ЌЕ СЕ ВОСПОСТАВУВА СОРАБОТКА ПОМЕЃУ ОХРИД И ОГРОЏЕЊЕЦ
- септември 22, 2021
- 0
Денеска во Охрид, се одржа работна средба на градоначалникот Константин Георгиески и градоначалничката на Полскиот град Огроџењец, на кој присустувуваа и претставници на двете општински администрации и бизнис заедници од двата града. Иницијативата за оваа средба доаѓа како резултат на претходните средби на градоначалниците, а се очекува во наредните денови соработката да добие и институционална форма.
–Јас се надевам дека оваа соработка нема да остане само добра волја на хартија, туку дека ќе се продлабочи во иднина. Особено ми е драго што на оваа средба се присутни луѓе од речиси сите области во бизнисот и се надевам дека работата во групи ќе даде посебен придонес и во иднина ќе прерасне во сериозна бизнис соработка со големи потенцијали. Охрид како град сам по себе нуди широка лепеза на области за развој и меѓусебна соработка, почнувајќи од туризмот и угостителството како град којшто е лоциран на едно од најстарите природни езера во светот. Но, не е само туризмот, ние како локална самоуправа цврсто се залагаме за развојот на индустријата во градот, и во таа насока имаме изготвено стратегија за привлекување на инвестиции во индустриските зони – истакна во своето обраќање градоначалникот Константин Георгиески.
Претставниците на двете општински администрации и бизнис заедниците разговараа на повеќе теми и се согласија дека помеѓу Охрид и Огроџењец може да се воспостави блиска соработка во повеќе области.
–Почнавме да соработуваме со градоначалникот на Охрид и имам надеж дека ќе продолжи таа соработка. Соработката меѓу две општини и бизнис секторот се најважниот маркетинг за две општини и ако заедно се претставуваме тоа ќе биде двојно задоволство и двојно повеќе работа. Но, тоа не е најважно во една општина, грижата за своите локални жители е најважното нешто за една општина- истакна градоначалничката на Огроџењец Ана Пиларцук.
Денешната работна средба е во организација на Полскиот Тур-оператор “Рего Бис“, преку кој доаѓа најголемиот број на полски туристи во нашата земја.
На средбата на градоначалникот Георгиески од страна на градоначалничката на Огроџењец Ана Пиларцук, му беше предадено писмо за намери и меморандум за соработка, а се очекува во наредните денови Советот на Општина Охрид на седница да ја формализира соработката помеѓу двата града.