИЦИ ВО ОХРИД И НА БРЕГОТ НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО

 

  • ОХРИДСКАТА ТВРДИНА

Археолошките ископувања во Самуиловата тврдина од почетокот на XXI век, под раководство на археологот Паско Кузман, дадоа значајни резултати за цивилизацијата во ритчестиот дел во Охрид во бронзеното време пред околу 3000 години, како и за архајскиот и микенско-хелинистичкиот период од времето на 6 век п.н.е. до крајот на првиот милениум пред нашата ера.

Лихнид (град на светлината) бил некогашен антички назив за Охрид. Ова име градот го добил по светлата и бистра вода на Охридското Езеро. Охрид во IV век пр.н.е., за време на Филип Втори и неговиот син Александар Македонски како и во времето на нивните наследници, поточно во 3-2 век пред Христовата ера, бил монденски (световен) град на македонската цивилизација во античкиот период.

Меѓу епохалните археолошки откритија во првите години на XXI век група археолози предводена од археологот Паско Кузман, од Заводот и Музеј – Охрид во внатрешноста на Охридската тврдина, во 2004 година открија остатоци за кои се претпоставува дека се дел од првата тврдина од времето на Филип II Македонски. Оваа тврдина подигната на Охридскиот рид се смета дека била изградена во средината на IV век пред н.е. Археолозите пронаjдоа осатоци од бедемот на крепоста и кула од раната антика. Во Охридската тврдина од тој период археолозите пронајдоа автентични монети ковани во градот Лихнид. На лицето на монетите стои натпис со името на градот со чун, а на опачината е втиснат македонски штит. Пронајдени се и 12 мегарски чаши (изработени од фина керамика), а на дното е втиснато “Сонцето од Вергина”.

На 30 септември 2002 година, кај Горна порта, во стариот дел на Охрид, на северната страна на градските бедеми од Самуиловата тврдина, беше откриена гробница со женска златна посмртна маска, со златна ракавица и со златен прстен. Најдени се и гробни прилози од различен материјал: керамика, килибар, стаклена паста, железо, бронза, сребро и злато. Временската припадност на оваа гробница и наодите во неа се од V век пр.н.е.Тоа е најстарото познато погребување во Лихнидската некропола во ритчестиот дел на древниот Охрид.

Откривањето на новата гробница со златна маска и други гробни прилози во Самуиловата тврдина има епохално значење. Со овој археолошки наод се потврдува местото на Охрид во светската археолошка ризница, со четири златни маски и други гробни прилози откриени кај селото Требеништа во 1918 година и 1934 година, експонати кои сега се наоѓаат во националните музеи во Софија и Белград.

Со новото откритие се наметнуваат сосема нови сознанија за овие гробни прилози, дека припаѓале на најстариот древномакедонски етнос во ритчестиот дел на Охрид. Со ова археолошко откритие, археологот Паско Кузман смета дека се отфрла теоријата на многу научници дека Охрид бил илирски град.

Најстариот историски податок за Охридската тврдина е од III век пр. н.е. (209 година) каде што се спомнува како тврдина на градот Лихнид. Ја споменува античкиот историчар Ливиј, додека најстариот поопширен опис за тврдината датира од 478 година од хроничарот Малк (Малала), кој ја опишува како силно утврдување кое не можел да го освои остроготскиот крал Теодорих.

Охридската тврдина е еден од најголемите средновековни градови на територијата на Република Македонија. Со своите утврдувања и ѕидини го зафаќа целиот охридски рид. Од сите страни, со исклучок на јужната, која е свртена кон езерото, ритчестиот дел на градот бил заштитен со високи ѕидови и кули во должина од три километри, сè до близината на охридското пристаниште. Во стариот дел на градот се влегувало низ три порти, од кои зачувана е само Горна порта.

Тврдината, покрај функцијата за одбрана од непријателот, служела и за живеење. Таа е позната под називот Самуилова крепост. По епохалните археолошки откритија на археологот Паско Кузман, убедливо е потврдено дека на теренот во рамките на Самуиловата тврдина, во ритчестиот дел на Охрид, се поврзани неколку десеттици векови и тоа во три периоди – Предсамуиловиот, Самуиловиот и Постсамуиловиот период.

За време на владеењето на цар Самуил од 976 до 1014 година и неговите наследници до 1018 година, Охрид бил престолнина на Првата држава на македонските Словени. Тогаш обновената тврдина го зачувала својот монументален урбанистички костур. Пред и по цар Самуил и неговите наследници тврдината била урнувана и обновувана. По претворањето во политичко и црковно седиште на Самуиловата држава, Охрид израснал во вистинска средновековна метропола.

Во писмата на охридскиот архиепископ Теофилакт има повеќе податоци за изгледот како и за животот во Охрид кон крајот на XI и почетокот на XII век, кој тогаш бил голем средновековен град. Во склоп на неговите ѕидини имало повеќе улици, во кои биле изградени голем број повеќекатни згради и ниски дрвени куќи. Градот и тогаш имал своја тврдина – акропол, која доминирала над градската населба.

Кон крајот на XIV век Охрид бил населен во рамките на градските ѕидини. По преземањето на градот од страна на Османлиите, т.е. по доаѓањето на турските колонисти од Мала Азија, градот во XV век почнал да се шири и во рамничарскиот дел. Во рамките на градските ѕидини останало да живее христијанското население. Така, покрај горниот град во ритчестиот дел се формирал и долниот град во рамничарскиот дел на Охрид.

 

  • ОХРИДСКО ПРЕДАНИЕ ЗА ЗАКОПАНОТО БОГАТСТВО

Во секое значително откритие на археолозите во стариот дел на Охрид меѓу жителите на градот веќе со децении се пренесува едно охридско предание за закопаното богатство. Повеќе пати може да се слушне приказната за сокриеното богатство под огромна античка статуа кај Горна порта, кај ѕидовите на Самуиловата тврдина. Се раскажува дека во сончев ден во одредено време на годината таму каде што се наоѓала сенката на главата на античката статуа се наоѓало закопаното богатство. Во текот на времето статуата била уништена. Луѓето заборавиле на местото каде длабоко под земја било закопаното богатство.

Во стариот двоен ритчест дел на Охрид на платото на понискиот рид на местото наречено Дебој каде се расчистуваше теренот за изградбата на новото основно училиште “Св. Климент Охридски” во 1978 год. во археолошките истражувања со кои раководеше археологот Владо Маленко, беше најдена хелинистичка некропола од V век пр.н.е. со гробни прилози на предмети изработени од злато и друг скапоцен материјал. Посебно златните предмети се вбројуваат меѓу најзначителните откритија од хелинистичкиот период.

Овде на теренот од Охридското кале се најдени десетици златни обетки, прстени и гердани и друг накит украсен со минијатурни глави на амори, лавови, бикови, волци и со други мотиви. Тоа се предмети, гробни наоди кои можат да се вбројат меѓу врвните уметнички дела на златарството во своето време – античкиот период. Експонатите се сместени во Народниот музеј во Охрид.

На теренот на хелинистичката и римската некропола во V век била изградена ранохристијанска трокорабна базилика која од непознати причини подоцна (во ранохристијанскиот период) претрпела целосна реконструкција. Инаку, оваа е единствена базилика во Охрид и околината во која се откриени два хоризонтални слоја на мозаици. Базиликата веројатно била уништена во катастрофалниот земјотрес во 518 год. кога страдале многу градови во Македонија.

 

  • ЗЛАТНАТА МАСКА

При големиот зафат – систематски археолошки ископувања, конзервација и реставрација на Самуиловата тврдина во Охрид, покрај северниот бедем откриени се поголем број гробови и гробници со различни гробни конструкции кои припаѓале на жителите на античкиот Лихнид – денешен Охрид. Хронолошкиот распон на овие погребувања е од V век пр. н.е. до V век после нашата ера. Најголемиот број гробови припаѓаат на македонско – хелинистичкиот период (III – II век пр. н.е.) и се богати со разновиден археолошки материјал (украсени керамички садови, железни, бронзени, сребрени и златни предмети), чиишто карактеристики покажуваат дека исклучително припаѓале на најстариот древномакедонски етнос.

 

Исто така на 30 септември 2002 год., откриена е и гробница со седумдесеттина гробни прилози од разновиден материјал (керамика, килибар, стаклена паста, железо, бронза, сребро и злато), а меѓу нив најзначајни и најексклузивни се два: златната посмртна маска и златната ракавица со златен прстен. Ова епохално откритие за македонската, балканската и европската археологија фрла дополнителна научна светлина во разјаснувањето на надалеку прочуената некропола “Требеништа”, која се наоѓа кај с. Горенци во близината на Охрид. Во првата половина на XX век, во 1918 година и 1934 година се откриени, исто така, надалеку прочуените четири златни маски (денес две во Белград и две во Софија). Временската припадност на оваа гробница и на сите наоди во неа е почетокот на V век пр. н.е., и е најстаро погребување во рамките на лихнидската некропола.

 

  • ОХРИДСКИТЕ ИЗИДИ

Во рамничарскиот дел на Охрид ново сведоштво за античкиот Охрид дадоа археолошките откритија кај населбата Карабегомала. Во текот на 1967 година пред изградбата на еден станбен комплекс беа откриени остатоци на античка градба најверојатно на античко светилиште посветено на египетската божица Изида. Тогаш беа пронајдени две склуптури на божицата Изида создадени меѓу III и II век пред новата ера. Овие експонати се изложени во витрините на Народниот музеј. Култот на божицата Изида на крајбрежјето на Охридското Езеро се смета дека е пренесен од Египет.

Култот на египетската божица Изида датира повеќе од 3000 години. Божицата Изида ја преживеа египетската цивилизација. Во стариот век била прифатена во Грција и во Римското Царство. Сестра и сопруга на богот Озирис, мајка, љубовница, божица на плодноста и на надежта, Изида била една од најпочитуваните божици во Египет. Траги на нејзиниот култ се наоѓаат од Мароко до Велика Британија, од реката Дунав до реката Сена во Европа и од Украина до Индија во Азија.

На изложбата посветена на Изида и Рамзес која беше отворена во Милано во јули 1997 година беа изложени 700 експонати, склуптури, слики, папируси и документи, собрани од 120 светски музеи. Изложените предмети главно беа откриени во почетокот на XIX век кога започнаа големите археолошки откритија во Египет и археолошките откритија во разни зони на Италија.

 

  • АНТИЧКИОТ ТЕАТАР

Лоциран е во подножјето на источната косина на повисокиот охридски рид, под Самуиловата крепост, во близина на Горна порта, од каде што се доловува незаборавна глетка на Охридското Езеро и на планините што го опкружуваат.

Античкиот театар бил изграден пред два милениуми, во периодот на доцнежниот хеленизам, а бил преадаптиран веднаш по римските освојувања на овие краишта. Првите податоци за постоењето на овој театар, во литературата се јавуваат кон крајот на XIX век и во почетокот на XX век. Имало обиди да се открие овој театар, но сè се завршило со делумни ископувања, кои не дале соодветни резултати. Сондажните ископувања од 1960 до 1962 година од страна на археологот Васил Лахтов, помогнаа да се одреди локацијата и големината на театарот. Систематските работи во 1977 година ги започна археологот Владо Маленко и по прекинот од шест години ги продолжи во 1984 година.

Секако, еден од значајните податоци се вклесаните имиња на посетителите на претставите на седиштата од театарот. Најверојатно тоа се имиња кои имале закупени места во овој театар.

Најплеменитото и најзначајното откривање, конзервирање и презентирање на Античкиот театар се случи во 2001 година, со финансиска поддршка на Министерството за култура на Р. Македонија и ФАРЕ, кога беше за прв пат употребен како спектакуларна античка сцена со творецот на фестивалот “Охридско лето” и со престижната драмска претстава: MACEDOINE (Одисеја 2001)” на режисерот Иван Поповски. Оттогаш, секоја година се одржуваат спектакуларни претстави во рамките на фестивалот “Охридско лето”.

