ЗДРАВСТВЕНО – ПРЕВЕНТИВНИ ПРЕПОРАКИ НА ЦРВЕН КРСТ ЗА ВОДИЦИ
- јануари 17, 2020
- 0
Во рамки на одбележување на големиот верски празник Богојавление-Водици и Денот на рибарите, Црвен крст- Охрид е вклучен со низа активности од областа на здравствено-превентивната и социјално-хуманитарната дејност.
На 18.01.2020 г. (сабота) од 19-23 ч., на пунктот на Црвен крст – Охрид поставен на платото помеѓу Капетанија и ресторанот „Чун“, медицински тимови на Црвен крст – Охрид ќе вршат основни здравствени прегледи на оние кои се одлучиле да „скокаат по крстот“. Од организацијата упатуваат апел и препорака до „скокачите по крстот“ да ја проверат својата здравствена состојба и се информираат за ризиците и опасностите кои постојат при капење во вода со температура од околу 6 oC.
За настанот на осветувањето на водата во Охридското езеро и скокање по крстот на Градското пристаниште во Охрид на 19.01.2020 (недела), Црвен крст ќе се грижи за безбедноста на капачите во вода и сите посетители на настанот со 4 тимови на спасители на вода распоредени долж градското пристаниште, 2 тима на спасители на вода во два спасителни чамци и 4 нуркачки тимови, како и со 7 медицински тимови за укажување прва помош со едно амбулантско возило, помогнати со медицински тим на Итната медицинска помош со амбулантско возило.
Црвен крст – Охрид до сите оние кои ќе бидат дел од настанот за одбележување на празникот Богојавление-Водици на Градското пристаниште во Охрид упатува апел за почитување на следните препораки:
Со оглед на ниската температура на водата во Охридското Езеро ( кај пристаништето 6.5 oC), релативно ниските температури на воздухот кои се најавуваат за недела (5 oC), северен ветар со брзина од околу 2 m/s , Црвен Крст повикува на исклучително високо внимание и претпазливост на оние кои ќе влегуваат во осветените езерски води.
- Да не влегуваат во вода доколку чувствуваат слабост или имаат било каков здравствен проблем.
- Оние што ќе влегуваат во вода ,во неа да се задржуваат кратко не подолго од 3 минути . Во вода телото се лади десеттина пати побргу отколку во воздух, особено при зголемени телесни активности.
- Да не конзумираат алкохол пред влегување во вода, а да конзумираат топли безалкохолни напитоци. Алкохолот рапидно го забрзува намалувањето на температурата во организмот.
- Да носат обувки при влегување во вода.
- Да имаат сува и топла облека при излегување од вода.
За сите кои ќе бидат дел од настаот на градското пристаниште препорачливо е да носат повеќеслојна облекаи да конзумираат топли безалкохолни пијалоци.