ПРОМОВИРАНА МОНОГРАФИЈАТА ПО ПОВОД ЈУБИЛЕЈОТ 60 ГОДИНИ „ОХРИДСКО ЛЕТО“
- август 14, 2020
- 0
- Категорија:
Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески присуствуваше на промоција на монографијата „Фестивалска приказна“ што вечерва се одржа во предворејто на црквата Света Софија, а по повод 60 години од основањето на фестивалот „Охридско Лето“.
Во своето обраќање пред присутните градоначалникот Георгиески рече:
– Голема е честа и заедничко е задоволството да се присуствува на промоција на публикацијата „Фестивалска приказна“ која е создадена по повод одбележување на јубилејот 60 години „Охридско Лето“. Упатувам честитки до авторите на делото Снежана Анастасова – Чадиковска и Роза Нолчева – Ангеловска за вложениот труд на лист хартија да ја сублимираат успешната приказна на најпознатата музичко сценска манифестација кај нас и на Балканот. Одговорноста да се креираат вакви дела е огромна затоа што „Охридско Лето“ е нашиот најпрепознатлив бренд кој не прави неизмерно горди и среќни, затоа што со него Охрид станува дом на уважување, разбирање и размена на културните разлики.
Врвни светски имиња од областа на музиката и театарската уметност во изминативе шест децении биле дел од фестивалот со што тој полека станува место за поставување и развој на интеркултурниот дијалог со почитување на различностите. Со тоа градот се промовира во Светот не само како културен центар туку како и атрактивна туристичка дестинација. Токму затоа Охрид и граѓаните го поставија „Охридско Лето“ високо на врвот на приоритетите во делот и на културата и на туризмот.
Велат дека извонредноста никогаш не е случајност. Секогаш е резултат на силна намера, искрен напор и паметна изведба. Таа претставува мудар избор помеѓу многу алтернативи. Во таа смисла упатувам честитки и до организаторите на годинешното фестивалско издание кои во услови на Светската пандемија од КОВИД 19 строго придржувајќи се на здравствените мерки и протоколи успешно ја реализираат секоја фестивалска ноќ со тоа надградувајќи ја успешноста на фестивалот . Во ова време на светска здравствена криза се истакнува значењето на секој уметнички настан како цивилизациска придобивка да биде најголем архитект на соживотот и заедничката соработка помеѓу народите и државите, а уметниците се тие кои се медијатори на мирот и разбирањето меѓу нив. Од тие причини низ годинешната програма која ја подготвија драмскиот и музички селектор заедно со менаџментот на фестивалот и со Министерството за култура уверен сум дека овие цивилизациски пораки ќе бидат раширени од Охрид насекаде низ Светот.
Една птица не ја прави пролетта, како ни еден убав ден. Така и успешноста на фестивалот не е резултат на само едно фестивалско издание туку на сите претходни и наредни изданија кои се случуваат во континуитет. – истакна градоначалникот Георгиески.
Пред присутните се обратија и авторите на монографиjата Снежана Анастасова- Чадиковска и Роза Нолчева- Ангеловска. Двојазичната публикација на македонски и англиски јазик е разбирлива и прифатлива за пошироката публика со теми за почетоците, развојот и културолошкото значење на фестивалот . Таа е богато илустрирана со фото документи од бројни настапи на врвни уметници , а збогатена со содржини кои ја подвлекуваат неминовната поврзаност на „Охридско Лето“ со градот Охрид.
Првата монографија за фестивалот „Охридско Лето“ беше објавена во далечната 1980 година по повод 20- годишнината од неговото основање. Вакви публикации фестивалот објавува на секои десет години.