На 12 јули 2005 год. на Античкиот театар во Охрид, на 45-тата Меѓународна манифестација “Охридско лето”, пред околу 3500 гледачи, почесно место во историјата на овој фестивал, зазеде шпанскиот оперски тенор Хозе Карерас, примадоната Тина Горина и шпанскиот диригент Давид Хименез со одржаниот концерт со Македонската филхармонија.

 

  • РАНОХРИСТИЈАНСКАТА ЕПИСКОПСКА ЦРКВА

Во ритчестиот дел на Охрид во месноста Плаошник (на старословенски јазик значи зарамнето место на рид) се наоѓа монументална ранохристијанска црква, чие систематско археолошко ископување започна во 1961 година, а заврши во 1964 година. Храмот најверојатно бил изграден и декориран во V век, во времето кога Лихнид бил значаен ранохристијански центар на лихнидските епископи. Бил подигнат во поликонхален облик (облик на лист на детелина) врз темели на една постара античка градба. Во централниот дел и во крстилницата на оваа ранохристијанска црква се пронајдени мозаични композиции со флорални, зооморфни и антропоморфни фигуративни претстави. Во големиот мозаичен комплекс зачувани се околу стотина квадратни метри. Сводовите на овој храм биле украсувани со мозаици кои имале златна основа. Присуството на ваквиот раскош може да се толкува и со тоа што во овој храм било седиштето на Лихнидската епископија.

Систематските ископувања покажаа дека црквата имала огромни димензии. Непознатите сликари ја украсиле со извонредни мозаици. Ктиторите овој свој голем подарок го обележале со натпис во источниот дел на просторијата (северно од главната црква) без своите имиња на мошне скромен начин: “Го направија за свој благослов, оние чии имиња ги знае Бог.”

Оваа прекрасна црква, како и други ранохристијански храмови, се смета дека настрадала во катастрофалниот земјотрес во VI век, за што известува византискиот хроничар Прокопиј.

Меѓу IV и VI век во Охрид и неговата околина, според археолошките откритија, биле изградени десетина ранохристијански базилики. Во стариот дел на Охрид откриени се остатоци од шест ранохристијански храмови: споменатата ранохристијанска црква кај Плаошник потоа под Климентовиот манастир, под црквата Св. Софија, на улицата “Илинденска”, под црквата Св. Богородица Перивлепта и во нејзината близина на местото Дебој. Во близина на Охрид откриени се уште две ранохристијански базилики кај Студенчишта и кај пештерската црква Св. Еразмо.

 

  • КЛИМЕНТОВИОТ МАНАСТИР СВЕТИТЕ КЛИМЕНТ И ПАНТЕЛЕЈМОН НА ПЛАОШНИК

Во близина на ранохристијанската епископска базилика во месноста Плаошник, на 11 август 2002 година свечено беше осветен новоизградениот храм Светите Климент и Пантелејмон.

По 530 години овде повторно се пренесени моштите на св. Климент Охридски, прв словенски епископ во 893 год. и основоположник на Македонската православна црква.

Овде се наоѓала Охридската школа, жариште на словенската писменост, духовност и култура. Овде св. Климент Охридски, прв писател меѓу македонските Словени, ги составувал своите литературни творби, меѓу кои и “Пофалното слово за Кирил”, ремек -дело на средновековната словенска книжевност.

Меѓу археолошките остатоци во Климетовата црква Св. Пантелејмон се наоѓа и гробницата на свети Климент Охридски. Според житието на архиепископот Теофилакт за Климент Охридски, големиот словенски просветител оваа гробница ја направил со своја рака во која бил погребан во 916 година. Народното предание дека на ова место постои Климентова црква и неговата гробница, беше потврдено по првите археолошки ископувања во 1943 година, кога проф. Димче Коцо ги откри темелите на Климентовата црква и во исто време и гробницата на св. Климент Охридски.

Врз темелите на ранохристијанската базилика, од која се зачувани остатоци, била изградена црква со триконхална форма (лист на детелина), архитектонски облици, какви што биле негувани во Климентовото и Наумовото време. Црквата била обновена во XII век, а потоа уште еднаш во XIII век. Понатака, кон оваа црква биле доградувани капели, а во XIV век припрата и надворешна припрата со камбанарија.

Фреските од првобитната Климентова црква од IX век не се зачувани. Фрагментите на пронајдените фрески, во текот на археолошките истражувања, им припаѓаат на три различни периоди на обновувањето и проширувањето на Климентовиот манастир.

По доаѓањето на Османлиите, Климентовата црква била претворена во џамија, позната под називот Имарет џамија, која повеќе не постои. Врз археолошките остатоци на најстариот словенски манастир Св. Пантелејмон, кој во 893 година го изградил св. Климент Охридски, се наоѓа новоизградениот храм.

Завршните ископувања во Плаошник во Охрид, археологот Маленко ги започна есента 1999 година по отстранувањето на остатоците на Имарет џамија. Целта беше да се овозможат услови за возобновувањето на Светиклиментовиот храм.

Тогаш беше откриена крстилницата на петтокорабната базилика со кукасти крстови (свастики) на мозаичните подови кои потекнуваат од периодот меѓу IV и VI век. Се претпоставува дека оваа ранохристијанска базилика во Плаошник врз која бил изграден Климентовиот манастир во IX век била посветена на апостол Павле. Во Лихнид, денешен Охрид апостолот Павле христијанството го проповедал во I век од нашата ера.

 

  • НАУМОВИОТ МАНАСТИР СВЕТИ АРХАНГЕЛИ

Археолошките истражувања што беа вршени во 1955 година дадоа нови сознанија за Наумовата црква на Светите Архангели Михаил и Гаврил (на 29 км од Охрид, во близина на македонско – албанската граница, на брегот на Охридското Езеро). Првобитната црква, како своја задужбина во 900 година, ја изградил св. Наум Охридски, современик и соработник на св. Климент Охридски и ученик на браќата Кирил и Методиј, кој во 910 година овде бил погребан.

Наумовиот манастир и црквата Свети Архангели, како и Климентовиот манастир и црквата Свети Пантелејмон во Охрид се првите споменици на словенската црковна архитектура и уметност во охридскиот крај. Градена со основа во облик на триконхос (лист на детелина), Наумовата црква му припаѓала на оној правец во средновековната архитектура кој бил применуван во периодот кога дејствувале св. Климент и св. Наум на денешната територија на Република Македонија, а и пошироко на подрачјето на Балканот.

По откривањето на остатоците од првобитната црква, што била изградена во IX век, проф. Димче Коцо во 1955 година ја расветли загатката на Наумовиот манастир. Првобитната црква во турскиот период била урната. Ископувањата овозможија да се дознаат интересни податоци за доградувањата и преградувањата во текот на изминатите векови. Утврдено е дека промените во изминатиот период биле од таков карактер што наполно го измениле изгледот на Наумовата црква.

Остатоците од првобитната црква, по археолошките ископувања и извршената конзервација, повторно беа затрупани. Над нив е направен нов под, на кој основата на првобитната Наумова црква е означена со црн и бел мермер. Врз темелите на првобитната црква, меѓу XVI и XVII век, била изградена денешната црква, доградувана и проширувана во неколку фази. Во втората половина на XVIII век била изградена куполата над припратата на црквата, а последното значајно обновување било извршено кон крајот на XVIII век, односно во 1799 година, кога бил изграден гробот во Наумовата црква.

Во црквата не се сочувани најстарите фрески од времето на Наум Охридски. И археолошките истражувања не потврдија дека постоело сликарство во почетокот на X век.

Целокупната ѕидна декорација, со исклучок на некои фрагменти на фрески од XVI – XVII век, откриени во 1962 година, била изведена од зографот Трпо од Корча (Албанија) меѓу 1800 и 1806 година. Тоа е живописот во централниот дел на црквата, во припратата и во просторот каде што се наоѓа Наумовиот гроб.

Во гробниот параклис над Наумовиот гроб е прикажана композицијата на Наумовото успение. Меѓу фигурите што се насликани над Наумовиот одар, покрај словенските просветители Кирил и Методиј, се прикажани и нивните ученици Климент, Горазд, Ангелариј и Сава. Над Наумовиот одар, пак е насликана уште една фигура. Тоа е ликот на млад ѓакон, без брада и мустаќи. Според укажувањата на историчарот на уметност д-р Цветан Грозданов, прикажан е ликот на Лаврентиј, уште еден од учениците на словенските просветители Кирил и Методиј.

Исклучителна уметничка вредност има иконостасот во централниот дел на црквата, работен во плитка, стилизирана резба во дрво. Бил завршен во 1711 година, истовремено кога настанале и иконите, кои се дело на зографот Константин еромонах, што инаку е забележано во долниот дел на престолната икона “Исус Христос”. На столбовите во припратата на Наумовата црква се наоѓаат два кирилски и еден глаголско-кирилски натпис, графити од крајот на X и XII век. Овие натписи, оставени од духовни лица, се значајни документи за најстарите словенски писма – глаголицата и кирилицата во охридскиот крај.

 

  • УМЕТНОСТА НА САМУИЛОВОТО ЦАРСТВО

Ако се проценува според монументалниот изглед на Самуиловата тврдина во Охрид, тогаш може да се претполага со каква раскош обилувале величенствените храмови во Преспа и во Охрид во периодот на Самуиловото Царство (976 – 1018 год.). Тие биле богато украсени со фрески и икони, а имале и свој богат црковен инвентар и раскошни црковни одежди, како и раскошни изработени пергаментни книги, украсени со минијатури од највидните уметници на тоа време.

Траги за раскошот на ракописните книги од Самуиловиот период постојат. Професорот Владимир Мошин, кој својата научна дејност ја имаше насочено кон истражувањата на средновековните епиграфски споменици и средновековните ракописи и натписи, аргументирано во 1982 год., соопшти дека “Новгоровските ливчиња” од Ленинската публична библиотека, всушност се четири листови од Евангелието што го подарил цар Самул, кое во далечното минато во средниот век било пренесено во Русија.

Конкретно, проф. Мошин докажува дека “Новгоровските ливчиња” се остаток од македонско црковно евангелие од X век, кое цар Самуил во 991 год. заедно со други црковни книги го испратил во Русија, каде што подоцна послужило за изработка на Остромировото Евангелие од 1056 / 1057 год.

Според тоа, во средновековна Македонија, во рамките на Охридската школа егзистрала раскошна византиска илуминација, особено во времето на цар Самуил. Проф. Мошин наоѓа убедлива потврда во неколку руски раскошни ракописи кои биле копирани од македонските оригинали, а кои во Русија биле пренесувани по покрстувањето и примањето на Христијанството кога се формирала руската писменост.

Во барањето на придонесот на првата средновековна македонска држава за збогатувањето на уметноста од периодот на втората половина на X и во првите децении на XI век, истражувачите на сликарството од ова време сметаа дека треба да се трага не само преку сликарството во раскошнте ракописи, туку и преку фреските и иконите, за чија изработка се почесто биле ангажирани византиски уметници.

Притоа, треба да се има предвид, дека црквите изградени во периодот на Самуиловото Царство, како и црквите изградени во времето на словенските просветители св. Климент и св.Наум, се уништени или пак подоцна обновени. Токму поради тоа, сосема оправдано денес се бара одговор дали охридската катедрала Св. Софија во времето на цар Самуил и неговите наследници имала ѕидна декорација.

Меѓутоа, за да се добие определена претстава – како можело да изгледа ѕидното сликарство во Самуиловиот период во Охрид или во Преспа, најдобро може да се насети од делумно зачуваните фрески во црквата Св. Врачи во Костур (од крајот на X век) од фрагментно зачуваните фрески во црката Св. Герман на Преспанското Езеро (од 1006 год.), а исто така од делумно сочуваната ѕидна декорација во црквата Св. Ахил на Преспанското Езеро од крајот на X век.

