Проф. д-р  Јордан Плевнеш е годинашен добитник на највисокото општинско признание наградата  „Патрон на градот – Св. Климент Охридски“ за 2023 година.  Стручната комисија за доделување општински награди и признанија во состав Перчо Божиноски  претседател и членовите проф. д-р Татјана Димоска, проф. д-р  Цветко Андреески, Славе Ѓорго – Димоски  и Горан Стојаноски одлуката ја донесоа едногласно и го доставија предлогот до градоначалникот Кирил Пецаков.

 Според Стручната Комисија, во споредба со другите предлози, се издвојува импозантната биографија  на  проф. д-р Плевнеш, неговото животно дело и неговата завидна научна дејност во драматургијата и неговата афирмација  на Охрид и Република Македонија  насекаде во Светот.

 – Земајќи го предвид предлогот  на Стручната комисија и општопознатите  факти за неговата голема високовредносна и величествена  идеја за Охридската академија на хуманизмот, со  востановување на Охтидската Светиклиментова  Светска награда  за хуманизмот  со која досега  беа овенчани седумнаесет  светски хуманисти – великани во своите професионални сфери, на Охрид му се даде  уште една историска улога  во неговата  осум милениумска предисторија и историја. Наградата  за хуманизам го осмислува Охрид од длабокото  возбудливо историско минато , преку фактот дека Охрид  во денешнината станува хуманистичко – филозофски стожерник , а аналогно на тоа Јордан Плевнеш е еден од најзаслужните такви стожери и неговите врвни  долгогодишни остварувања кои се од особено значење и имаат голем придонес во развојот  напредокот и севкупната афирмација  на Охрид во Република Македонија и  Светот- смета градоначалникот Кирил Пецаков кој одлучи годинашен добитник на наградата да биде проф. д- р Јордан Плевнеш.  

За наградата  до стручната комисија  покрај проф. д-р Јордан Плевнеш, пристигнаа уште три предлози: Спец. д-р Никола Филчев кој е основач на Одделението Доенче мајка  и прв негов раководител цели 15 години, Маријанчо Лазаревски  за неговиот придонес и афирмација на традиционалното теквондо и д-р Павел Филев  за неговите педесетгодишни заложби  за промоција  на Охрид преку фамилијарни заложби  за изработка  на Охридскиот бисер.