Врз основа на член 36 и 48 од Законот за локална самоуправа („Сл. весник на Р.М.“ бр. 5/02) и член 18,26 и 74 од Статутот на Општина Охрид, Претседателот на Совет на Општина Охрид објавува:

 

ЈАВЕН ПОВИК
 ЗА ЧЛЕНОВИ НА ИНИЦИЈАТИВЕН ОДБОР ЗА ОРГАНИЗАЦИЈА И ОДДРЖУВАЊЕ НА ЛОКАЛНО МЛАДИНСКО СОБРАНИЕ НА ОПШТИНА ОХРИД

 

 

1. ОПШТИ ИНФОРМАЦИИ

За остварување на јавните потреби и јавниот интерес на младите луѓе на територијата на општина Охрид, согласно Законот за младинско учество и младински политики објавен во Служен весник на РМ бр. 10 од 16.01.2020 година, се наметнува потреба од формирање на Локален младински совет и конституирање на Локално младинско собрание.

Со формирањето на Локалниот младински совет се споделуваат обврските помеѓу општината и младинските активисти на начин што се гради партнерски однос помеѓу нив со цел подобрување на условите за живот на младите луѓе на територијата на општина Охрид.

Согласно законската регулатива, Општина Охрид како единица на локалната самоуправа, води активна политика на обезбедување услови и превземање системски активности за поддршка на младите и следење на нивните потреби.

Општина Охрид со статут предвидува формирање на локален младински совет.

Локалниот младински совет има советодавна и застапувачка улога во општината од делокругот на младински прашања и политики.

Претставниците на локалниот младински совет имаат право да:

      • Предлагаат точки на дневниот ред на Советот на општината кои ги засегаат младите;
      • Иницираат прашања за млади од делокругот на работа на општината;
      • Иницираат, учествуваат и даваат повратни информации за процесот на локална младинска стратегија и други политики;
      • Доставуваат информации до општина Охрид за прашања кои се однесуваат на младите; и
      • Вршат други советодавни и застапувачки работи во согласност со Законот за младинско учество и младински политики;

За конституирање на локалното собрание за млади се свикува иницијативен одбор, составен членови кои ги исполнуваат условите да членуваат  во собранието на млади.

Иницијативниот одбор со решение го формира Претседателот на Советот на општина Охрид.

Иницијативниот одбор е составен од пет члена и тоа: по еден член од подмладоците на првите две политички партии застапени со најмногу советници во Советот на Општина Охрид и три члена од локалните младински организации.  Членовите од локалните младински организации се избираат по претходно објавен јавен оглас од страна на претседателот на Советот на општина Охрид.

Иницијативниот одбор се формира само за оддржување на конститутивната седница на локалното собрание на млади. Со конститутивното собрание претседава најстариот член на иницијативниот одбор кој доаѓа од редот на младинските организации.

Иницијативниот одбор го распишува повикот за конститутивното локално собрание на млади во кој јасно е наведен датумот, местото и часот на оддржување на првата конститутивна седница на Собранието на млади;

 

2. ПРАВО НА УЧЕСТВО НА ЈАВНИОТ ПОВИК

 На Јавниот повик право на учество имаат претставници на: младински организации, организации на млади, ученички и студентски организации и други облици на младинско здружување кои се активни на територијата на општина Охрид.

Критериуми кои треба да ги исполнуваат младите лица кои имаат желба и интерес да се вклучат во иницијативниот одбор:

      • Да се жители на општина Охрид
      • Да бидат на возраст од 15-29 години;
      • Да се креативни и поседуваат искуство во областа: работа со млади и младински организации;

 

3. НАЧИН НА АПЛИЦИРАЊЕ И РОК ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ НА ПРИЈАВИТЕ

Аплицирањето по однос на јавниот повик се врши електронски на следната емаил адреса: sovetnamladiohrid@yahoo.com

Апликантите задолжително треба да ги достават следните документи:

      • Мотивационо писмо
      • Кратка биографија CV (во која задолжително ќе бидат наведени активностите во областа: работа со млади и младински организации);
      • Писмени предлози од предлагачите (доколку ги има)

Нема да бидат разгледувани пријавите доставени по истекот на рокот на Јавниот повик.

Материјалите доставени со пријавите на Јавниот повик не се враќаат.

Јавниот повик трае 5 дена од денот на објавувањето.

 

4. ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА РЕЗУЛТАТИТЕ ОД ЈАВНИОТ ПОВИК

Учесниците на Јавниот повик за резултатите ќе бидат известени со Решение донесено од Претседателот на Совет на Општина Охрид.

Резултатите од Јавниот повик ќе бидат објавени на веб страната на Општина Охрид (www.ohrid.gov.mk).

Техничката обработка на апликациите ќе ја изврши Одделението за млади и невладини организации на општина Охрид;

 

5. ДОПОЛНИТЕЛНИ ИНФОРМАЦИИ

 Дополнителни информации во врска со Јавниот повик може да се добијат на тел. 046 262 492/262 493 (во Одделение за млади и невладини организации).

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ: РЕШЕНИЕ ЗА ФОРМИРАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВЕН ОДБОР