По заземањето на Охрид од наследниците на цар Самуил во 1018 год., Византија повторно завладеала на Балканскиот Полуостров. Самуиловата, Охридска патријаршија била сведена на ниво на Архиепископија. Повторно оживеале прастарите комуникации во внатрешноста на Балканот, каков што бил патот Виа Игнација. Низ оваа сообраќајница навлегувале нови влијанија на византиската уметност.

 

  • ЦРКВАТА СВ. СОФИЈА – ОХРИДСКА

Црквата е посветена на Св. Софија односно на Христос како боженствена премудрост. Подигната е врз темели на стара сакрална градба во времето по големата мисија на св. Кирил и св. Методиј, кога македонските Словени го примиле христијанството на словенски јазик. Најверојатно е дека Св. Софија служела како катедрала во времето на цар Самуил, кој кон крајот на X век, ја пренесол својата престолнина од Преспа во Охрид.

Исус Христос, како божествена премудрост односно како света Софија, меѓу двајца архангели, е насликана на фреска од XI век над влезот на припратата во наосот на охридска Св. Софија.

Во XI век Св. Софија била “голема црква” на Охридската архиепископија која што својата црковна власт ја проширила над огромна територија, од реката Дунав до албанските брегови на Јадранското Море и Солунскиот залив. Во текот на наредните векови оваа црковна организација уживала голем углед во православниот свет, а охридските поглавари го истакнувале нејзиното јустинијанско потекло. Тогаш местото на архиепископи го заземале најистакнати личности како што биле архиепископот Теофилакт во XII век и архиепископот Димитриј Хоматијан, во XIII век, биографи на словенскиот просветител Св. Климент Охридски.

Кон средината на XIX век во Охрид престојувал истакнатиот руски славист Виктор Григорович. Епохално откритије на славистот Виктор Григорович било пронаоѓањето на ракописите на: Опширното житие за св. Климент Охридски од охридскиот архиепископ Теофилакт од XII век и на Краткото житие за св. Климент Охридски од архиепископот Димитриј Хоматијан од XIII век во охридската црква Св. Богородица Перивлепта.

Црквата Св. Софија Охридска се наоѓа во подножјето на ритчестиот дел на Охрид во близината на Охридското Езеро. Била обновувана и сликана со фрески за време на охридскиот архиепископ Лав (1037 – 1056 год.). Се вбројува меѓу единствените галерии каде е зачувано скапоцено ѕидно сликарство, релјефи и архитектура, настанати во распон од четири века, од XI до XIV век. Света Софија е најголем и најважен зачуван културно – историски споменик на Охрид, а секако и еден од најзначајните во Република Македонија. Заедно, пак, со соборната црква Света Софија во Киев (Украина) има најголема ѕидна декорација од XI век во средновековната уметност во Европа.

Надворешниот облик на Света Софија, која долго била соборна црква на Охридската архиепископија, е даден во облик на буквата “Т”, со заеднички надолжен и попречен двосливен покрив. Црквата првобитно имала едно главно кубе, галерии на бочните страни и висока камбанарија над западната фасада, кои подоцна биле урнати. Двете мали кубиња кои се наоѓаат над надворешната припрата, како и самата припрата со галеријата на катот, се изградени во почетокот на XIV век.

Денешниот изглед на црквата е трикорабна базилика со тристрана олтарска апсида и со полукружни апсиди во ѓакониконот и проскомидијата. Градена е од тули, бигор и камен. Над ѓакониконот и проскомидијата се наоѓаат две капелички изградени во XII век во Комненовиот период. Подоцна е доградена припратата на кат, кога во исто време кон средината на XIV век била изградена капелата посветена на свети Јован Претеча. Надворешната припрата со галеријата пак била изградена во 1313 година, за време на охридскиот архиепископ Григориј, што е забележано во натписот од тули кој се наоѓа од едниот до другиот крај на западната фасада, која се смета за ремек-дело на средновековната архитектура.

Катедралата Света Софија ја менувала својата намена. Била повеќевековна соборна црква на Охридската архиепископија. Потоа била претворена во џамија. Од џамија станала магацин, а од магацин во 1912 година повторно црква.

Разните преправки, доградувања и преѕидувања, значително ја оштетиле Света Софија. Веднаш по Втората светска војна беа преземени мерки, овој споменик да се зачува од натамошно пропаѓање. Во 1949 година почна чистењето на фреските, кои беа варосани од Турците. Истовремено е извршено и нивно копирање за изложбата “Средновековната уметност на народите на Југославија” која се одржа во палатата Шајо во Париз.

Во текот на систематските работи со кои раководеа експертите на Заводот за заштита на спомениците на културата на Македонија, кои започнаа во 1951 година, а завршија по шест години, беа откриени сите фрески и истите заштитени од натамошно пропаѓање. Од јужниот ѕид беа симнувани според најновите конзерваторски методи што се применуваа во Италија. Со помош на специјални рамови повторно беа враќани на нивните места. Ова симнување на фреските беше потребно за да не се оштетат при враќањето на јужниот ѕид, кој беше навален 60 см, така што постоеше опасност од негово уривање. Враќањето на ѕидот беше извршено 1953 година на најсовремен начин, влечење со помош на специјални железни затеги, конзерваторски метод, кој тогаш за првпат беше применет во Македонија од италијански и југословенски експерти.

Голема заслуга за откривањето, конзервацијата и симнувањето на дел од фреските има конзерваторот Здравко Блажиќ. Особена заслуга за заштитата на архитектурата на Св. Софија има архитектот Борис Чипан, кој заедно со италијанскиот архитект Фернандо Форлати извршија враќање на јужниот ѕид без негово рушење.

Во охридската Света Софија исклучително место заземаат фреските од XI век, кои им припаѓаат на најдобрите остварувања на средновековната уметност од периодот на византиската династија Македонци. Величенственоста на оваа единствена галерија на ѕидното сликарство може да се почувствува веднаш и најдобро во олтарниот простор, каде што се наоѓаат најстарите и најзначајните фрески.

Амбиентот во внатрешноста на Света Софија многу потсетува на нејзиниот блесок како катедрална црква на Охридската архиепископија. По откривањето на фреските од подебелите напласти на малтер и вар, се покажа дека она што останало од нив претставува најкомплетна иконографска целина во една катедрална црква од XI век.

Долните делови од олтарниот простор се исполнети со цела галерија на портрети на цариградски, антиохиски и ерусалимски патријарси, архиепископи и епископи. Во апсидата на ѓакониконот насликани се шест римски папи кои ги признавала Цариградската црква. На јужниот ѕид на ѓакониконот се прикажани првите портрети на творците на словенската писменост св. Кирил Солунски и неговиот најистакнат следбеник св. Климент Охридски.

Во полукалотата на олтарската апсида насликана е огромна фигура на Богородица, а под неа композицијата “Причестување на апостолите”, која првпат се среќава овде. Во првата зона на олтарниот простор прикажани се сцени од Стариот Завет. На јужниот ѕид се наоѓа циклусот сцени од животот на Аврам. На северниот ѕид прикажани се композициите “Трите младичи во вжежнатата печка”, “Јаковлевите скали”, “Свети Василиј служи литургија” и “Сонот на Јован Златоуст”. Над фризовите од по пет ангели, во сводот од олтарниот дел, е насликана композицијата “Вознесение”.

Најстарото сликарство на охридската Света Софија е дело на повеќемина зографи, чии имиња се непознати. Уметничкото создавање од монашките кругови на Исток, било прифатено и одгледувано во сликарските работилници на Цариград. Се смета дека матичен град на сликарите на охридската Света Софија бил Солун.

 

  • АКУСТИКАТА НА СВ. СОФИЈА

“Во црквата Света Софија во Охрид и околу неа се вршат големи поправки и ископувања. Внатре, под самите сводови изгубени во сплетот на дрвените скелиња, неколкумина млади луѓе трпеливо и полека го вадат од старите фрески малтерот со кој ги покриле Турците, додека оваа црква била џамија. Момчињата при работата пејат: ту само поединец, ту по неколкумина напоредно, секој својата песна. Пејачите се невидливи, а нивното тивко пеење е потсилено со чудни многукратни еха. Сводовите отпевуваат. Мелодиите се вкрстуваат, но не се мешаат и не се задушуваат помеѓу себе, туку придружувани од лавиринтското ехо создаваат звучен слив во кој неколку мелодии, на својата утока во морето на тишината, течат како неколку уште посебни реки веќе поврзани од близината на заедничкото устие. Во екот на сводовите нејасно се јавуваат и брзо течат нотите на одречувањата и занесите на минатите верувања, исполнети и помешани со песната на овоземските желби и љубови, со стремежите и надежите на нашите дни. А под нив, ми се чини, ги насетувам нејасните ритуални тонови на паганските храмови, чиишто мрамори се заробени длабоко во ѕидовите на ова светилиште, што им служело на толку епохи и генерации”. 

Иво Андриќ, писател, добитник на Нобелова награда за литература

(Фрагменти од патеписот “Крај светлото Охридско Езеро”)

 

  • СВЕТА БОГОРОДИЦА ПЕРИВЛЕПТА (Св. Климент)

Според натписот над влезната врата од внатершниот дел на припратата, црквата била изградена под името Света Богородица Перивлепта (Преславна) во 1295 година од византискиот војсководач Прогон Згур, роднина на Андроник II Палеолог. По претворањето на Света Софија во џамија, Св. Богородица Перивлепта станала соборна црква на Охридската архиепископија, а по пренесувањето на моштите на св. Климент Охридски, заштитник на градот Охрид, од манастирот Свети Пантелејмон, го добила името Св. Климент. Во 2002 г. по градењето на храмот на Светиклиментовиот манастир Св. Климент и Пантелејмон на Плаошник, црквата повторно го добива првобитното име Св. Богородица Перивлепта.

По 530 години, на 10. август 2002 во новоизградениот храм Св. Климент и Пантелејмон на Плаошник беа пренесени моштите на св. Климент од црквата Св. Богородица Перивлепта (Св. Климент) во гробницата, меѓу археолошките остатоци која ја направил со своите раце и во која св. Климент бил погребан во 916 година. Во науката и денес црквата Св. Климент е повеќе позната под првобитното име Св. Богородица Перивлепта.

Поради својата исклучителна архитектура и фрески, црквата Света Богородица Перивлепта спаѓа меѓу најзначајните средновековни споменици во Македонија. Фреските се дело на сликарите Михаило и Евтихиј, истакнати средновековни зографи, чие создавање може да се следи цели триесет години. Со ова ѕидно сликарство се дадени основите на новиот правец во византиската уметност – Ренесансата на палеолозите.

Црквата Света Богородица Перивлепта е градена во облик на впишан крст. Како градежен материјал главно биле употребувани тули и бигор, со чие вешто редење е добиен редок впечаток на хармоничност и полихромија со што оваа црква се издвојува меѓу византиските и македонските споменици на XIII век. А тоа и дава значајно место во средновековната архитектура.

Оваа охридска црква станала единствена ризница во која, најверојатно, уште кон крајот на XV век бил формиран Архиепископскиот музеј. Од тоа време датира и библиотека што постоела во споменатиот музеј, а која се вбројува меѓу најстарите музејски библиотеки на Балканот. Во архиепископската библиотека се наоѓале бројни и мошне значајни ракописи, кои биле употребувани во соборните цркви на Охридската архиепископија. Особено тоа било изразено во XVI век, кога на чело на Охридската архиепископија бил архиепископот Прохор (1523 – 1550 год.). Тој ја унапредил словенската писменост. Порачувал голем број книги на словенски јазик за црковни потреби.

Фреските во Света Богородица Перивлепта, кои ги покриваат сите ѕидни површини во внатрешниот дел, се први датирани дела на сликарите Михаило и Евтихиј. Тие своите имиња ги оставиле испишани на фреските во вид на орнаменти: Михаило – на одеждата на воинот св. Димитрија, Евтихиј – на одеждата на воинот св. Прокопие и на други места.

