Заменик амбасадорот на Австралија во Амбасадата во Белград, што ја покрива и Македонија, Филип Андерсон заедно со почесниот конзул на Австралија во Македонија, Зоран Костовски остварија протоколарна средба со градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.
На средбата разговараа за интензивирање на соработката, особено со збратимениот град Волонгог и со Квинбеин со кого Охрид има потпишано протокол за соработка. Заменик амбасадорот изрази задоволство да учествува во процесот на интензивирање на комуникацијата и соработката.
Градоначалникот Пецаков, ги запозна гостите со културно – историските знаменитости на градот и со богатата историја со што се отвора поле за соработка во повеќе области помеѓу Охрид и Австралија. Заменик амбасадорот Андерсон го увери градоначалникот дека е заинтересиран да придонесе во развој на соработката во бизнис сферата, образованието и туризмот, со оглед на фактот дека во охридскиот регион има многу бизнисмени повратници од Австралија, но и жители од регионот кои мигрирале во Австралија. Како идеја произлезе отворањето на канцеларија за комуникација и соработка со Австралија која би се отворила во Охрид.
Градоначалникот и Заменик амбасадорот се обврзаа активно да учествуваат во стимулирањето на невладините организации од Охрид што помасовно да испраќаат проекти за финансирање на повикот што во следниот период ќе го објави Амбасадата.