По повод одбележувањето на јубилејот 95 години од смртта на револуционерот Петар Чаулев, денеска во Спомен куќата на Христо Узунов се одржа историски час. За ликот и делото на Чаулев, пред дел од неговите потомци и ученици од охридските училишта, зборуваа Д-р. Павле Митрески и Д-р. Никола Митровиќ.

На историскиот час, неговите потомци на историчарите им го предадоа двогледот на Патар Чаулев, реликвија за која науката треба да истражи кога и каде го користел. Воедно, беше соопштено дека  во програмата за спомен обележја  на општина Охрид за периодот 2019- 2024 година е предвидено подигнување на споменик на Патар Чаулев.

Петар Чаулев, роден во 1880 во Охрид, а бил убиен на 23 декември 1924 година  во Милано, бил учител, револуционер и учесник во Илинденското востание. Се школувал во Охрид и Битола и  учителствувал во Охридско. Бил организатор на револуционерните комитети во Охридско, Преспанско и Леринско. Во Илинденското востание бил војвода и раководител на Охридскиот револуционерен комитет, во 1911 г. бил член на ЦК на ВМРО. Учествувал во Балканските војни, во Тиквешкото и во Охридското востание, а потписник е на Мајскиот манифест од 1924 година.