Низ вековите, чадот на свеќите и на кандилата, како и прашината го покриле целиот живопис, оставајќи eдвај видливи траги од работата на средновековните зографи.

Во 1950 година сликарот и конзерватор Здравко Блажиќ, со помош на специјално направена емулзија од органско потекло, успеа во црквата Света Богородица Перивлепта да открие дел од фреските од 1295 година, кои со силата на својот уметнички израз ги возбудија експертите и ги воодушевија љубителите на средновековното сликарство. Откривањето на фреските успешно беше продолжено по 1950 година.

Сликарството во Света Богородица Перивлепта го карактеризира тематско проширување и зголемување на бројот на фигурите во композициите.

Централно место на западниот дел на ѕидот во наосот на црквата зазема композицијата “Успение на Богородица”, која е составен дел на циклусот за Богородица, што ја покрива целата прва зона, со исклучок на главниот олтарен простор. Под овој циклус се насликани стоечки фигури на светци.

Меѓу стоечките фигури, на северниот ѕид насликани се портрети на св. Климент Охридски и на Константин Кавасила, охридски архиепископ од XIII век. Над излезот од јужната страна сликарите Михајло и Евтихиј во иконографскиот репертоар од XIII век ги сликаат светите маченици Кирик и Јулита тригодишно дете и неговата мајка, кои како Христијани страдале во прогонот од Римјаните за врема на владеењето на императорот Диоклецијан во 304 година по раѓањето на Исус Христос. Инаку се забележани и во календарот на Македонската православна црква (28 јули). Моштите на овие маченици се наоѓаа во охридската црква Св. Богородица Болничка од XIV век.

Во горната зона, над Богородичниот циклус, претставени се сцени кои го прикажуваат животот и маките на Христос. Уметниците, ги користеле сводовите за да насликаат сцени на Големите празници. Полукалотата на олтарниот простор и овде е резервирана за Богородица, која е прикажана како стои со раширени раце, додека околу неа на еден ѓердан од медалјони насликани се портрети на 28 пророци и праведници. Во кубето е сместен Исус Христос, како страшен судија. На два од четирите столба, што го носат кубето, осумте стоечки фигури ги претставуваат светите воини.

Во припратата на црквата, од фреските од крајот на XIII век, најкарактеристична е композицијата “Божиќната химна”, која се наоѓа над влезната врата, како и сцените поврзани за Богородица.

Сликарите Михаило и Евтихиј воведуваат безброј новини. Пред сè, фреските од нивниот охридски период на творештвото ги карактеризира стремеж за индивидуализирање на прикажаните ликови и понагласено напуштање на иконографските шаблони. Ликовите на многубројните стоечки фигури, како и ликовите од композициите најдобро ја потврдуваат концепцијата на сликарите.

Тие, овие светители ги прикажуваат како силни луѓе, полни со енергија и воинствен изглед. Со право се истакнува дека сликарите на фреските во Света Богородица Перивлепта во своето време немале конкуренти во прикажувањето на драматичните и длабоко изразените расположенија. Во тој поглед, сликарите Михаило и Евтихиј изградиле мошне специфичен личен стил. Тоа најдобро се забележува во композицијата “Оплакување на Христос” – на северниот ѕид, во втората зона – каде што покрај главните, сликарите на сцена ставаат и многу споредни, но мошне активни мажи, жени и ангели.

Силната драматика, каква што е во композицијата “Оплакување на Христос” изразена преку гестови и движења на телата, ретко може да се сретне кај нас, со исклучок на композицијата “Оплакување на Христос” од XII век во црквата Свети Пантелејмон во Нерези, кај Скопје.

Ако, пак, се прават некои пошироки споредувања, оправдано се бара врска меѓу овие охридски фрески и сликарството на раната ренесанса. На вакви компарации упатуваат специфичните моменти во композицијата “Оплакување на Христос”. Прикажувањето на Богородица и другите со расплетени коси, болот прикажан преку изразот на лицето и движењето на рацете се ликовни решенија, коишто имаат мошне заеднички карактеристики со фреските на италијанскиот уметник Ѓото, современик на сликарите Михаило и Евтихиј.

 

  • ЦРКВАТА СВЕТИ ЈОВАН БОГОСЛОВ – КАНЕО

Градена е и сликана кон крајот на XIII век. Ктиторот на црквата и сликарите на фреските не се познати. Архитектурата е мошне значајна за проучувањето на средновековните споменици на Охрид, затоа што претставува успешна комбинација од византиски и ерменски елементи.

Црквата се наоѓа на едно од најубавите места на брегот на Охридското Езеро. Изградена е на висока стена во стариот дел на Охрид, над некогашната рибарска населба Канео (на латински значи: се белее, блескоти). По називот на населбата Канео е позната и средновековната црква Св. Јован Богослов од XIII век.

Првобитниот изглед на црквата Св. Јовен – Канео, еден од симболите на древниот Охрид, е вратен по конзерваторските работи во 1963 и 1964 година, кога беше урната припратата со камбанаријата, кои беа доградени во XIX век. Тогаш беа откриени фреските во кубето.

Фреските се зачувани во кубето и во олтарниот простор. Тие прилично се оштетени. Причина за тоа е што, црквата подолг период меѓу XVII и XIX век била делумно разурната и напуштена.Тогаш поголем дел од фреските биле уништени и засекогаш загубени.

Секако, од посебно иконографско значење за сликарството во црквата Св. Јован – Канео е заедничкото прикажување на св. Климент Охридски, на охридскиот архиепископ Константин Кавасила и на првиот ранохристијански мисионер во овие краишта во III век, Еразмо Лихнидски.

Фреските во Св. Јован – Канео се дело на група зографи, кои ја продолжиле уметничката традиција на епохата на Комнените. По своите архаични особености и монашки карактер ова сликарство останало настрана од новите стремежи во средновековната уметност до кои дошло со појавата на ренесансата на палеолозите, која почнала во Охрид, со сликарството во црквата Св. Богородица Перивлепта.

Со иконостасот во црквата Св. Јован Канео, кој е поставен и осветен во текот на април 2006г., дело на охридските резбари, татко и син Љубен и Сашо Џамбазови, во Охрид продолжува традицијата на македонското копаничарство. На просторот меѓу царските двери на црквата Св. Јован Канео се наоѓаат четири икони, дела на академскиот сликарот Владислав Коцарев, роден во Охрид.

Десно од царските двери се иконите Исус Христос и Св. Јован Крстител, а лево од царските двери иконата Св. Богородица со Исус Христос и иконата на Св. Јован Богослов, патронот на црквата.

Во првите години на XXI век Владислав Коцарев (кој живее и работи во Белград и Охрид), во Охрид се појавува како мошне баран, познат и признат сликар на икони. Со негови икони се украсени иконостасот, олтарот и централниот дел на возобновената манастирска црквена Св. Климент и Св. Пантелејмон на Плаошник. Престолните икони на слакарот Владислав Коцарев вниманието на посетителите и на верниците им го привлекува и во адаптираните делови за богослужба во внатрешноста на катедралната црква Св. Софија Охридска.

Меѓу столбовите на иконостасот се прикажани сцени во резба од Стариот и Новиот Завет. На овој иконостас прв пат се прикажни и нови резбарски мотиви: на столбовите меѓу царските двери, во резба се наоѓа стилизирана флора и фауна, а меѓу флората и една риба која излегува од езерото. Во горниот дел на иконостасот во резба се прикажани рибари, кои плетат мрежи и охридски чун. Претставена е и композицијата на крстувањето на Исус Христос.

На овој начин во оваа резба е направено и прекрасно поврзување на православната религија со природата, со поднебјето каде што се наоѓа црквата Св. Јован Канео, изградена на стена во стариот дел на Охрид, на едно од најубавите места на брегот на Охридското Езеро, над рибарската населба Канео.

 

  • ГАЛЕРИЈА НА ОХРИДСКИТЕ ИКОНИ

Во музејскиот комплекс на црквата Св. Богородица Перивлепта се наоѓа Галеријата на охридските икони. Охридската колекција ја сочинуваат над 30 икони со врвни уметнички квалитети. Повеќето икони настанале во охридските средновековни сликарски работилници, а некои како подароци, низ текот на вековите биле испраќани од Цариград и Солун.

Скоро сите икони на денешната Охридска колекција, создадени од XI до XIX век, се издвојуваат со својот исклучителен рафиниран колор и со убавината на сликарската обработка. Тие, како да се исткаени од префинети односи на златна, виолетова и сина боја или од окерни тонови. Некои од овие икони биле работени за литии, така што се сликани од двете страни. Литиските икони на Охридската збирка спаѓаат меѓу најдобрите дела на оваа колекција на средновековен иконопис.

Десетина икони на Охридската колекција се украсени со сребрени опкови. На опковите се прикажани минијатурни ликови на светители и пророци, минијатурни композиции на Стариот и Новиот Завет, симболите на евангелистите, како и растителни и геометриски орнаменти.

Опковите на охридските икони се дела на занаетчиството од XI век па натака. Високите уметнички вредности се содржат во исклучителната прецизна обработка на минијатурните релјефи.

Ако меѓу охридските икони се прави потесен избор за тоа која од нив спаѓа меѓу најзначајните ликовни остварувања, тогаш на водечко место би се нашла двојната литиска икона “Богородица Психосострија” (Душеспасителка) со композициите “Благовештение” од спротивна страна и “Христос Психосостис” (Душеспасител) со “Распетие” од другата страна, кои им припаѓаат на цариградските уметнички работилници од XIV век. Во овој најтесен избор особено се издвојува композицијата “Благовештение”, чиј непознат автор со исклучително чувство за колористички решенија ги слика ликовите на Богородица и на архангелот Гаврил. Двојната икона со ликовите на св. Климент и св. Наум, насликана кон крајот на XIV век, се вбројува меѓу оние ликовни дела, коишто пленат со фино моделираните ликови. Оваа икона му се припишува на сликарот Јован Теоријан, кој во средновековниот Охрид работел во втората половина на XIV век.

Хронолошки, за најстар експонат на сегашната поставка на Галеријата на икони во Охрид, се смета иконата “Свети Василиј Велики и Свети Никола”, на која двајцата архиереи се прикажани во цел раст. Оваа икона потекнува од првата половина на XI век. Ликовните решенија се мошне идентични со фреските во охридската Света Софија. Веројатно била изработена по порачка на архиепископот Лав. Најдена е на таванот од црквата Света Богородица Перивлепта во 1959 година.

Меѓу најстарите охридски икони се вбројува и малата икона “Четириесет маченици” од втората половина на XI век. Овој експонат не само што е најстаро познато дело на оваа тема, туку е и еден од ретките со ваква сцена, за кој се знае од средновековниот иконопис на Византија.

Мошне значајните икони на кои, на едната е прикажана Богородица, а на втората архангел Гаврил и припаѓаат на композицијата “Благовештение”. Биле сликани во XII век, кога на охридскиот архиепископски престол се наоѓал Лав Мунго. Овие не оставаат впечаток на врвни уметнички дела на своето време со оглед на тоа што во XIX век биле досликувани од дебарските зографи.

Од XIII век во охридската колекција има неколку икони. Меѓу најубавите од тоа време е литиската икона, на која од едната страна е прикажана “Богородица Одигитрија”, а од другата страна композицијата “Распетие” и се вбројува меѓу најдобрите сликарски дела на XIII век.

На Охридската колекција и припаѓа и големата икона “Исус Христос”, која била насликана во 1262/63 година. Врз неа е зачуван мошне интересен натпис од кој се дознава дека настанала во времето на охридскиот архиепископ Константин Кавасила. Оваа икона најверојатно била изработена од некој сликар од Охрид. По својот пластичен стил, со јаките контрасти на светло – темно и со широките облици, ги навестува новите правци во средновековната уметност кои и претходат на ренесансата на палеолозите. Нејзиното првобитно место веројатно било на еден од бочните иконостаси во охридската катедрала Света Софија.

