ОХРИД ДОМАЌИН НА СЛОВЕНЕЧКИ КУЛТУРЕН НАСТАН
- јуни 22, 2019
- 0
- Категорија:
Доцна попладнево во Центарот за култура „Григор Прличев“ се одржа промоција на книгата „Мартин Крпан- дипломат и воин“ од амбасадорот на Р. Словенија во Р. Северна Македонија Н. Е. Милан Јазбец, а беше отворена и изложбата на уметнички слики од словенечката сликарка Аленка Герлович.
Поздравно обраќање пред присутните имаше претседателката на Советот на општина Охрид, Живка Ангелоска.
– Огромно е задоволството да се присуствува на културен настан кој обединува и зближува два народи. Верувам дека изложбата на слики од словенечката сликарка Аленка Герлович и промоцијата на книгата „Мартин Карпан – дипломат и воин“ од амбасадорот Милан Јазбец, претставуваат чекор напред во културното поврзување на Р. Словенија и Р. Северна Македонија, од чие досегашно пријателство произлегоа многу примери на партнерство и соработка. Ваквите културни случувања ги поставуваат темелите за поблиска соработка и размена на идеи и културни добра меѓу двете држави . Сите ние имаме единствена мисија на зацврстување на пријателските односи и афирмација на културните вредности и традиции меѓу двете држави. Ваквите случувања се битни и за туристички развој и напредок на Охрид затоа што привлекуваат словенечки туристи кои од секогаш се добредојдени на охридската ривиера . Децении наназад Охрид бил домаќин на многубројни светски познати личности, уметници, великодостојници , добронамерници . Сите биле убаво дочекани, го пронашле тоа што го барале, заминувале со многу убави спомени и повторно се враќале кај нас. Јас верувам дека овој денешен убав културен настан ќе биде повод за наши повторни средби и организирање наредни културни случувања– рече Ангелоска.
Промотор на книгата „Мартин Крпан- дипломат и воин“ беше проф. д- р. Кристина Николоска.
Настанот беше проследен од бројни посетители од земјава и странство.