ПРОФ. Д- Р ЈОРДАН ПЛЕВНЕШ Е ГОДИНАШЕН ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА „ПАТРОН НА ГРАДОТ – СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“
- декември 5, 2023
- 0
Проф. д-р Јордан Плевнеш е годинашен добитник на највисокото општинско признание наградата „Патрон на градот – Св. Климент Охридски“ за 2023 година. Стручната комисија за доделување општински награди и признанија во состав Перчо Божиноски претседател и членовите проф. д-р Татјана Димоска, проф. д-р Цветко Андреески, Славе Ѓорго – Димоски и Горан Стојаноски одлуката ја донесоа едногласно и го доставија предлогот до градоначалникот Кирил Пецаков.
Според Стручната Комисија, во споредба со другите предлози, се издвојува импозантната биографија на проф. д-р Плевнеш, неговото животно дело и неговата завидна научна дејност во драматургијата и неговата афирмација на Охрид и Република Македонија насекаде во Светот.
– Земајќи го предвид предлогот на Стручната комисија и општопознатите факти за неговата голема високовредносна и величествена идеја за Охридската академија на хуманизмот, со востановување на Охтидската Светиклиментова Светска награда за хуманизмот со која досега беа овенчани седумнаесет светски хуманисти – великани во своите професионални сфери, на Охрид му се даде уште една историска улога во неговата осум милениумска предисторија и историја. Наградата за хуманизам го осмислува Охрид од длабокото возбудливо историско минато , преку фактот дека Охрид во денешнината станува хуманистичко – филозофски стожерник , а аналогно на тоа Јордан Плевнеш е еден од најзаслужните такви стожери и неговите врвни долгогодишни остварувања кои се од особено значење и имаат голем придонес во развојот напредокот и севкупната афирмација на Охрид во Република Македонија и Светот- смета градоначалникот Кирил Пецаков кој одлучи годинашен добитник на наградата да биде проф. д- р Јордан Плевнеш.
За наградата до стручната комисија покрај проф. д-р Јордан Плевнеш, пристигнаа уште три предлози: Спец. д-р Никола Филчев кој е основач на Одделението Доенче мајка и прв негов раководител цели 15 години, Маријанчо Лазаревски за неговиот придонес и афирмација на традиционалното теквондо и д-р Павел Филев за неговите педесетгодишни заложби за промоција на Охрид преку фамилијарни заложби за изработка на Охридскиот бисер.