Двојните икони “Богородица Психосострија” и “Христос Психосостис” во Охрид биле донесени од Цариград. Се наоѓале во матичниот манастир на овој култ во црквата Света Богородица Психосострија (Душеспасителка). Овој манастир, византискиот цар Андроник II Палеолог му го подарил на охридскиот архиепископ Григориј I, за чие име се поврзува изградбата на монументалната западна фасада на надворешната припрата на охридската црква Света Софија во почетокот на XIV век, додека двете икони на една од охридските цркви им ги подарил архиепископот Григориј I.

Меѓу иконите на XIV век, работени под влијание на уметноста на Запад, припаѓаат “Богородица со Христос” и “Свети Никола”, сликани по порачка на охридскиот архиепископ Никола.

Повеќе охридски икони подоцна засекогаш исчезнале. Голем број икони од Охрид се наоѓаат во различни збирки и музеи. Меѓутоа, тешко може да се утврди колку икони се наоѓаат надвор од Охрид… (повеќе)

 

  • ОХРИДСКИ ЦРКВИ ОД XIV ВЕК

За пет децении, колку што траело интензивното градење цркви и сликање во нив, во Охрид и околината, во XIV век биле подигнати, обновени или декорирани со фрески околу 40 цркви, црквички, капели и припрати на големите охридски цркви, како и повеќе пештерски цркви и испоснички места.

 

  • ЦРКВАТА СВЕТИ НИКОЛА БОЛНИЧКИ

Името болнички, средновековните цркви Св. Никола и Св. Богородица го добиле, бидејќи служеле како медицински пунктови – стационари, каде што се вршела здравствена контрола на дојдените патници кои во средовековниот Охрид влегувале преку Долна порта. Оваа црква е интересна поради архитектурата и фреските. Во нејзиниот двор се наоѓаат остатоци од градските ѕидини, кои од Самуиловата крепост се спуштале до Охридското Езеро. Црквата има полукружен свод. На западната страна се наоѓа единствената камбанарија во Македонија, изградена под влијание на архитектурата на брегот на Јадранското Море. Фреските се сликани во четири наврати. Најстарото сликарство во наосот, е од 1300 – 1340 година. Црквата, вторпат била сликана кон крајот на XIV век, кога настанале фреските во јужниот фасаден ѕид. Третпат, црквата добила фрески во XV век, кои се насликани на јужниот дограден простор. Четврти пат, фрески биле сликани во 1480 – 1481 година, а се наоѓаат на западниот фасаден ѕид.

 

  • ЦРКВАТА СВЕТА БОГОРОДИЦА БОЛНИЧКА

Изградена и првпат декорирана околу 1368 година. Денешниот изглед, веројатно, го добила во XIV век. Вторпат била декорирана кон крајот на XIV век. Тогаш биле насликани фреските на сводовите. Третпат ѕидната декорација била изведена во XIX век.

Иконостасот, кој е богато украсен со стилизирани цвеќиња со плодови, со птици и со други мотиви е работен во 1833 година. Дело е на македонскиот резбар Никола Дарковски Краџовиќ од Лазарополе.

 

  • МАЛ СВЕТИ КЛИМЕНТ

Се наоѓа во близината на Свети Никола Болнички и Света Богородица Болничка. По своите мали димензии, меѓу куќите, останува незабележана од минувачите. Црквата била изградена и декорирана во 1378 година. Таа е единствената охридска црква која од своето градење му била посветена на св. Климент Охридски.

Поголем дел од фреските, меѓу кои на јужниот ѕид се св. Климент и св. Наум, ги изработил зограф кој произлегол од охридските сликарски работилници.

 

  • ЦРКВАТА СВЕТИ ДИМИТРИЈА

За оваа црквичка, која се наоѓа во близина на Света Богородица Перивлепта, историски податоци не се зачувани. Таа е еднокорабна црквичка. На надворешните ѕидови вградени се делови на антички столбови.

Фреските му припаѓаат на охридското сликарство од XIV век. Сликарите се непознати. Насликан е циклусот “Големите празници”. Во очи паѓаат и стоечките фигури, кои се насликани во долната зона. Меѓу најубавите фрески спаѓа ликот на воинот свети Димитрија, на кого што всушност му е посветена самата црква.

 

  • ЦРКВАТА СВЕТИ КОНСТАНТИН И ЕЛЕНА

Се наоѓа во близина на Света Богородица Перивлепта. Црквата е мала еднокорабна градба.Таа е една од ретките охридски мавзолеј цркви. Вниманието го привлекува поради бројните портрети на жителите на Охрид од крајот на XIV и XV век, кога всушност се сликани. Овде се насликани ктиторот на црквата, еромонахот Партение, неговиот син Михаило и неговата мајка Марија. На фреските од XV век, на јужната фасада на црквата се наоѓа уште една галерија на портрети. Овде е насликан архмандритот Никандор, внук на еромонахот Партение и четиричленото семејство на Јован, жители на Охрид.

 

  • ЦРКВАТА СВЕТИ КУЗМАН И ДАМЈАН

Оваа црквичка, која се наоѓа во близина на Свети Константин и Елена, е позната како Мали Свети Врачи. Градена е во првата половина на XIV век, кога била и сликана.

Фреските под дебел слој на малтер беа откриени во 1950 година. Тие се дело на повеќе сликари. Овде е насликан свети Климент Охридски со модел на средновековниот град во рацете. Се смета дека фреските во оваа црквичка се дело на зографот Јован Теоријан и неговите соработници.

 

  • ЦРКВАТА СВЕТА БОГОРОДИЦА ЧЕЛНИЦА

Се наоѓа веднаш под црквата Мали Свети Врачи. Изградена е врз темели на средновековен објект. Од источната страна се потпира на градските ѕидини, каде е откриена градска порта, која ја сметаат за еден од трите влеза во стариот дел на градот.

 

Зачувани се фрагменти од фрески кои според стилските карактеристики му припаѓаат на охридското ѕидно сликарство од XIV век. Декорацијата, пак, во XIX век ја изработувал Дичо Зограф.

 

  • ЦРКВАТА СВ. НИКОЛА ЧУДОТВОРЕЦ – ЧЕЛНИЧКИ

Оваа црква меѓу жителите на стариот дел на Охрид е повеќе позната како Св. Никола Чудотворец – Челнички. Се наоѓа во близина на Св. Богородица – Челница. Изградена е врз остатоци на ранохристијански храм.

Била обновувана и сликана со фрески во текот на повеќе векови. Се вбројува меѓу ретките галерии, каде е сочувано ѕидно сликарство во фрагменти во распон од XI до XIV век и натаму.

Пет години од 2000 до 2005 година во оваа црква се вршеше откривање и конзервација на бројните фрагменти на фрескосликарството кое настанало во период од повеќе векови.

Ленче Мојсоска, историчар на уметност и кустос на Народниот музеј во Охрид и Љупчо Десковски, конзерватор, го извршија ова значајно откритие на средновековното уметничко богатство на древен Охрид.

 

ЦРКВИ ОД ОКОЛИНАТА НА ОХРИД

 

  • СВЕТА БОГОРОДИЦА ЗАУМСКА

Се наоѓа на 20 км од Охрид, на брегот на езерото, во подножјето на планината Галичица и во близина на рибарското село Трпејца. Позната е под името Заум. Изградена е под еден рид кој вертикално се спушта до езерскиот брег, на место коешто е речиси недостапно од копното. Ктитор на црквата, односно на нејзината архитектура бил кесар Гргур, а на сликарството деволскиот епископ Григориј, кој спаѓал меѓу највлијателните големодостојници на Охридската архиепископија кон средината на XIV век.

Црквата е градена во форма на впишан крст, со кубе кое се потпира врз четири столба, слично како и охридските цркви Света Богородица Перивлепта и Свети Јован – Канео. Тремот од западната (езерската) страна е урнат. Заум има нагласена вертикала што на црквата и дава мошне елегантен изглед. Токму вертикалата и виткоста се основните белези на архитектурата на овој споменик. Со ваквите решенија, оваа црква се издвојува од другите споменици на своето време во охридското подрачје. Заум е украсен со фрески, дела на непознати зографи. Ова сликарство има исклучително значење за изучувањето на уметничкото создавање од втората половина на XIV век.

 

СЕЛСКИ ЦРКВИ ОД XV ВЕК

 

Интензивното градење цркви надвор од градот Охрид, во околните села и над езерскиот брег доаѓа до израз во текот на XV век, односно во првите децении на Османлиското владеење. Тоа е период кога првпат и масовно, како ктитори на цркви покрај обичните жители на Охрид и неговата околина, се јавуваат и световни лица.

 

  • УСПЕНИЕ БОГОРОДИЧНО ВО ВЕЛЕСТОВО

Се наоѓа во селото Велестово, на падините на планината Петрино. Единствените податоци за оваа црква се неколкуте зачувани натписи, испишани на старословенски јазик. Инаку, овие натписи се своевидни документи за имињата на тогашните жители од овој дел на Македонија.

Фреските се сликани на двапати, првпат во 1444 година, а вторпат во 1451 година. Постарите фрески се дело на поталентиран зограф. Во нив, со извонредно чувство доминираат колористичките решенија.

 

  • СВЕТИ СПАС ВО ЛЕСКОЕЦ

Најпозната, а воедно и најистражувана охридска селска црква во текот на XX век беше Свети Спас во селото Лескоец, на падините на планината Петрино, во непосредна близина на Охрид.

Црквата била изградена од жители на селото. Во натписот на јужниот ѕид се наоѓа список во кој се споменуваат над дваесет имиња како ктитори, кои го финансирале градењето на црквата и сликањето на фреските во 1462 година. Двајца меѓу бројните ктитори добиле посебен третман. Нивните портрети се наоѓаат во ѕидната декорација. Тоа се Тоде и неговата сопруга Булка. Во оваа селска црква сочувана е најголема целина на фрески од втората половина на XV век во Македонија. Покрај портретите на ктиторите, посебно значење во сликарството на оваа црква има портретот на св. Климент Охридски, кој и овде, како и во охридската црква Мали Свети Врачи, е прикажан со моделот на средновековниот град во рацете.

 

  • СВЕТИ ЃОРЃИ ВО ГОДИВЈЕ (ДЕБАРЦА)

Оваа црква е варијанта на еднокорабна пресводена градба со издигнат попречен кораб. Ваквото архитектонско решение во Охрид се јавува кон крајот на XIV век и тоа најпрвин при градењето на црквата Свети Константин и Елена, а потоа при адапатацијата на постарата црква Света Богородица Болничка.

Фреските во Свети Ѓорѓи ги сликале зографи кон средината на XV век, кои биле добро информирани за ликовните традиции во Охрид.

 

  • ЦРКВАТА И МАНАСТИРОТ СИ СВЕТИ ВО ЛЕШАНИ (ДЕБАРЦА)

Се наоѓа на 30 км од Охрид. Градена е во форма на еднокорабна црква кон средината на XV век. Тогаш биле сликани и фреските. Податоци за оваа црква се сочувани во преписот на ктиторскиот натпис, благодарение на рускиот славист и истражувач Виктор Григорович, кој манастирот го посетил во 1845 година, кога престојувал во Охрид. Инаку, во натписот се споменува Никола Божичев од Охрид, прв познат ктитор од световните кругови. Фреските се оштетиле во пожарот што ја зафатил црквата во 1903 година.

 

ПЕШТЕРСКИ ЦРКВИ ОД XIII ДО XV ВЕК КРАЈ ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО

 

Во рамките на средновековната уметничка ризница на Охрид, мошне значајна целина се црквите проектирани и сликани во пештерите на брегот или во близината на Охридското Езеро. Преку нив, почнувајќи од XIII век, можат да се следат уметничките тенденции во ѕидното сликарство.

Тешко можат да се откријат без внимателно загледување на околината. Стопени се со неа и со бојата и со обликот на пејзажот. Изградувани биле во длабнатините и процепите што ги направила природата во подножјето на планините или во големите карпи.

Станува збор за пештерските цркви изградени од XIII до XV век на брегот на Охридското Езеро, кои се мошне значајни целина за проучувањето на охридските уметнички ризници.

 

  • СВЕТИ ЕРАЗМО

Оваа пештерска црква се наоѓа на околу 5 км. од центарот на Охрид, во подножјето на ридот кај Гбавци, кој вертикално се издигнува над магистралата Охрид – Кичево – Скопје.

Црквата му е посветена на антиохискиот епископ Еразмо, првиот христијански мисионер од III век, во охридскиот крај. Свети Еразмо бил роден во Антиохија (во Сирија), а живеел мегу 244 и 303 година. Археолошките ископувања и откритијата на уметничкото наследство покажуваат дека Охрид низ вековите бил едно од најзначајните изворишта на култот на св. Еразмо Лихнидски. Во средниот век и подоцна, неговите портрети се сликаат во охридските средновековни цркви, а по традиција портретот на св. Еразмо често заедно со другите светители св. Климент и св. Наум наоѓа место во иконите и фреските од XIX век.

Св. Еразмо Антиохиски (во Охрид Св. Еразмо Лихнидски) и денес е почитуван во повеќе земји на западна Европа: во Шпанија, Франција и Германија. Посебно, како светител се почитува во Италија во Формија, каде умрел и бил погребен, а во Гаета се пренесени моштите. Св. Еразмо умрел во длабока старост во 303 година по Христа.

Во кампања во Италија, како ранохристијански мисионер бил затворен и прогонет за време на владеењето на римскиот император Диоклецијан.

Ранохристијанскиот мисионер св. Еразмо во Лихнид (денешен Охрид) дејствувал 6 (шест) века пред појавата на словенскиот просветител Св. Климент Охридски, кој во IX век бил назначен за прв словенски епископ и бил основоположник на Македонската православна црква.

Од најголемо значење е фактот што мисионерот св. Еразмо, македонските Словени го прославувале во времето на дејствувањето на св. Климент Охридски. На тој начин бил прифатен култот за св. Еразмо, втемелен многу порано во периодот на претсловенскиот Охрид.

Св. Еразмо Линидски денес св. Еразмо Охридски во богослужбите на македонските цркви има достојно спомен-место меѓу најзаслужените светители и актуелни црковни лица, кои се споменуваат и набројуваат во текот на богослужбата.

Во календарот на Македонската православна црква спомен-денот на Св. Еразмо Охридски е забележан на 15 јуни.

Веднаш до средновековната пештерска црква Св. Еразмо е откриена монументална ранохристијанска базилика, која наменски според археолозите била светилиште на култот на св. Еразмо. На овој начин се потврдува претсловенскиот и словенскиот континуитет на култот, што го има св. Еразмо во охридската средина.

Како и во другите пештерски цркви и овде фреските се сликани врз самата карпа. Најстарите фрески потекнуваат од крајот на XIII век. Тогаш е насликан портретот на св. Еразмо, патронот на оваа пештерска црква. Од крајот на XIII век потекнува и портретот на Андроник II Палеолог, син на византискиот императот Михајло VIII Палеолог (1259 – 1282 год.) основоположник на последната династија на Палеолозите. Династијата егзистирала се до 1453 година до крајот на Византиското Царство, кога султанот Мехмед II го освојува Цариград.

За време на Андроник II Палеолог (1282 – 1328 год.) како задужбина на византискиот војсководач Прогон Згур е изградена и се сликани фреските во охридската катедрална црква Св. Богородица Перивлепта од 1295 год. Ѕидната декорација е дело на зографите Михајло и Евтихиј, основоположници на ренесансата на Палеолозите. Фреските се откриени кон средината на XX век. Според европските византолози, истражувачи на средновековната уметност во Охрид, овие фрески апсолутно им се рамни на Помпеанското ѕидно сликарство и на фреските од времето на италјанската ренесанса.

 

  • СВЕТА БОГОРОДИЦА – КАНЕО

Пештерска црква во стариот дел на Охрид, во близина на населбата Канео, изградена и декорирана со фрески во карпата под црквата Свети Јован – Канео.

Проектирана е во длабината на карпата, високо над површината на езерото, така што и при највисокото ниво водата не допирала до црквата. Фреските се сочувани во фрагменти.

Ако се споредува според сочуваните остатоци на декорацијата, а во прв ред по орнаментите, може да се заклучи дека фреските биле сликани некаде кон крајот на XIII век. Така, може да се верува дека Света Богородица – Канео спаѓа меѓу најстарите охридски пештерски цркви.

 

  • СВЕТИ СТЕФАН ПАНЦИР

Црквата е изградена во шуплината на една стена, над езерскиот залив зад полуостровот Горица. Веројатно, оваа пештерска црква настанала пред да биде изведена нејзината ѕидна декорација, која потекнува од XV век. Благодарение на помошта од голем број ктитори од Охрид и од околните села, била насликана со прекрасни фрески. До ваквото сознание се дојде по откривањето на еден тешко забележителен натпис на самата црква.

Според стилските карактеристики овие фрески се најблиски до поновиот слој на ѕидната декорација на Свети Константин и Елена во Охрид.

 

  • СВЕТА БОГОРОДИЦА ПЕШТАНСКА

Се наоѓа во карпа крај една од најубавите плажи – Градиште, на брегот на Охридското Езеро, во близина на рибарското село Пештани.

Во Света Богородица Пештанска сочуван е најголем ансамбл на ѕидна декорација во една од пештерските цркви на брегот на Охридското Езеро. Фреските ги работеле оние охридски сликари во втората половина на XIV век, кои ги извеле и фреските во Марковиот манастир кај Скопје.

 

ОХРИДСКИ ЦРКВИ ОД XIX ВЕК

 

Дебарските градители, зографи и резбари, во XIX век во стариот дел на Охрид, граделе цркви и во нив сликале фрески и изработувале иконостаси.

 

  • СВЕТА БОГОРОДИЦА КАМЕНСКО

Се наоѓа на падините на охридскиот рид во непосредна близина на охридската чаршија и нејзината знаменитост – Чинарот. Првобитно, веројатно била изградена во XVII век. Била обновена во 1832 г., кога всушност е и проширена. Според натписот над јужната врата од внатрешниот дел (во олтарниот простор) била живописана во 1863 г. од Дичо Зограф. Во југоисточниот дел на олтарниот простор насликани се словенските просветители Кирил и Методиј, ранохристијанскиот мисионер Еразмо и Климент Охридски.

Во црквата зачуван е иконостасот, значајно дело на македонското резбарство. Бил изработен во времето на обновата на црквата, во 1832 година. Овој иконостас се смета за дело на Димитар Станишев од Крушево.

 

  • СВЕТИ НИКОЛА ГЕРАКОМИЈА

Се наоѓа во близина на катедралата Света Софија. Изградена е во XIX век. Иконите во главниот ред на иконостасот во 1862 година ги изработил Дичо Зограф, еден од најпознатите сликари од околината на Дебар.

Во оваа црква се наоѓаат и голем број икони кои се разместени по ѕидовите. Од другите икони секако најзначајна е иконата “Свети Никола”, која се наоѓа во главниот ред на иконостасот. Оваа икона е сликана во XIV век за охридскиот архиепископ Никола. Украсена е со сребрен опков изработен во духот на романо-готските стилски сфаќања. Извонредниот фрескоживопис, конзервиран во 2002 година, несомнено дава посебна вредност на оваа црква.

Во 1952 година, овде беа пренесени остатоците на моштите на словенскиот просветител Климент Охридски, кои повторно беа вратени во црквата Св. Богородица Перивлепта, во 1991 година. По осветувањето на Светиклиментовиот манастир Св. Климент и Пантелејмон во 2002 година, моштите на св. Климент, првиот словенски епископ во 893 година и основоположник на Македонската православна црква се положени во гробот кој го изградил самиот Св. Климент.

 

  • СВЕТИ КУЗМАН И ДАМЈАН – СВ. ВРАЧИ ГОЛЕМИ

На падините на ридот во стариот дел на Охрид, над црквата Света Софија, се наоѓа црквата Св. Кузман и Дамјан позната под името Свети Врачи Големи. Градена е кон средината на XIX век од делкани камења.

Од летописот на охридскиот свештеник Димитрија Петру, во втората половина на XIX век се дознава дека, игуманот Серафим I на манастирот Св. Наум во 1846 година, се зафатил со мошне сериозна намера да ја урне Наумовата црква и на исто место да изгради поголем храм од делкани камења. Но, од непознати причини, игуменот Серафим I, иако имал одобрение и од отоманските власти, се откажал од изградбата на новата црква. Делканите камења биле подарени за изградба на црквата Св. Врачи Големи во Охрид.

Оваа црква има облик на трикорабна базилика. Подоцна била преправана. Кај влезната врата се наоѓа една фреска, дело на Дичо Зограф, од 1867 година на која се прикажани светите Кузман и Дамјан.

 

КАТОЛИЧКАТА ЦРКВА ВО ОХРИД

 

Во новиот дел на Охрид во близина на крајбрежјето на Охридското Езеро до хотелот “Палас”, се наоѓа новоизградената католичка црква која им е посветена на тројца заштитници на Европа, словенските апостоли браќата св. Кирил и Методиј и св. Бенедикт.

Изградена е во 2001 година. Олтарската слика на која се прикажани светителите Кирил и Методиј и св. Бенедикт, е дело на италијанскиот сликар професор Винченцо Бианки.

Во овој католички пасторален центар се врши секојдневна црковна служба.

Надбискупот Алоиз Турк на Свети Духови на 18.05.1985 година, на првата страница на еден молитвеник, кој како документ се наоѓа во новата католичка црква во Охрид, ќе запише:

“Овај молитвеник, потпишаниот и го подарува на капеличката црква Св. Кирил и Методиј во Охрид, која ја купи и уреди во 1939 година по желба на тогашниот скопски бискуп д-р Јанез Гнидовец за сегашните бројни католици, а и како спомен на словенските благовесници – светите браќа Кирил и Методиј, нивните ученици Климент и Наум, а исто така и на некогашната охридска католичка надбискупија, која практично исчезна 1656 година со преместувањето на Андреа Богдани во Скопје, која тогаш стана надбискупија и беше сè до 1924 година”.

 

  • СВЕТИТЕ КИРИЛ И МЕТОДИЈ

По повод 1000 годишнината од Моравската мисија на браќата св. Кирил и Методиј и одобрувањето на словенската богослужба, католичката црква во 1880 година одредува дека во целиот свет треба да се празнува Денот на словенските просветители.

100 години подоцна по повод 1100 годишнината од Моравската мисија и одобрувањето на словенската богослужба, папата Иван Павле II на 31.12. 1980 година, светите Кирил и Методиј ги прогласува за заштитници на цела Европа.

Пред 12 векови, во втората половина на IX век, браќата Кирил и Методиј од Солун по желба на византискиот цар Михајло, а на молба од моравскиот кнез Ростислав, добиле задача како монаси – мисионери да одат во Моравија (средновековна држава на територијата на денешна Чешка) и таму да го проповедуваат христијанското учење меѓу незнајбожните Словени. Со Мисијата требало да се обезбеди византиско влијание во тој дел на Европа.

Св. Кирил и Методиј за оваа дејност сериозно се подготвиле. Најпрвин, ја составиле словенската азбука (глаголицата) и на јазикот на македонските Словени кои добро го знаеле, од грчки ги превеле потребните црковни книги. На тој начин го создале првиот словенски книжевен јазик и станале основоположници на словенската книжевност.

По смртта на св. Кирил и Методиј, нивните ученици биле прогонети од Моравија. Некои од нив, меѓу кои св. Климент и св. Наум, доаѓаат на територијата на денешна Република Македонија. Така, учениците на словенските браќа, св. Климент Охридски и св. Наум Охридски, во Охрид и во поширокото подрачје од 886 година почнале да го создаваат новото жариште на словенската духовна култура.

Најголемата заслуга на св. Климент е описменувањето на цела плејада нови просветители кои придонесле овој дел на Балканот да достигне највисоко просветителско ниво меѓу сите словенски народи од тоа време.

Св. Бенедикт (ова име значи благословен) од Нурсија бил основоположник на Западното монаштво, а папата Павел VI на 24 октомври 1964 година го прогласил за прв заштитник на Европа. Св. Бенедикт “со крст, книга и плуг донесе напредок на христијанските народи распространети од Средоземното Море до Скандинавија и од Ирска до рамничарските пространства на Полска”.

Од Охрид и Охридскиот крај се ширела словенската писменост и словенската духовност надвор од Македонија, дури и после еден век од смртта на св. Климент Охридски (916 г.), па сè до пропаста на Самуиловото царство (1018 г.). Македонија мошне силно влијаела врз ширењето на словенската писменост и словенската духовност во соседните јужнословенски земји,особено во Србија, Црна Гора и Хрватска, а подоцна – по покрстувањето на Словените кон крајот на X век, и во далечна Русија сè до Камчатка и Владивосток.

Меѓу јужните Словени – католици: Хрвати и Словенци почитувањето на учениците на св. Кирил и Методиј секогаш се поврзува и со имињата на св. Климент Охридски и св. Наум Охридски. Нивното славење започна да се шири во шеесетите години на XX век. За прв пат нивниот празник односно спомен-денот е забележан во народниот католички календар “Даница”, кој го издава хрватското католичко друштво “Св. Јероним”, денес Св. Кирил и Методиј, во 1967 година.

Бидејќи во западната католичка литургија не можат да се внесат никакви личности без согласност на Рим, бискупите од Словенија побарале дозвола од Ватикан во својот календар да воведат задолжителен спомен – ден на Св. Климент Охридски, на 27 јули. Тоа било во 1972 год. Три години подоцна, во 1975 год., истото го направила и Ѓаковско – сремската бискупија. Двете молби биле позитивно решени. Така, славењето на Св. Климент Охридски се вкоренува меѓу Хрватите и Словенците. Тоа е прифатено од издавачите на сите календари, така што денес нема ниту еден католички календар во кој не е внесен празникот на Св. Климент Охридски, секоја година на 27 јули.

 

ИСЛАМСКИ СПОМЕНИЦИ ОД ОТОМАНСКИОТ ПЕРИОД ВО ОХРИД

 

Прочуениот турски патеписец Евлија Челебија во 1670 година дава опширен опис на Охрид. Градот го опишува како развиено, богато и големо трговско место. Го споредува со тогашен Дамаск и Каиро и со другите градови на Блискиот Исток и во Отоманската Империја. Охрид имал неколку убави и големи џамии. Меѓу нив Челебија ја споменува Аја Софија (катедралната Св. Софија), потоа џамијата Охризаде или Царската џамија во стариот ритчест дел на Охрид, позната под името Имарет џамија.

Куќите на македонското население во стариот дел на градот биле убави и мајсторски градени, скалесто една врз друга и свртени кон езерото.

Климентовата манастирска црква Св. Пантелејмон во месноста Плаошник, под Самуиловата крепост, била претворена во џамија. Џамијата Имарет, како своја задужбина ја изградил Синан (Јусуф) Челеби, припадник на угледниот турски род Охризаде. Оваа џамија повеќе не постои. Врз археолошките остатоци на најстариот словенски манастир Св. Пантелејмон, кој во 893 година го изградил св. Климент Охридски, се наоѓа новоизградениот храм, Климентовата манастирска црква Светите Климент и Пантелејмон, која на 11 август 2002 година, свечено беше осветена.

Возобнувањето на Климентовата манастирска црква Светите Климент и Пантелејмон е извршено врз остатоци на оригинални ѕидови од сите градежни фази на црквата од IX до XIV век и остатоци на џамијата Султан Мехмед од крајот на XV век. Како граница меѓу обновените и оригиналните ѕидови при градењето е поставена оловна лента од внатрешната и надворешната страна на ѕидовите.

Во непосредна близина на возобновената манастирска црква на Светите Климент и Пантелејмон, се наоѓа турбето во кое Синан (Јусуф) Челеби бил погребан во 1493 година. Џамијата имала повеќе називи, Царска џамија, Синан Челеби џамија, Султан Мехмед џамија, а најпозната е како Имарет џамија.

Од 1491 година е сочуван еден документ на арапски јазик, според кој Синан (Јусуф) Челеби, подарувајќи свој имот, ја формирал добротворната установа Имарет (трпеза) за сиромашни и сираци, која постоела сè до 1912 година.

Турците кога го освоиле Охрид, кај народот затекнале големо почитување на св. Климент Охридски како светец. Под народното влијание, иаку неговиот манастир го претвориле во џамија, Турците продолжиле св. Климент да го почитуваат како светец под името “Синан баба” (свети татко).

Во рамничарскиот дел на Охрид има десетина џамии изградени во турскиот период. Заради недостаток на пишувани документи, не е можно подетално да се зборува за овие градби од исламската архитектура. Сепак, тие претставуваат белег на своето време и како такви заслужуваат внимание.

Градени се во различно време. Главно ги граделе локалните турски феудалци – паши и бегови, како свои задужбини, поради што по нив го добиле и своето име.

Охридските џамии се скромни, како по своите размери, исто така и по внатрешната декорација. Најмногу се ѕидани од бигор и ја имаат вообичаената големина на помали мухамедански храмови во овој дел на Балканот.

Охридските џамии се изградени во рамничарскиот дел на градот, каде што во турскиот период минувале караванските патишта кон Драч (кон Јадранското Море) и кон Солун (кон Егејското Море).

Ајдар – пашината џамија, која се наоѓа на улицата “Гоце Делчев” (на стариот пат од Охрид кон Струга) е најстарата охридска џамија. Како своја задужбина ја изградил во 1490 година Ајдар – паша, по кого го добила името. Тој во неа е и погребан. Овде во XIX век имало медреса – муслиманско верско училиште.

Во рамките на крстопатот кај Чинарот, се наоѓа Теќето на охридските дервиши од редот на Халветите. Во 1590 година џамијата на ова место, како своја задужбина, ја изградил Зејнел Абедин – паша, која го носи неговото име. Инаку првиот шех (поглавар) на охридските дервиши бил Хаџи Мухамед Хајати, по потекло од Персија. Неговиот гроб е на челно место во турбето кое се наоѓа во состав на денешното теќе.

Од Чинарот, на почетокот на улицата “Св. Климент Охридски” во чаршијата, над бројните дуќанчиња, доминира кубето на Али – паша џамија, изградена во 1573 година од Сулејман паша. Во 1823 година била извршена адаптација од страна на везирот Али – паша, чие име го носи и денес.

Во првите години на XXI век, врз оваа џамија во Охрид беа вршени нови градежни адаптации.

 

НАРОДНИОТ МУЗЕЈ

 

Сместен е во куќата на семејството Робевци, на улицата Самуилова, ремек – дело на градската архитектура на Охрид од XIX век, на која и припаѓаат одреден број куќи во ритчестиот дел на градот, кои ги проектирале градители од околината на Дебар.

Музеј во Охрид постоел уште во почетокот на XVI век. Тоа бил Архиепископскиот музеј во црквата Св. Богородица Перивлепта, кој бил расформиран во 1916 година. Сегашниот музеј е формиран во 1951 година. Тој е еден од ретките музеи во Република Македонија, чии збирки се наоѓаат во повеќе објекти: во куќата на семејството Робевци, семејството Уранија, на илинденскиот револуционер Христо Узунов, во управната зграда на Заводот и Музејот, како и во музејскиот комплекс кај црквата Св. Богородица Перивлепта, каде што се наоѓа Галеријата на охридски икони од XI до XIX век.

Народниот музеј располага со археолошки збирки во кои се наоѓаат предмети од праисторијата, античкиот период и средновековниот период на Охрид. Има богата збирка на охридски икони, нумизматичка збирка на околу девет илјади монети од античкиот период до доцниот среден век, предмети и документи од периодот на Преродбата, Илинденското востание и Народноослободителната борба.

 

ЕКСЛУЗИВНА АРХЕОЛОШКА ПОСТАВКА ВО НАРОДНИОТ МУЗЕЈ

 

Во кружната застаклена витрина што полека се ротира во една од просториите во куќата на Робевци во Охрид, се изложени женската златна посмртна маска, златна ракавица со прстен, сребрени сандали и седумдесеттина гробни прилози кои беа пронајдени на 30 септември 2002 година кај Горна порта крај северниот ѕид на Самуиловата тврдина во стариот дел на Охрид, во гробница од пред 2500 години во некрополата од V век пред новата ера.

 

КОНСТИТУИРАЊЕ НА МАНУ ВО ОХРИД

 

Ново и мошне значајно поглавје во современата македонска култура беше формирањето на МАНУ. Изборот на првите академици беше извршен на 17. и 18. август 1967 година во Охрид, во куќата на Уранија која припаѓа на Народниот музеј.

Кон крајот на 1967 година беше конституирана оваа највисока научна институција во Македонија, со седиште во Скопје. Истата година на 11 октомври на денот на Востанието на македонскиот народ, тогашниот претседател на Собранието на Македонија, Благоја Талевски свечено ја отвори новата зграда на МАНУ во комплексот на палатите на културата на левиот брег на реката Вардар во Скопје.

За прв претседател на МАНУ беше избран познатиот научник и писател Блаже Конески, кој има огромни заслуги за македонскиот јазик и литература. Тој е автор покрај другото, на следните дела: “Граматиката на македонскиот јазик” и “Историја на македонскиот јазик”.

Од јануари 2004 година до октомври 2007 година претседател на МАНУ беше академикот проф. д-р Цветан Грозданов, роден охриѓанец, најистакнат истражувач на културното и уметничкото минато на Охрид во текот на последните децении на XX век и во почетокот на XXI век. Неговите дела се вбројуваат во најзначајните, во областа на византиските студии.

 

ГРАДСКАТА АРХИТЕКТУРА ОД XIX ВЕК

 

Градската архитектура на Охрид зазема посебно место во културното наследство поради тоа што овде, повеќе отколку во другите македонски градови, е зачуван изразитиот тип на ориенталната градска куќа ѕидана во текот на XVIII, XIX и почетокот на XX век. Народните мајстори ги ѕидале овие куќи под влијание на ориенталната и византиската градежна традиција.

Токму затоа не треба да нè зачудува ниту фактот што и големиот француски архитект Ла Корбизје во своите “Собрани дела”, во делот на градската архитектура на Балканот и македонската градска куќа, посветува особено внимание на нејзините фасади, чардаци и внатрешни изгледи.

 

ОХРИДСКАТА ЧАРШИЈА

 

Според белешките на турскиот патеписец Евлија Челебија од XVII век, охридската чаршија зафаќала доста голем простор од предградието. Овде се наоѓале сите најнеопходни занаетчиски работилници и трговски дуќани. Евлија Челебија набројува 150 дуќани, три бесплатни конаци и три анови. Имало седум кафеани во кои се состанувал образованиот свет. Меаните биле сместени во ритчестиот дел на градот, каде што живеело христијанското население.

Повеќето дуќани во старата чаршија се изградени од делкани камења во текот на XIX век. Од зачуваните дуќани, најголем број биле сопственост на охридските (македонски) трговци, што се дознава од називите што се наоѓаат во горните делови на фасадите. Покрај имињата и презимињата на трговците, се наоѓа годината, дури и месецот кога одреден дуќан бил изграден.

 

УМЕТНИЧКИ ЗАНАЕТИ ВО ОХРИД

 

  • ШКОЛА ЗА ВИЗАНТИСКО СЛИКАЊЕ

Охрид низ вековите бил град со богата средновековна сликарска традиција.

Охрид покрај Синај и Атос располага со најголема колекција на византиски икони од XI до XIX век. Охридската колекција изложена во Галеријата на икони во музејскиот комплекс на црквата Св. Богородица Перивлепта ја сочинуваат над 30 икони со врвни уметнички квалитети. Повеќето икони настанале во охридските сликарски работилници, а некои во текот на вековите како подароци биле испраќани од Цариград или од Солун.

Скоро сите икони на сегашната охридска галерија создадени до XV век се издвојуваат со своите исклучителни колористички решенија и со убавината на сликарската обработка. Тие како да се исткаени со префинети односи на златна, виолетова и сина боја и жолти тонови без ни еден акцент, кој би го нарушувал колористичкото единство на целината. Некои од овие икони биле работени за литии, така што се сликани од двете страни. Литиските икони на охридската збирка спаѓаат меѓу најдобрите дела на оваа колекција на византискиот иконопис.

Охридските икони се дела на зографи на различни генерации и на припадници на сите можни постојни правци на византиското средновековно сликарство во распон од повеќе векови. Тие се работени во разни техники. Најбројни се иконите сликани со темпера на штица, а ретки се оние што биле изработени во мозаична техника, исчукани како релјефи во сребро или резбани во дрво.

Повеќемина сликари на охридските фрески паралелно работеле и икони за овдешните цркви. Иако зоографите не ги оставиле своите потписи, денес со голема сугурност може да се следи работата на одделни сликари кои паралелно работеле и фрески и икони. Во подоцнежните времиња, охридските зоографи сликајќи икони како мостри ги користеле ликовите на фреските во Св. Богородица Перивлепта од XIII век.

Со сребрени опкови се украсени десетина икони на охридската колекција. Овие опкови имаат исклучително значење за запознавање на применетата уметност во средниот век, а посебно за проучувањето на дејноста на средновековните уметнички работилници. На опковите на охридските икони се прикажнани минијатурни ликови на светители и пророци минијатурни композиции на Стариот и Новиот Завет, симболите на Евангелистите како и растителни и геометриски орнаменти.

Опковите на охридските икони се дела на уметничкото занаетчиство од XI век наваму. Високите уметнички вредности на овие сребрени опкови се содржани во прецизната обработка на минијатурните релјефи. Нивните творци биле уметници со најголеми креативни можности на своето време.

Денешната колекција на охридските икони е комплетирана по Втората светска војна. Посебни заслуги за тоа му припаѓаат на сликарот и конзерватор Здравко Блажиќ. Тој повеќе охридски икони нагризани од црвојадина, поцрнети или подоцна невешто досликувани ги затекнал пред неповратно уништување. Сликарот Блажиќ по деталниот преглед констатирал дека најголем непријател на дрвото на кое било сликани овие икони бил еден вид црв познат под називот “Anobium”. Ова црвче иконите ги нагризува до таа мерка, што внатрешноста на дрвото станува како сунѓереста материја. Затоа требало да се пристапи кон нивна замена на дотраеното дрво и на тој начин на охридските икони да им се продолжи векот на траењето. Црнилото од чадот впиен од лакот, повеќе не овозможувал да се распознаат боите на вистинските ликовни квалитети на некои од најзначајните охридски икони. Во ваква состојба била и прочуената икона на апостол Матеј од XIII век, како и уште попрочуената двојна икона Богородица Психосотрија (душеспасителка) односно спротивната страна на оваа икона на која е насликана композицијата Благовештение.

Повеќе охридски икони подоцна засекогаш исчезнале. Голем број икони од Охрид се наоѓаат во разни музеи и збирки. Меѓутоа, денес тешко може да се утврди колку икони се наоѓаат во други колекции.

Исто така тешко може да се утврди колку икони имало во Охрид во времето кога Климентовиот град го доживеал својот уметнички просперитет.

Иконостасите на охрдските цркви биле обновувани. Старите икони отстапувале место на икони од понов датум.

Охридската туристичка агенција “Деатурс” со цел продолжување на повеќевековниот иконопис, во 2005 година, во соработка со сликарот Владислав Коцарев во Охрид ја отвори првата школа за византиски иконопис. Сите љубители на средновековната уметност во текот на десетдневен почетен курс со теоретски и практични предавања на сликањето на икони, имаат можност да изработат икони на изворниот византиски начин и да ги понесат и како свои сувенири од Охрид.

 

  • РЕЗБАРСКИ АТЕЛЈЕА

Македонското дрворезбарство својата кулминација ја достигнува во првата половина на XIX век со изработката на иконостасите во црквата Св. Спас во Скопје и во манастирот Св. Јован Бигорски во долината на реката Радика. Во тоа време покрај Петар Филиповски од селото Гари, најпознати резбари биле неговиот брат Марко и Макарие Негриев Фрчковски, коишто подолго време работеле заедно.

Во Македонија, XIX век станува век на македонските селани – резбари и зографи. Здружени во бројни тајфи напролет ги напуштале селата Галичник, Лазарополе, Гари, Осој и Тресонче, и оделе на печалба низ целиот Балкан. Во доцнежната есен се враќале на падините на Бистра и другите планини по долината на реката Радика.

Македонските резбари од околината на Дебар со иконостаси во резба ги украсиле и охридските цркви Св. Богородица Болничка и Св. Богородица Каменско, кои се вбројуваат во позначајните остварувања. На иконостасите како ретко кои во уметноста на христијанскиот Исток, резбарите длабоко навлегувале во срцето на дрвото барајќи го неговиот најмелодичен јазик. Тие со своите глета ги откривале чудесните форми на масивните столбови во ореово дрво и во нив ги замислувале и изведувале сцените од Стариот и Новиот Завет.

Во почетокот на XIX век македонските селани од падините на планината Бистра и долината на реката Радика оставиле високи уметнички резбарски дела кои се сочувани до наше време.

Во периодот пред и по Првата светска војна изработувањето на резба во дрво почнало брзо да опаѓа. Со цел да ја обнови оваа уметничка дејност, академскиот вајар Бранислав Јованчевиќ во 1928 година ја формирал уметничката дрворезачка школа во Дебар. Оваа школа во 1930 година била преселена во Охрид. По Втората светска војна во Охрид е формирано училиште за резбарство, кое подоцна е префрлено во Скопје како отсек на тамошнато училиште за применета уметност.

Резбарството во Охрид доби нов полет во годините на втората половина на XX век. Така во текот на повеќегодишната работа на Ателјето за уметничка резба “Андон Дуков” во Охрид, некогашните ученици на школите за резбарство во Дебар и Охрид како вистински продолжувачи на богатите резбарски традиции во Македонија, изработија повеќе дела од исклучителна уметничка вредност.

Во Охрид живеат и работат последните генерации на резбари во првите години на XXI век: Ајри Доко, Љубен и Сашо Џамбазови, татко и син, Димче Јанко, Кочо Аиноски и други следбеници на резбарската традиција во Македонија.

 

  • УМЕТНИЧКАТА ДЕЈНОСТ НА АНАСТАС ДУДАН

Анастас Дудан е роден во 1958 г. во Охрид. Со години настапува како единствен претставник на применетата уметност во Македонија. Тој се занимава со метална обработка на експонатите од средновековните уметнички ризници на Охрид.

Анастас Дудан прв пат излагал во Охрид во црквата Св. Никола Болнички во 1998 г. Самостојни изложби имал во Скопје во 1999 г., во Струмица во 2001 г. и во Eтнографскиот музеј во Белград во 2002г.

Денес во личноста на машинскиот инженер Анастас Дудан се обновува една дејност, чијaшто континуираност во религиозната тематика мислевме дека веќе е заборавена. Во тој поглед, Анастас Дудан е првиот творец што се придружува кон генерацијата нови зографи и резбари со кои охридскиот регион и во XX век се појавува како носител и чувар на нашето наследство од духовниот центар на св. Климент Охридски – констатира академикот д-р Цветан Грозданов, во освртот за творештвото на Анастас Дудан во каталогот на една од првите изложби.

Во опусот на творештвото на Анастас Дудан спаѓаат икони, опкови за икони, опкови за евангелија и разни орнаменти со мотиви од македонското културно наследство. Златните маски од Требеништа се исклучително богатство, бидејќи имаат убава орнаментика, но и претставуваат сведоштво за развојот на уметноста на луѓето што живееле во овој крај пред повеќе од два милениуми.

Анастас Дудан смета дека за изработката на едно негово дело, во неговата ефективна работа големо влијание имаат Сонцето и Месечината, но и водата на Охридското Езеро.

“Живеам во непосредна близина на езерото. Кога ќе почувствувам потреба за полнење на моите “батерии” го напуштам моето ателје. Одам до брегот на езерото, се восхитувам на убавиот поглед. Езерото и стариот дел на градот Охрид ми се како на дланка. Се восхитувам на убавиот поглед на црквата Св. Јован Канео. Ги гледам Самуиловите кули, куќите на убавата староградска архитектура. Доволни ми се само неколку мигови. Повторно се враќам во моето ателје” – објаснува Дудан.

Во неговото творештво каде што е застапена ликовната обработка на металот на музејските експонати, Дудан трпеливо ги обработува како автентични сведоци на вековите.

 

РАБОТИЛНИЦИ НА ОХРИДСКИОТ БИСЕР

 

  • СЕМЕЈСТВОТО ТАЛЕВИ

Од 1924 година семејството Талеви изработува охридски бисери. Тајната на подготовката на емулзијата се пренесува од татко на син.

Емулзијата со која се премачкува зрното на охридскиот бисер е од природно потекло и се прави со извлекување на среброто од крлушките на плашицата.

Климент Талев е второ колено на семејството Талеви кое се занимава со изработка на охридски бисер. Неговиот син Ване е третото, а внуците Климент и Михајло се четвртото колено. Талеви се особено горди што англиската кралица Елизабета II ги носи охридските бисери специјално изработени токму во нивната работилница.

 

  • СЕМЕЈСТВОТО ФИЛЕВИ

Меѓу претендентите на титулата “крал на охридските бисери” со семејна традиција од 1928 година, спаѓа и семејството Филеви, кое се занимава со изработка на охридскиот бисер.

Во далечната 1928 година Михајло Филев ја дознава тајната за изработување бисери, од крлушките на плашицата, ендемичен вид риба во Охридското Езеро. Семејството Филеви започнува со изработка на бисери пренесувајќи ја вештината од колено на колено.

Повеќе од 80 години бисерниот накит на Филеви како водечки сувенир во градот Охрид, усовршуван од секоја нова генерација, станува дел од колекциите на многумина во Македонија и низ светот.

 

КУЈУНЏИСТВО И ФИЛИГРАН – ВАНГЕЛ ДЕРЕБАН

 

Прегледот на светилиштата и култните места на Охрид секако не би можел да биде комплетиран без кажувањето за Вангел Деребан, чија филигранска работилница е жив музеј на овој традиционален начин на изработка на накит.

Кујунџиството, односно филигранот е повеќевековна традиција и во Охрид и во Струга.Во семејството Деребан како и во другите семејства кои се занимаваат со кујунџиство, занаетот се пренесува од татко на син. Вангел Деребан со голема љубов ја негува оваа традиција.

 

БАКРОРЕЗ

 

Семејната традиција на изработка на производи од бакар на Маринови од Охрид, трае девет децении. Во 1914 година во Охрид беше основана бакрорезачката работилница. Славе Маринов како трета генерација и ќерката Марија Маринова како четврта генерација во овој занает успешно ја спроведуваат вековната традиција: ги изработуваат предметите и накитот од бакар и месинг со рачна гравура и со чукање. Имаат своја занаетчиска работилница во старата охридска чаршија под името “Маринов”.

 

КОЖАРСТВО

 

Во старата охридска чаршија се наоѓа познатата работилница на браќата Ѓорѓи и Милчо Белеви за рачно производство на кожни предмети. Уживаат голема популарност во Холандија и секоја година гостите од оваа држава ја посетуваат работилницата и како сувенири купуваат кожени опинци и други производи.

 

Автор на текстот Ристо Кузмановски